Нова шанса за стручњаците од Црна Гора | Свет | DW | 11.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Нова шанса за стручњаците од Црна Гора

Германија од 2017. има издадено над 3 илјади дозволи за граѓаните на Црна Гора. ДВ анализира дали новиот германски закон за доселување и работа ќе доведе до уште поголемо заминување на работници од Црна Гора во Германија

Новиот германски закон кој се однесува на доселување стручна работна сила од земји кои не се членки на ЕУ предизвика внимание во Црна Гора, која како и останатите земји од Западен Балкан се соочува со хроничен проблем на невработеност.

Иако невработеноста во последната година е намалена, во Црна Гора во моментов без работа се околу 35.000 луѓе, па стапката на невработеност изнесува 15,3%. И, многумина кои имаат работа, особено стручната работна сила, се незадоволни со своите плати.

Затоа, во текот на изминатите години имаше доста примери на заминување од Црна Гора на работа во западна Европа. Јавно, најмногу заминуваа лекарите, додека новина оваа година е дека и сезонските работници веќе не сакаат налето да работат на црногорското приморје, туку одат во Хрватска, Словенија и натаму на Запад, каде може да заработат два или трипати повеќе пари за истата работа.

Во Германија од 2016 година важи т.н. „правило за Западен Балкан“, односно членот на Законот за вработување кој им пружа можности на граѓаните од регионот да поднесат барање за работна виза за секаков вид работа. Така значаен број црногорски државјани ја пронајде својата среќа во Германија.

Montenegro Podgorica (DW/Radomir Kračković)

Од почетокот на 2017 година до април оваа година има издадено 3.226 одобренија за црногорските државјани да можат да засноваат работен однос во Германија (фото: Подгорица, јуни 2019)

Сојузната агенција за вработување во Германија, врз основа на овој член на законот, од почетокот на 2017 година до април оваа година има издадено 3.226 одобренија за црногорските државјани да можат да засноваат работен однос во Германија“, вели за ДВ Гордана Вукчевиќ од Заводот за вработување. Во рамките на овој број има и согласности кои повеќепати им се одобрувани на исти лица, што значи дека дел од овие 3.226 лица повеќепати барале да им се продолжат таквите одобренија, за да можат да ја продолжат работната виза во Германија.

Од амбасадата на Германија во Подгорица за ДВ соопштија дека од почетокот на 2017 година се издадени околу 3 илјади визи, од кои над две третини или 2.100 се работни визи, кои овозможуваат престој во Германија подолг од 90 дена.

Повеќе: 

Нов закон: Како до доселување и работа во Германија

Германија: Сѐ повеќе работници од Балканот

Завод за вработување: Патот до работа во Германија не е толку лесен

Во текот на изминатите години во црногорските медиуми и на социјалните мрежи често се дебатираше за тоа - треба ли да се остане во земјата, или пак треба да се замине. Стигнуваа и информации за различни олеснувања за вработување во Германија.

Од Заводот за вработување тврдат дека неретко се работело за дезинформации и нагласуваат дека патот до работа во Германија и не е толку лесен.

„Многу често, и тоа преку социјалните мрежи, кои е неможно да се контролираат, поединци, фирми или организации неточно ги информираат граѓаните и им ветуваат вработување и 'средување документи' - за пари. Граѓаните се или измамени за пари или се жртви на работа 'на црно'“, тврди Вукчевиќ и додава:

„Работа ќе најдат само оние лица за чии квалификации има побарувачка. Главно се бара работна сила со искуство, а во речиси сите случаи се бара одреден степен на познавање на германскиот јазик. Само за пример: од над 36.000 невработени во нашата евиденција, само 482 лица рекле дека имаат некакво ниво на познавање на германскиот јазик.“

Montenegro Podgorica Deutsche Botschaft (DW/Radomir Kračković)

Амбасадата на Германија во Подгорица

Кога станува збор за заработувачките во Германија, таа вели дека тие значајно се разликуваат дури и за исти занимања, зависно од годините на работно искуство, специјализацијата, посебните знаења и вештини, работното место, работодавачот и германската покраина во која се живее и работи.

„Се појавуваа дезинформации дека, на пример, плата на медицинска сестра таму е 5.000 евра. Сепак, имаме пример на медицински сестри кои се од Босна и Херцеговина и кои во Германија имаат плати од 1.200 ера. Без оглед на професијата и вработувањето, не постои 'лесна заработувачка' и не може да се очекува дека за само 15-на години живот и работа може да се обезбеди лагоден живот и егзистенција до крајот на животот“, тврди Вукчевиќ.

Заминувањето на работната сила е одамна регионален тренд

Трендот на заминување на работната сила е одамна присутен во сите земји од регионот. На тоа укажуваат и во црногорскиот Завод за вработување, а на нашето прашање - што ќе стори државата за да ги задржи стручњаците, Гордана Вукчевиќ одговара:

Гледај видео 01:40

Многу работа, мала плата

„Мора да се трудиме од повеќе страни. Прво, на домашниот работник да му понудиме квалитетни работни места во реалниот сектор, односно во секторот на производство, а од друга страна - да се обидеме да ги задржиме најдобрите и најквалитетни работници со повисоки плати и со подобри услови за работа. Ова е првенствено апел до работодавачите, затоа што работниците ќе одат таму, каде што ќе им се нудат подобри услови за работа, повисоки плати и бенефиции.“

Дека тоа нема да оди лесно, покажуваат и некои последни истражувања за ставовите на оние кои треба да излезат на пазарот на труд. Студиите за млади на Центарот за граѓанско образование (ЦГО) од Подгорица, покажа дека дури половината млади, и тоа оние најобразованите, имаат многу силна или умерена желба да емигрираат од Црна Гора. Клучните причини за таквиот став се желбата за подобар живот, повисоки плати и подобри можности за вработување.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама