Новата улога на Германија во надворешната политика | Свет | DW | 27.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Новата улога на Германија во надворешната политика

Во време на Брегзит и Трамп, Германија ја презеде улогата на глобална одговорност - но не секогаш успешно.

На состанокот на земјите од Г7 групата во Јапонија во мај, Ангела Меркел беше опкружена со светски лидери како Франсоа Оланд, Матео Ренци, Барак Обама, Дејвид Камерун, Шинцо Абе и Џастин Трудо. На пролет во 2017 година само тројца од овие лидери, вклучувајќи ја и Ангела Меркел сеуште ќе ги извршуваат своите функции.

2016 година беше шок за глобалната арена и ја стави Германија во позиција на голема одговорност да го одбрани либерализмот на западот од подемот на популизмот.

Медијација, разговори и доколку е неопходно, закани

Тоа беше година на Борис Џонсон и Доналд Трамп. Беше година на Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин – и токму поради тие причини, 2016 беше година во која погледот на светот беше свртен кон Ангела Меркел за лидерство и водство. На сѐ покомплицираната меѓународна сцена Германија ги прифати новите глобални одговорности – медијација, разговори и доколку е неопходно – закани.

Министерот за надворешни работи на Германија Франк-Валтер Штајнмаер неодамна ја сумираше оваа идеја во списанието „Форин Афеарс“: „Германците не веруваат дека разговорите на тркалезните маси можат да го решат секој проблем, но исто така, тие не веруваат дека и пукањето може да ги ги реши проблемите“. Со други зборови: Германија сака да спостигне баланс во нејзината надворешна политика и токму тоа се обиде да го направи во 2016 година.

„Улогата на германската дипломатија се засилуваше, без разлика дали тоа се одвиваше преку напорите во форматот Нормандија да се реши конфликтот во Украина или преговорите во Сирија“, изјави Јирген Хард, поранешен портпарол за надворешна политика за ЦДУ/ЦСУ во парламентот. Но, на повеќето фронтови, годината што измина изгледа мрачна исто како што се мрачни и изгледите за 2017 година.

Германија и Турција: Повеќе од неколку дупки на патот

2016 година започна релативно добро за турско-германските односи: Во март, Европската унија склучи договор со Турција за прифаќање на мигрантите кои нелегално преминале во Европа преку турските граници. Ова се смета за успех на германската канцеларка која се соочуваше со зголемен притисок од дома против нејзината политика на отворени врати кон бегалците. Од тогаш, според Европската комисија, бројот на мигранти кои преминуваат преку морските патиште од Турција кон Грција се намалил од просечни 1740 на 89 лица на ден. 

China G20 Merkel und Erdogan

Влошени билатерални односи: Меркел и Ердоган

Но, од тогаш, традиционално силните врски помеѓу Германија и Труција почнаа да се влошуваат. Во април, Турција отвори истрага против познатиот германски комичар Јан Бемерман поради рецитирање на поема во која го исмева турскиот претседател. Во јуни, германскиот парламент одобри иницијатива со која убивањето на повеќе од милиони Ерменци од страна на отоманските Турци беше прогласено за геноцид - со што повторно ги разниша односите со Турција.

Смртни закани, особено кон 11 членови на Бундестагот со турско потекло почнаа да пристигнуваат додека на германските политичари не им беше дозволено да ги посетат германските војници стационирани во воената база во Инџирлик во Турција. По неуспешниот обид за пуч во Анкара во јули, Меркел и нејзината влада не беа доволно брзи во осудата на настаните – што беше една од причините за илјадници Турци и Германци со турско потекло да маршираат за поддршка на претседателот Ердоган во германските градови.

„Турција страда од крвави бомбардирања кои остро ги осудувам. Гонењето на критички настроените новинари и опозицијата, од друга страна, ги надминува границите и не е својствено за една демократија“, изјави Нилс Анен за ДВ, портпарол за надворешна политика на социјалдемократите кои се дел од владејачката коалиција.

Германија и Русија: Сложена ситауција

Конфликтот во Украина сеуште е централното прашање во германско-руските односи. Рускиот претседател Владимир Путин го посети Берлин во октомври да разговара за договорот од Минкс, според кој Украина и Русија се согласија на прекин на огнот.

Германија уште еднаш ја презеде улогата на медијатор помеѓу Путин и Порошенко, туркајќи да се имплементира договорот. Но, разговорите не донесоа ништо конкретно – процесот е во ќорсокак. Засега, ЕУ сеуште има активни санкции кон Русија. Но тоа може да изгледа поинаку во ова време следната година – затоа што ќе зависи од администрацијата на Трамп и нивната политика кон Русија.

Во Берлин расте загриженоста дека Германија ќе стане следната цел на руската кампања за дестабилизација на западните демократии. Директорот на германската разузнавача служба предупреди дека расте бројот на доказите за обидите за руско влијаније врз федералните избори во Германија во 2017 година. 

