Нова рунда трговски покер меѓу САД и Кина | Економија | DW | 30.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Нова рунда трговски покер меѓу САД и Кина

Трговските преговори меѓу САД и Кина продолжуваат денеска и утре во Вашингтон. Но колку двата ривали се оддалечени од договор? Од САД доаѓаат противречни сигнали.

Чувствата се измешани - и тоа веќе со месеци: дури изгледа дека отворената трговска војна меѓу САД и Кина е избежна, пристигаат и сигнали на оптимизам, најчесто од Доналд Трамп во форма на пораки на Твитер. Претседателот на САД уште минатата недела изрази задоволство кога станува збор за моменталната состојба на преговорите: „Ми се чини дека сега работите изгледаат добро“. Тој е убеден дека на Кина ѝ е важен договорот.

Сосема поинаку звучи министерот за трговија на САД, Вилбур Рос, кој не очекува оти САД и Кина брзо ќе постигнат договор. Пред неколку дена тој изјави дека решението е со „милји“ далеку, но додаде оти постојат добри шанси да се постигне договор со 30-члената кинеска делегација. А, министерот за финансии Стив Мнучин притоа рече дека е „постигнат голем напредок“.

Кинезите, кои ги предводи вицепремиерот Лиу Хе, на 30 и 31 јануари се среќаваат со претставникот на владата на САД за трговија Роберт Лајтизер и со министерот за финанасии Мнухин.

Нема договор на видик

Екстерниот советник на претседателот Донал Трамп, Мајкл Пилзбери, смета оти разговорите нема да донесат подобрување. Овој експерт за Кина важи за „јастреб“ кога станува збор за американската политика кон Кина. Се смета дека директорот на „Центарот за стратегија кон Кина“ од конзервативниот институт Хадсон има многу добар однос со претседателот.

Повеќе:

-Економските џинови Кина и САД преговараат за трговијата

-Трамп победува во трговската војна со Кина

-Борба на титаните- нова епизода

Институтот Хадсон се наоѓа во близина на Белата куќа, во која очигледно Пилзбери е чест гостин во последно време.

Време нема многу, бидејќи „примирјето“ кое на маргините на состанокот Г20, одржан на 1 декември во Буенос Аиерес, го договорија претседателите Доналд Трамп и Ши Џинпинг, важи само до март. Ако дотогаш не се постигне некаков договор, Трамп ќе воведе царини на речиси сите кинески производи во вредност од околу 500 милијарди долари.

Рекорден трговски дефицит за САД

На Доналд Трамп му пречи големиот американски дефицит во трговијата со Кина. Тој го обвинува раководството во Пекинг за недозволено субвенционирање на кинеските фирми, нефер трговија и кражба на духовна сопственост. Но, дефицитот во трговскиот биланс со Пекинг се зголеми. Кинескиот трговски суфицит во тој биланс во однос на 2017 година се зголеми за дури 17 отсто и минатата година изнесуваше над 323 милијарди долари, што е, како што пренесува агенцијата Ројтерс, најголема вредност од 2006 година.

И покрај воведените царини на кинеска стока, кои во дел се драстични, кинескиот извоз во САД во 2018 година, во споредба со 2017 година, се зголеми за 11,3 насто, додека извозот од САД во Кина во истиот период е зголемен само за 0,7 отсто.

Ескалација

САД во јануари 2018 година, воведоа први царини на кинеските машини за перење и на соларните модули. Во март следеа царини на стоката од челик (25%) и од алуминиум (10%). Притоа се воведени царини кои се зголемија до 25 насто - на над 1.000 производи, пред сѐ технолошки. Тоа требаше да биде компензација за штетата која ја претрпе економијата на САД поради кинеските повреди на имотни права и изнуден трансфер на технологија.

Овие царини ги погодуваат пред сѐ производите на кинеската иницијатива „Made in China 2015“, меѓу кои се делови за авиони, роботи и машини, возила како што се автомобилите на електричен и хибриден погон, како и на технологијата за информации и комуникации.

Кина ден подоцна го возврати ударот и воведе царини на стоката од САД во вредност од околу 50 милијарди долари, и тоа пред сѐ на земјоделските производи, на автомобилите, како и на прехранбените производи како што се семето од соја, морските плодови и месо.

Во септември САД го зголемија обемот на своите царини на вкупно 250 милијарди долари - тоа е веќе половина од вкупниот увоз од Кина. Овие нови царини изнесуваат 10 насто, а од јануари 2019 требаше да бидат зголемени на 25 насто. Но, таа последна мерка ја спречи „примирјето“ постигнато на 1 декември во Буенос Аирес. Трамп во меѓувреме повеќепати се закануваше дека ќе воведе нови царини и тоа во вредност од 260 милијарди долари. Така би бил погоден целиот извоз на Кина во САД.

Знаци на попуштање

Во последно време има знаци за намалување на тензиите. На први јануари 2019 година, Кина царината за увоз на автомобили од САД од 40 ја врати на 15 насто. Според министерството за трговија во Пекинг, тоа важи само три месеци. Освен тоа, Кина во декември повторно дозволи увоз на соја од САД - првите бродови со соја во кинеските пристаништа би требало да впловат во текот на првиот квартал на 2019 година

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама