Новинарите како робови | Свет | DW | 18.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Новинарите како робови

Повеќето новинари во Албанија со месеци ги чекат своите плати. Тоа е начинот на кој газдите ги држат новинарите во ситуација на послушност, велат соговорниците на ДВ. Солидарноста помеѓу новинарите е на ниско ниво.

Journalisten in Albanien - Gruppenfoto A1 News (A. Tota)

Новинарската екипа на сега затворената медиумска куќа А1.

Во Албанија, за многумина новинарството е професија од соништата. Но, за тоа се плаќа скапа цена: „Секоја година, околу 90 проценти од новинарите во Албанија ја добиваат платата со задоцнување“, се жали претседателот на Албанското здружение на новинари, Александер Чипа во разговор со ДВ. Тој вели дека платите често доцнат и по три месеци. И дека тоа се случува во 75% од медиумските куќи во Албанија. „Сопствениците на приватните станици често не ни објаснуваат зошто тоа е така“, вели Чипа.

Многу албански новинари се соочени со истата стиуација – од страв дека ќе ја изгубат работата. Протестите се исклучок. До нив дојде пред неколку недели кога новинарите, камерманите и техничарите во приватната телевизиска станица А1 престанаа да работат со цел да извршат притисок врз сопствениците. Албанските власти во меѓувреме ја затворија телевизиската станица, а за обвинувањата на новинарите допрва треба да се одлучува.

Алида Тота, поранешната главна уредничка на вестите на А1, сеуште ги чека парите кои ѝ припаѓаат. Таа смета дека праксата на доцнење на платите во албанските медиумски куќи е некој вид на „ропство“: „Преживуваме благодарение на нашите семејства. Платата е средство за притисок. Само две-три медиумски куќи плаќаат редовно, како што стои и во договорот за вработување. Другите не се придржуваат до ниту еден договор“.

Отказ за бунтовниците

Сопствениците на медиумските куќи во Албанија можат да вршат притисок врз вработените, а притоа да не се плашат од последиците, вели Алида Тота: „На крајот на секој месец, притисокот почнува од почеток. Дали ќе ги добиеме парите или нема? Шефот ни кажа дека нема пари, а дека секој кој ќе инсистира на исплата на платата - ќе биде отпуштен“. Во интервју за ДВ, сопственикот за кој станува збор не одговори на прашањето за платите на новинарите, туку го прекина разговорот. Образложението беше: итни приватни проблеми.

Journalisten in Albanien - Alida Tota (A. Tota)

Алида Тота, поранешна уредничка на вестите на А1.

Албанските новинари се изложени на самоволието на сопствениците на медиумите, вели шефот на Катедрата за новинарство на Универзитетот во Тирана, професорот Марк Марку. Тој додава дека албанскиот закон детално го регулира работниот однос помеѓу работодавачот и вработениот, иако само теоретски. „Сопственикот на медиумот може да го отпушти новинарот за само неколку дена – и ништо нема да се случи. Самите новинари не инсистираат на своите права, затоа што често се во некој полуформален или само неформален работен однос“.

Новинарите како заложници

Во Албанија нема колективни договори за платите на кои медиумските куќи мора да се придржуваат и секој договор се склучува поединечно. Александер Чипа вели дека тоа се еднострани договори во кои условите практично им се наметнуваат на вработените: „Договорите често се така формулирани, за да немаат правна вредност. Во голем број од случаите, сопствениците на медиумите не им даваат на вработените ниту копија од договорот“, така што „новинарството е во улога на заложник“. Чипа додава дека поради тоа, на новинарите им е уште потешко да известуваат независно.

Некои албански здруженија на новинари – кои не треба да се изедначат со традиционалните синдикати според европскиот пример – се борат против „неформалното вработување“. Досега безуспешно, „затоа што нивниот противник е алијансата на сопствениците на медиумите и политичарите“, вели Алида Тота.

Нема солидарност

Политиката не се изјаснува по ова прашање, што е, како што вели Чипа, последица на „лошиот флерт помеѓу политичката класа и сопствениците на медиумите“. Како што вели Чипа, закони има и потребно е доследно да се применуваат, а одредена надеж има и во парламентарната комисија за медиуми, која неодамна ги регистираше маките на Албанското здружение на новинари.

Многу новинари во Албанија се жалат дека сопствениците на медиумите и политичарите се добро вмрежени. Познатиот албански публицист Фатос Лубоња говори за „путинизација на албанските медиуми“. Тој вели дека ќе преживеат само оние медиумски куќи „кои имаат врски со власта – другите ќе банкротираат. А новинарите не го креваат гласот, бидејќи мораат да стравуваат дека ќе останат без насушниот леб“.

Изгледа дека новинарите во Албанија се многу осамени. Така ќе биде уште долго, доколку не станат меѓусебно солидарни, вели новинарот Замир Алуши: „Нема ни еден новинарски штрајк. Затоа што сопствениците се продолжена рака на политиката, мораме сами да се бориме за своите права и да го зголемиме притисокот кон нив“.

Реклама