Symbolbild Trump Putin

Путин и Трамп- Германија ќе мора да најде начин да балансира меѓу двајцата лидери

Лажните вести, социјалните ботови и кампањите за дезинформации стануваат жешки теми кога станува збор за германско-руските односи. Германската канцеларка неодамна изјави дека Русија може да се обиде да вмеша прсти во изборите: „Уште сега треба да се справуваме со информации од Русија или со интернет напади кои потекнуваат од Русија или со вести кои шират неточни информации“.

Сирија: Најголемиот неуспех

Коалицијата против Исламската држава можеби беше успешна во отстранување на поголемиот дел на борците на Исламска држава од Сирија во 2016 година, но човековото страдање предизвикано од режимот на Асад продолжува. И покрај обидите за преговори, исто така иницирани од страна на германското министерство за надворешни работи, политичко решение суште не е на повидок.

Сите напори на Германија и нејзините партнери не успеаја да донесат позитивни промени. Канцеларката Меркел на крајот од 2016 година изјави: „Ситуацијата е очајна. Го крши срцето. Ќе направиме се за режимот во Сирија, Русија и Иран да сфатат дека ситуацијата на цивилите треба да се подобри итно“.

Брегзит: Ве молиме, не не оставајте

Одлуката за напуштање на ЕУ ги фати германските политичари неподготвени. Ангела Меркел го нарече: „вододелница за Европа и за европскиот процес на обединување“ и јасно стави до знаење дека нема да има селективен пристап кон Велика Британија кога ќе го напушта најголемиот заеднички пазар во светот. „Брегзит може да се претвори во најлошиот настан за 2016 година за германските надворешни односи. Европската Унија, еден од столбовите на либералниот меѓународен поредок, како и најзначајното прашање за германската надворешна политика, значајно ослабна. Долгорочното влијание и значењето на Брегзит се огромни“, изјави за ДВ, Адриан Ороз, прв човек на берлинската канцеларија на Минхенската безбедносна конференција.

Меркел и Трамп: Уметноста на договорот

Доналд Трамп не само што победи на изборите во САД туку и го одзеде местото на Меркел како личност на Тајм за годината. Исходот од претседателските избори во САД беше уште еден настан кој ги шокира германските политичари. Никој никогаш не го запознал избраниот претседател, ниту пак направил контакт со неговиот тим од експерти за надворешна политика.

Кога му честиташе на Доналд Трамп за неговата победа, Меркел ги постави условите за соработка: „Германија и Америка се поврзани преку вредностите на демократијата, слободата и почитувањето на правото, како и од достоинството на човекот, без оглед на потеклото, бојата на кожата, религијата, полот, сексуалната ориентација или политичките гледишта“, рече таа во изјава која го привлече вниманието на светот. Се уште не е јасно како трансатлантските односи ќе се развиваат за време на мандатот на Трамп, но дефинитивно ќе бидат променети. Доналд Трамп ја доведе во прашање посветеноста на САД кон НАТО и изрази воодушевување кон рускиот претседател Путин. Како што социјалдемократот Нилс Анен вели за ДВ: „Изборот на Доналд Трамп води до голема несигурност за иднината на надворешнополитичкиот курс на САД и вакумот на моќ веќе доведува до конфликти“. 

Syrien syrische Soldaten nach der Zurückeroberung von Aleppo

Обидите на Германија да посредува во сирискиот конфликт не донесоа резултат

2017: „2016 на стероиди“

Што значи мрачното сценарио од 2016 за 2017 година? Со Брегзит и Трамп, околината во која германската надворешна политика оперира станува многу повеќе комплицирана – што веројатно ќе биде предизвик во новата година. „Главната задача за германската надворешна политика во 2017 година ќе биде решавање на кризата и превенирање на конфликти особено во европското соседство“, вели Јирген Хардт. Една милијарда и триста милиони евра ќе бидат инвестирани во хуманитарна помош во битка против причините за миграцијата - прашање кое е значајно за германските национални интереси.

Конфликтот во Украина, можното руско влијание на германските избори, војната во Сирија и надворешнополитичката агенда на Трамп, се прашања кои ќе бидат предизвик за надворешната политика на Германија во 2017 година. Но, германската канцеларка јасно стави на знаење дека Берлин не може тоа да го направи сам.

Како што вели Омид Нурипур од Партијата на зелените: „2016 година ни покажа дека беше исправно да се превземат поголеми глобални одговорности, но исто така дека не сме целосно подготвени и дека не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба Европа“. Уште една област каде Германија ќе има можност да покаже лидерство е Г20. Земјата го презема претседателството на први декември 2017 година, што може да се покаже како уште една компликувана година за германската надворешна политика. Ангела Меркел не може да смета на поддршка од нејзините најценети сојузници, како Барак Обама или Франсоа Оланд, а истовремено се соочува со кампања за реизбор во Германија. Адриан Ороз од Минхенската безбедносна конференција вели: „Се плашам дека 2017 година ќе изгледа како 2016, а можеби дури и полошо. Како 2016 година на стероиди“.

Реклама