Новиот побрз пат до работа во Германија сѐ уште не е истапкан | Информации и анализи за Германија | DW | 25.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Новиот побрз пат до работа во Германија сѐ уште не е истапкан

Новиот закон за доселување на работна сила во Германија стапува во сила во јануари 2020 година. Но дотогаш има уште многу работа за допрецизирање на олеснувањата за идните стручно квалификувани доселеници во земјата.

Новиот закон за доселување на работна сила во Германија, усвоен на крајот на минатата година, за многумина на Балканот звучи како остварување на сонот. Голем број од нив сонуваат за Германија, каде што ќе имаат можност да работат во својата струка и ќе имаат подобар живот.

Карола Буркерт, експерт за миграции во германската сојузна канцеларија за вработување, меѓутоа, упатува на тоа дека овој закон првенствено има за цел да ги задоволи потребите на германската економија за работна сила, но и да го осигура и да го контролира доаѓањето на работната сила од трети земји. Но, таа додава:  „Тој секако е јасен сигнал и за работниците од третите земји, оти сега фокусот е на квалификувани работници и ако имате неопходна квалификација, тогаш навистина тоа би можело да биде и остварување на сонот“, вели Буркерт.

Според неа, новиот закон донесува два олеснувачки елементи и една потешкотија. Кога станува збор за олеснувањата, прво олеснување е тоа што тој ги изедначува лицата со средна стручна спрема и лицата со универзитетска диплома. Тоа е голема новост, бидејќи претходниот закон главно ги земаше предвид лицата со висока стручна подготовка. Сега тоа е проширено и на стручната работна сила. Втора работа која го олеснува пристапот до германскиот пазар на труд е укинувањето на т.н. Воррангприфунг (критериум според кој компанијата не може да пополни работно место со кандидат надвор од ЕУ, доколку се пронајде кандидат кој одговара од Германија или од ЕУ). 

Повеќе:

-Што содржи новиот законот за доселување?

-Германија: Ново добредојде за квалификувани работници од странство

-Дали новиот закон ќе го забрза доселувањето на Македонците во Германија?

Како отежнувачки елемент пак, Буркерт го истакнува тоа што ќе се бара доказ за познавање на германскиот јазик при барање на работа. Доказот за познавање на германскиот јазик ќе биде воведен како критериум за работа или за признавање на странските стручни дипломи.

IAB-Expertin Carola Burkert (privat)

Карола Буркерт

Иако многумина, посебно на Балканот, се понадеваа дека новиот германски закон ќе стапи во сила веднаш, сепак тоа ќе се случи дури во јануари наредната година. Според Буркарт, доцнењето се должи на тоа што  примената на законот бара и усвојување на неопходни прописи и членови кои се однесуваат на него и оти во прв ред германската администрација мора да биде подготвена. „Постои идеја за создавање централни канцеларии за странци, кои ќе се фокусираат на различни процедури. Доаѓањето на нов број квалификувани работници ќе ја стави администрацијата пред големи предизвици, бидејќи ќе дојде до ново зголемување на бројот на барања за виза“, истакнува експертката за миграции.

Законот, исто така, предвидува и дека лицата ќе имаат можност да дојдат во Германија во период од 6 месеци, без договор за работа, а со цел да бараат работа. Но, што ако во тој период лицето најде работа? Дали ќе мора да се враќа назад во земјата за да поднесе барање за виза во амбасада, или тој или таа ќе можат тоа да го направат во Канцеларијата за странци во Германија? Карола Буркерт вели дека нема јасен одговор на ова прашање, бидејќи сѐ е практично непроверено. „Но, сметам дека е проблематично да се дојде на 6 месеци за да се бара работа. Навистина, тоа е и сега можно за средната стручна спрема, а пред тоа беше можно само за факултетски образованите лица. Тука треба да се внимава, бидејќи тоа е можно само под одредени услови - признавање на дипломите, познавање на германскиот јазик, барем на ниво Б1, лицето ќе мора да докаже и оти во овие 6 месеци може да си обезбеди средства за живот“, истакнува таа, дополнувајќи дека оваа шестмесечна виза веќе постои за лица со високо образование, но дека дека оваа можност навистина малку се користи, бидејќи овие услови не е лесно да се исполнат.

Според Буркерт, главен проблем кој го компликува и раздолжува процесот на доаѓање е признавањето на дипломите. Точно е, вели таа, дека долго се чека за виза, но не треба да се заборави и дека многу долго се чека и за признавање на дипломите или на професионалниот сертификат. „Значи, имаме две паралели - добивање виза и признавање дипломи. Тоа според мене е нејасно“, истакнува таа и наведува дека исто така е нејасно и како ќе се избегне преоптовареност на вработените кои се занимаваат со овие прашања. „Законот е брзо напишан, но она што е потребно е квалитативна, брза и ефикасна експанзија на администрацијата - во и надвор од Германија. За да може овој закон и да се спроведе, неопходно е да се воспостави далеку подобра инфраструктура“ , гласи рецептот на Буркерт.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама