Нова фаза на глобализацијата? | Економија | DW | 07.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Нова фаза на глобализацијата?

Самитот на Г20 во Хамбург доаѓа во време на драматични пресврти во светската економија. Националните интереси надвладуваат, тежиштата се менуваат. Какви сигнали би требало да бидат испратени од средбата?

Слободен ханзаеатски град Хамбург- тоа е целото име на градот кој неделава е домаќин на состанокот на врвот на земјите од Г20. Градови на Ханза- трговското здружение на низа градови на северот на Германија е создадено уште во средниот век- и самите се некој вид на праформа на слободна трговска зона. Но деновиве на слободната трговија не ѝ оди баш добро- што е повторно за чудење, бидејќи светската економија се наоѓа во релативно стабилна фаза на раст.

„Тоа не би требало да не залажува’“, предупредува директорот на хамбуршкиот Институт за светска економија, Хенинг Фепел. „Илузија е дека нема зошто многу да се зборува за светската економија и за глобализацијата, но тој впечаток залажува.“ Постои цела низа начелни трендови за кои ќе се разговара на самитот Г20. Фепел потсетува, на пример, на ренационализацијата на економската политика и протекционистичките мерки кои се создаваат и во САД: „Тоа значи оти може да се случи глобализацијата да биде за некој чекор вратена назад“.

Глобализацијата значи благосостојба?

Тоа всушност би требало да ги радува противниците на глобализацијата, оние кои во Хамбург веќе протестираа за поправеден свет. Но, иако во сѐ посилната поврзаност на светската економија се гледаат причините на бројни нарушувања, бројките и статистиките постојано покажуваат нешто друго. На пример, најновиот извештај на Банката за меѓународни порамнувања (БИЗ), покажува дека глобализацијата и сѐ поголемата трговска размена константно доведуваат до подобар живот и помала сиромаштија во големи делови во светот. Основната претпоставка за тоа е- што послободен проток на стоки и услуги.

Според мислењето на Фепел, основна работа е како слободната трговија да се направи почесна- пред сѐ кога станува збор за земјите во развој, а „меѓу нив, посебно африканските земји“. Стручњаците сѐ уште се уверени оти токму Црниот континент ќе има одлучувачко влијание врз развојот на глобализацијата. Истовремено, се забележува дека слободната трговија се ограничува: „Државите- а тука не мислам само на САД- повторно се обидуваат да преземат контрола врз трговските текови. Поради тоа слободната трговија во одредена мерка е загрозена и станува збор за тоа да се одбрани овој принцип.“

Повторно кавга околу завршната изјава?

Но веќе и самиот поглед во списокот на земјите чии лидери доаѓаат во Хамбург, покажува колку поимите за слободна трговија сѐ повеќе се разликуваат. Тука не станува збор само за САД на Трамп или за Русија на Путин- тука се и Јапонија и Кина, Индонезија и Саудиска Арабија, Турција, Бразил, Мексико или Јужноафриканската Република. Сведоци сме дека дури ни меѓу земјите од ЕУ на тој форум- Германија, Франција, Италија и Велика Британија- не постојат секогаш идентични погледи за тоа прашање. А тука се уште и сите оние сложени и испреплетени меѓународни теми. Како воопшто да се очекува да се постигне согласност барем околу завршната изјава на самитот во Хамбург. Во март, на состанокот на министрите за финансии на земјите Г20 во Баден-Баден, Американците беа тие кои го блокираа поглавјето за слободна трговија да се најде во завршниот документ. Потоа на состанокот на врвот на земјите Г7 во Таормина е постигната согласност барем околу она најосновното. Само, дали воопшто е вредно тоа што е напишано? Габриел Фелбермајр од минхенскиот институт ИФО смета дека е вредно. Светската економија, потсетува, е создадена врз основа на соработка и потребно е постојано да се гради довербата во стабилноста на тој систем.

„Затоа е важно во (завршниот) документ да биде истакната решителноста за слободна и по можност чесна трговија“, смета Фелбермајр. Сепак, такви работи постојано се потпишуваат, но тоа не ги спречува земјите да воведат заштитни мерки. „Тоа навистина е само изјава, но и таа има своја вредност бидејќи се одредува правило кое ќе следи. А оној кој ќе тргне во друга насока, ќе мора да претрпи критики дека не е кооперативен.“

Сигналот од Хамбург

Збрка внесува и тоа што веќе редовно се користи и терминот на Трамп за не само слободна , туку и чесна трговија. Фелбермајр укажува дека секој има свое видување за тоа што е „чесно“. Исто така, екстертот од Минхен забележува дека , откако Трамп влезе во Белата куќа, Европејците сѐ почесто и поочигледно се вртат кон Азија- Јапонија, Кина, Индија, и тоа не само кога станува збор за слободната трговија, туку и кога е во прашање заштитата на животната средина.

Гледај видео 00:37

Меркел решително против протекционизмот

Стопанските тежишта се поместуваат, укажува Фепел, а тоа започна со Трамповото „Прво Америка“. „Тоа може во најлош случај да доведе до постепена изолација на САД, до пад на некогаш водечката воена и економска велесила. Кинезите со задоволство би седнале на тоа испразнето место, а и онака веќе се меѓу „големите играчи“. Поради сето тоа Фепел оценува дека се „наоѓаме на почеток на нов поредок во светската економија“.

Првите контури на тој нов поредок би можеле да се согледаат веќе на самитот на Г20 во Хамбург. Сепак, економските експерти не очекуваат дека таму ќе се случи многу- иако Габриел Фелбермајр уште еднаш повторува: „Голема порака од Хамбург би била дека треба да се поддржуваат темелите на меѓународната соработка.“

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама