Новинар на Дојче веле уапсен во Белорусија | Свет | DW | 09.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Новинар на Дојче веле уапсен во Белорусија

Властите во земјата не кажуваат зошто е уапсен Павлук Биковски, кој работи за рускиот сервис на ДВ. Дојче веле упати официјален протест до белорускиот амбасадор во Берлин и бара итно ослободување на новинарот.

Властите во Белорусија во средата го уапсија новинарот на Дојче веле Павлук Биковски во главниот град Минск. Властите досега не дадоа ниту една причина за апсењето.
„Кај мене дојдоа од истражувачкиот комитет“, напиша Биковски во средата на својот Фејсбук профил. Неговата сопруга, Воља Биковскаја подоцна за ДВ потврди дека полицијата од нивниот стан ги однела компјутерот, таблети, телефони, стикови и банкарски картички. „Претресот траеше околу два часа“, вели таа.
ДВ упати протест до белорускиот амбасадор во Берлин и побара итно ослободување на новинарот. Во него се наведува дека владеењето на правото мора да важи за акредитираните новинари.

Притисок врз новинарите

Освен Биковски, во вторникот беа уапсени уште најмалку четворица новинари кои работат за популарни информативни медиуми. Новинарите се обвинети за незаконски пристап до вести од државната агенција БеИТА. Сопругата на Биковски се сомнева дека обвинувањата се параван за нов напад врз независните новинари во Белорусија.
Германското министерство за надворешни работи го повика Минск да ја почитува слободата на печатот и да се воздржи од непропорционални напади против новинарите.
Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Десир изрази сериозна загриженост поради апсењето на новинарите во Белорусија.

Weißrussland Runder Tisch Lukaschenko PL (Belarusian Telegraph Agency/M. Gucheck )

Претседателот Александер Лукашенко во 2017 започна голема пресметка со независните новинари


„Крајно непропорционалните мерки преземени од властите против две независни новински агенции отвораат сериозна загриженост за почитувањето на независните медиуми во Белорусија“, соопшти тој.
Поранешната советска република која ја предводи Александер Лукашенко ги засили нападите врз новинарите по големите анти-владини протести минатата година. Повеќе од 100 новинари беа уапсени во текот на 2017 година, според Репортери без граници. Повеќето биле новинари кои се сметале за блиски до опозицијата.
„Загрижен сум што владата се пресметува со новинари од почитувани и широко прифатени медиуми како ДВ“, вели Јохан Бир, шеф на канцеларијата за источна Европа и централна Азија на Репортери без граници. „Овие апсења ќе имаат застрашувачки ефект врз другите критични новинари“.
Бир смета дека е неприфатливо што властите запленувале компјутери и други уреди на новинарите.
„Тие ја компромитираат доверливоста на новинарските извори. Се плашам дека информациите сега ќе бидат пресретнати и анализирани од полицијата, што е големо нарушување на новинарската слобода“.

DW.COM

Реклама