Новиот правопис- одбрана на македонскиот јазик од глобализацијата | Северна Македонија | DW | 21.02.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Новиот правопис- одбрана на македонскиот јазик од глобализацијата

Во Скопје неделава беше промовирано новото издание на Правописот на македонскиот литературен јазик. Македонистите веќе размислуваат за изработка на Правописен речник.

По две и пол години работа новиот Правопис на македонскиот јазик ја виде светлината на денот. Промоцијата помина во знакот на седумте децении од првиот македонски Паравопис. Од последното негово осовременување поминаа 18 години, со тоа сосема беше јасна потребата од повторно негово дополнување „Подновувањето на Правописот не значи негово суштинско менување ниту, пак, скршнување од веќе зацртаните насоки од страна на претходните изданија на македонскиот правопис, кои беа поставени уште од неговите први составувачи Блаже Конески и Крум Тошев, по кои следуваа: Божидар Видоески, Тодор Димитровски, Кирил Конески, Крум Тошев и Радмила Угринова-Скаловска. Првото поголемо осовременување на македонскиот правопис, практично, е направено со Правописот од 1969 година по кој следуваше подновениот од 1998 година составен од истите автори без Тошев, кој почина во 1976 година,“ стои во предговорот на новото издание. Издавањето на Правописот е дел од Националната стратегија за развој на културата во РМ за периодот од 2012 до 2017. „ Советот за македонски јазик при Министерството за култура на РМ најде начин како тој да се објави. Тука особено треба да се спомене претседателката на Советот од тој период, проф. д-р Убавка Гајдова, која, за жал, не дочека да го види овој проект завршен. Од Редакцијата, проектот го замисливме така што да бидат вклучени сите научни работници од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и од Катедрата за македонски јазик со јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Поголемиот дел и прифатија. Исто така, во делот за транскрипција од други јазици вклучивме редица специјалисти со свои авторски прилози,“ вели д-р Симона Груевска- Маџовска.

Во македонскиот правопис се содржани најновите сознанија во славистиката

Претходно Советот за македонски јазик формира петчлена Редакција во состав: Живко Цветковски (претседател), Снежана Веновска-Антевска, Симона Груевска-Маџоска, Елка Јачева-Улчар и Симон Саздов. Неколку часа по промоцијата претседателот на редакцијата д-р Цветковски за ДВ рече: „ Денес Македонија има далеку поголем број образовани луѓе за разлика од првите години на кодификацијата на јазикот. Тоа беше време кога на прсти се броеа македонистите и тоа беа македонисти кои се школувале на други јазици и центри. На проектот работевме близу 50 лица и други бројни соработници. Се соочивме и со генерациски разлики кои се одразуваа и врз погледите на науката и во сфаќањата на одредени јазични проблеми. Но апсолутно, сметам дека ова издание на правописот ги надминува во квалитет и по пристап правописите кои последниве години излегоа кај нашите соседи, од словенската група на јазици. Ги имавме во предвид сите нивни решенија и согледување и одиме чекор пред нив. Нашиот правопис е најнов и во него се содржани најновите сознанија во славистиката,“изјави д-р Цветковски.

Во ова издание на Правописот може да се забележи дека сите поглавја на постојниот Правопис на македонскиот литературен јазик (1998) претрпеле измени и дополнувања, доуточнувања и дообјаснувања, претставени што е можно поедноставно за да бидат достапни за поширок круг корисници.

„Работата на правопис воопшто не е едноставна. Правописот од една страна треба да биде конзервативен, правилата вообичаено многу тешко се менуваат, но од друга страна, пак, треба да го следи и развојот на јазикот. Некои очекуваат да направиме поголеми реформи и промени, некои пак никако не се согласуваат со каква и да е, макар најмала, промена. Тешко е сите да бидат задоволни. Редакцијата на Правописот токму поради тоа имаше слух за различните мислења кои ги прибираше на многубројните стручни расправи, како и на двете јавни расправи од поширок карактер и затоа за многу конкретни прашања и проблеми постапи компромисно. Секако дека не можеме сите да се согласуваме и да имаме исто мислење, дури ни членовите на Редакцијата меѓусебно, но важно е да направиме компромис во ставовите и со конечниот резултат да бидат задоволни мнозинството корисници на македонскиот јазик,“вели Груевска – Маџовска.

Постои ли формула како еден јазик да се одбрани од другите?

Д-р Елка Јачева – Улчар е од генерацијата македонисти родени во шеесеттите години на минатиот век , таа вели дека нејзиниот и ангажманот на нејзините колеги бил потврда спрема влогот на нивните учители, мислејќи на оние кои ја создале основата на македонскиот правопис.Според Јачева – Улчар Правописот е нешто што ќе остане за поколенијата кои доаѓаат. „Како автори на овој Правопис, ние не сметаме дека останале „непокриени“ некои поглавја, но сметаме дека Правописот никогаш не е конечно затворено книга и дека нему ќе ми бидат потребни почести подновувања,особено во ерата на општата глобализација во која живееме.“

Убавината на македонскиот и останатите јазици се губи под притисокот од светските јазици и култури. На прашањето: Како да се одбрани македонскиот јазик?, д-р Јачева – Улчар одговори: „Ако мислите на тоа што нашиот јазик е под директно влијание на англискиот и на напливот од англиска лексика во македонскиот јазик, мислам дека за тоа е потребно нешто друго: уште од најмала возраст кај младите луѓе треба да се негува љубовта спрема македонскиот јазик и да се развива свеста дека македонскиот јазик е со многу малку зборувачи и дека ако ние не си го негуваме, нема кој друг да го негува и сака наместо нас. За да се подигне јазичната култура и во основното и во средното образование треба многу помалку учење ЗА јазикот, односно помалку граматика, а повеќе пишување, читање и пеење НА јазикот и свртување повеќе кон националните книжевни достоинства. Сите тие комплицирани поделби на вакви или онакви придавки, именки, глаголи, подмети, прироци, реченици итн., кои, се разбира, не се основни, треба да им се остават на оние што ќе му се посветат на македонскиот јазик како професионална определба“, смета Јачева – Улчар.

Наскоро новиот македонски правопис ќе добие и електронска верзија , а како втора фаза од работата на Правописот се планира изработка на Правописен речник. При крај е работата на Речникот на синоними во македонскиот јазик, се прават подготовки за електронски корпус на македонскиот јазик, етимолошки речник итн.

Реклама