Нови 76 заразени и еден починат од коронавирус | Северна Македонија | DW | 02.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Нови 76 заразени и еден починат од коронавирус

Најголем дел од новозаразените се од Скопје, но министерот Филипче вели дека се знаат сите кластери. До четврток ќе се знае дали претстојниот празничен викенд во некои општини би можел да донесе локални рестрикции.

Бројот на заразени од Ковид-19 во Северна Македонија продолжува да расте. Во изминатото деноноќие регистрирани се 76 нови случаи, а едно лице починало. Овие бројки во меѓувреме се ажурирани, откако министерот за здравство Венко Филипче на попладневната прес-конференција најави дека се очекуваат резултатите од тестовите од уште една лабораторија. 
Регистрирани се 76 нови случаи на Ковид-19 и тоа во: Скопје-52, Куманово-2, Штип-1, Тетово-14, Велес-2, Гостивар-2, Кочани-1, Пробиштип-1 и Кратово-1

Здравствените власти вршат масовни тестирања во неколку скопски општини, во Штип и во Тетово, каде последниве денови беше најактивен вирусот.

Во Комисијата за заразни болести се разгледува можноста за враќање на рестриктивните мерки во пресрет на продолжениот викенд, но одлуката ќе се носи в четврток, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој ги отфрла забелешките дека таквите мерки би можеле да бидат задоцнети со објаснување дека здравствениот систем сега е многу поподготвен и повеќе се знае за коронавирусот одошто на почетокот на пандемијата.

„Рестрикциите и забраните се непожелни и можеме да ги избегнеме доколку ги почитуваме препораките“, вели Филипче.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, денеска изјави дека будно се следи состојбата со кластерите на заразени со Ковид-19, коишто се појавија во штипските конфекции, но и во правни субјекти во Тетово.

„До вчера во Штип се издадени 55 решенија за самоизолација на позитивни случаи и 169 решенија за лица коишто имале контакти со новозаразените. Во Тетово имаме издадено 8 решенија за позитивно дијагностицирани, за домашно лекување и самоизолација и 54 решенија за самоизолација за лица со контакти со позитивно дијагностицирани“, рече Сотирова-Бухова.

Филипче денеска уште еднаш ги отфрли критиките дека епидемијата повторно излегува од контрола.
„Точно се индентификувани заболените и контактите и тоа ни дваа за право да кажеме дека точно знаеме каде правиме анкети и тестираме“, вели Филипче.

„Целокупната работа беше водена и се уште се води стручно и професионално, врз основа на одличен систем на соработка на здравствените работници“.

Министерот за здравство објаснува дека навидум повисоката смртност од коронавирусот која се бележи во земјата се должи на „автентичен начин на евидентирање“ на случаите. Имено, во Северна Македонија се прави пост-мортем тестирање на сите смртни случаи, што не е случај во сите земји од регионот. На тој начин, вели Филипче, се добива вистинска слика за епидемијата и се заштитуваат граѓаните.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама