Нова генерација терористи во Грција | Свет | DW | 22.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нова генерација терористи во Грција

Испраќач на откриените пакети-бомби низ Европа е грчката илегална организација „Заговор на огнените ќелии“, која најавува спроведување некаков план на одмазда.

Лабораториските испитувања на експлозивните поштенски пратки, откриени во атински поштенски центар и неутрализирани во понеделникот вечерта, сѐ уште се во тек, се дознава од полициски извори. Тие се од ист вид како двата пакета-бомби неодамна испратени до германското Министерство за финансии и до бирото на ММФ во Париз, каде една службеничка беше повредена при отворањето на пратката со експлозив. Испраќач, според сопствени наводи, е грчката терористичка група „Заговор на огнените ќелии“, која дејствува од 2008 година и е одговорна за десетици напади со потпалување или пакети-бомби, во кои досега немало жртви.

Оваа екстремистичка група всушност се сметаше за растурена, откако 60 нејзини членови и симпатизери беа уапсени во изминатите години. Но, во меѓувреме повторно се множат насилни акти во името на „Огнените ќелии“. Во октомври 2016. година групата постави бомба пред куќата на една судијка, што го означи како почеток на нејзиниот „Немезида-план“, наречен според божицата на одмаздата од грчката митологија. Во четвртокот групата објави дека испраќањето експлозивна пратка до германското Министерство за финансии е втор дел од „Немезида-планот“. Можно е илегалната организација да планира натамошни акции.

„Преземање на одговорноста од страна на организацијата преку поопширно соопштение ќе овозможи да добиеме повеќе информации околу начинот на дејствување и потенцијалните цели на напади“, истакнува Мари Боси, професорка за меѓународна безбедност на Универзитетот во Пиреја. Според неа, во Грција постои нова генерација насилно ориентирани терористи, поттикнати од очајот на голем дел од луѓето предизвикан од економската криза. Постои разлика во однос на левичарско-екстремистичката терористичка организација „17 ноември“, која во периодот меѓу 1975. и 2000. година во Грција уби 23 луѓе и беше разбиена дури во 2001. година. „Цел на напади своевремено беа припадници на т. н. владејачка класа. Но, новите илегални организации тврдат дека не се невини ни обичните граѓани. И тоа само поради тоа што одат на гласање, остануваат пасивни, не пружаат отпор кон државата“, потенцира експертката за тероризам Мари Боси во разговор за Дојче веле. 

Armut Griechenland (Reuters/A.Konstantinidis)

Народна кујна во Атина - терористите профитираат од очајот на осиромашените луѓе

Простување со марксизмот и ленинизмот

Последниот голем удар против тероризмот грчката полиција го изврши во септември 2014. година, апсејќи го топ-терористот Никос Мациотис. Неговата групација „Револуционерна борба“ била вмешана и во нападот врз резиденцијата на германскиот амбасадор во 2013. година. Неразјаснет останува меѓутоа неуспешниот напад врз атинското метро пред пет години. Еден внимателен возач тогаш при контролирањето низ вагоните откри подготвена бомба, успевајќи навремено да ја информира полицијата. Мари Боси ја критикува употребата на епитетот „левичарски“ од страна на бројни медиуми во Грција и во странство во врска со нелегалните грчки организации: „Овие групи имаат расчистено со марксизмот и ленинизмот, тие дури категорично се дистанцираат од левичарските идеи, колнејќи се во верност кон анархизмот.“ Иако, влијанието на анархистичките теоретичари сепак е тешко докажливо: „Поранешните соопштенија, со кои се преземаше одговорноста за одредени дела, навестуваат површно разбирање на анархизмот како идеолошка подлога, повеќе тендираат кон популизам. Крајно, во Грција никогаш не постоела школа на анархистички идеолошки правец, за разлика од  Германија и Франција.“

Експертката за тероризам укажува и на тоа што самонаречаната „градска герила“ во Грција, во која се вбројува и групата „Огнени ќелии“, одржува тесен контакт со истомислениците во странство - во Европа, Русија и Латинска Америка. Дали оттаму добила и техничка експертиза при најновите експлозивни поштенски пратки, сѐ уште не е јасно. Можно е сепак во идните соопштенија на групата да постои вакво укажување, претпоставува Боси. Во секој случај, „Огнените ќелии“ во првата изјава по неуспешната достава на пакетот-бомба во четвртокот во Берлин, испратија „другарски поздрави“ до Чиле.  

Политичарите во непријатна ситуација

Во првата реакција по инцидентот во Берлин, грчкиот министер за заштита на граѓаните, Никос Тоскас, се обиде да го минимизира настанот. Пакетот содржел многу мало количество експлозив, поради што грчките контролори при испраќањето, исто како и нивните германски и француски колеги при пристигнувањето на партката, не можеле да ја утврдат опасноста, изјави тој во телевизиско интервју.

Се чини речиси гротескно што како испраќач на пакетот со експлозив за Берлин, стои името токму на конзервативниот политичар Адонис Георгиадис. Поранешниот министер за здравство, кој се занимава и со продавање патриотски книги, и самиот е цел на екстремистите. Неговата книжарница во Атина е постојана цел на вандализам, можеби поради тоа што Георгиадис изворно доаѓа од десничарско-популистичките кругови. Очигледната злоупотреба на името на Георгиадис во овој случај го осуди и вчадејачката грчка партија Сириза.  

DW.COM

Реклама