Нови дилеми привремено ќе го сменат списокот за вакцинирање | Северна Македонија | DW | 31.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Нови дилеми привремено ќе го сменат списокот за вакцинирање

Министерот за здравство, Венко Филипче најави дека во земјава со „Астра Зенека“ нема да вакцинираат лица помлади од 60 години.

Откако Канада објави препорака да не се вакцинираат лица помлади од 55 години со вакцината на „Астра Зенека“, а иста следеше и во Германија за лица помлади од 60 години, се вклучи и црвеното светло во Северна Македонија, каде токму денеска започнува имунизацијата со вакцината на британско-шведската фармацевтска компанија „АстраЗенека“.  

Министерот за здравство, Венко Филипче, синоќа во гостување на ТВ „21“ изјави дека по двата извештаи на Канада и на Германија донесена е одлука да се следат нивните препораки и дека и во земјава со „Астра Зенека“ нема да вакцинираат лица помлади од 60 години. Министерот најави дека за став за ова прашање ќе се обратат и до Европската медицинска агенција (ЕМА).

Денеска почнува вакцинирањето на повозрасни граѓани, на возраст над 77 години.

„Секоја вакцина која влегува во земјава е сигурна и безбедна. Ќе ги следиме сите насоки кои произлегуваат од меѓународните регулатори“, рече Филипче.

Очекувани реакции

Македонија преку КОВАКС-механизмот пред четири дена ја доби првата пратка од 24.000 вакцини на „АстраЗенека“, а во текот на април треба да добие уште 76.000 од истите. Но, првото искуство со неа граѓаните на земјава веќе го имаа во соседна Србија. Македонци на различни возрасти, меѓу кои и многу над 60 години, кои изминатиот период ја примиле вакцината на „АстраЗенека“ во Ниш или Белград, велат дека немале никакви несакани реакции, надвор од оние кои се очекувани.

„Еден ден имав блага темпертура, и се чувствував уморно, омалкасано и без сила, но за три дена исчезнаа тие симптоми. Единствено местото на убодот го чувствував неколку дена повеќе, но помина и тоа“, вели 63-годишен скопјанец.

Повеќе на темата:

Започнува имунизацијата во С.Македонија – во ред за АстраЗенека

И политичарите ќе чекаат ред за вакцинација

Ќе дојдат ли побрзо кинеските вакцини?

На вакцинација во Ниш - многумина без термин и во погрешен град

Помлади од него, лица меѓу 40 и 50 години, пак, велат дека освен мала омалаксаност и чувствителност на местото каде е аплицирана вакцината, немале температура и други тегоби. Сепак еден случај предизвика загриженост во домашната јавност: 73-годишен Македонец падна во кома веднаш по вакцинирањето  во Ниш. Но, Зоран Перишиќ, директор на тамошниот Универзитетски клинички центар, за БЕТА изјавил дека „анализите покажале дека неговата состојба не е последица на примената вакцина“.

Гледај видео 01:57

Србија: Вакцина за доверба

Случаи на несакани реакции во Европа, но повеќе кај помлади од 55 години, се предмет на загриженост на земјите кои донесоа препорака за лимитирање на возрасната граница под која привремено е запрено примањето на вакцината. Ова е нова контраверза што ги следи вакцините на „АстраЗенека", со оглед дека во почетокот прашањата се однесуваа за нејзини евентуални реакции кај лица над 65 години, бидејќи дотогашните студии на производителот немаа понудено одговори за таа возрасна група. Сега е обратно.

Пак испитување на сомнителни случаи

Канада се реши за лимитирање на возрасната категорија на лица кои ќе може да ја примат вакцината на „АстраЗенека" по препорака на канадскиот  Национален советодавен комитет за имунизација. Комитетот смета дека препораката треба да важи сѐ додека не се заврши испитувањето на ретки случаи на сериозни згрутчување на крвта (протромботична имунолошка тромбоцитопенија) кои неодамна биле пријавени во Европа по употребата на оваа вакцина, пред се кај жени на возраст под 55 години. Според Комитетот за имунизација, станува збор за мерка на претпазливост, додека се собираат информациите за да се провери стапката и причините за несаканите реакции на вакцината.

Вакцината на АстраЗенека“ беше трета одобрена вакцина во Европа, но до средината на март повеќе европски земји привремено ја запреа нејзината употреба, сѐ додека ЕМА не заврши со анализа на случаи на тромбоза на церебрални вени поврзани со вакцинирањето, при кои мнозинство од погодените биле жени помлади од 50 години.

По анализата спроведена од Комисија на ЕМА, повторно беше дадено „зелено светло“ за оваа вакцина. Комисијата соопшти дека вакцината не може да биде доведувана во врска со  згрутчувања на крвта и дека користа од неа против Ковид-19 убедливо ги надминува можните ризици.

И додека дилеми сепак остануваат, ново е тоа што компанијата производител го смени името на вакцината и таа наместо „вакцина Астра Зенека" сега се нарекува „Ваксзервија“. ЕМА минатата недела го одобрила новото име за вакцината.