Новата влада со јавни, претходната со тајни советници? | Македонија | DW | 26.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Новата влада со јавни, претходната со тајни советници?

Опозицијата обвинува за брутална партизација, а од Владата велат дека таму досега се вработени 26 лица од планираните 40-тина. На повидок е увид во расходите: која влада транспарентно ангажирала советници, а која тајно?

 „'Независни' соросоиди и сеачи на магла здомени во Владата... „Вработувањето на критичари на претходната власт е нивно политичко корумпирање“... „Борбата против партизацијата започнува со партизација“... Ова се само дел од реакциите на социјалните мрежи, но и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако дел активисти од граѓанскиот сектор добија вработувања во Владата, едни како советници, други задолжени за комуникации со јавноста. Атмосферата се вжешти по веста дека популарниот хумористичен лик „Цацко“ - Љупчо Бубо Каров, станал надворешен советник на министерот без ресор, Роберт Поповски, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата. Владиното образложение беше дека „неговото искуство со медиумите и во јавните настапи, ќе биде од особен придонес во работата на Секторот за комуникации и односи со јавноста“.

Транспарентен Сектор за комуникации

Оние кои не можат да го замислат Каров во улога на владин „бирократ“, па ни други нововработени кои досега зрачеа со аура на млад поет, твитерџија или независни критичари, иронично прашуваат: дали се формира „Министерство за вистината“, таа орвеловска алузија за пропагандна машинерија?

Komiker aus Mazedonien (Petr Stojanovski)

„Не постои Министерство за информации. Постои министер без ресор за должен за комуникации, транспарентност и отчетност, позиција која дава дополнителна политичка тежина на одлучноста на Владата да биде отворена и транспарентна“, вели портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

„Владата има свој Сектор за комуникации и односи со јавност. Единствена цел на секторот е да се обезбеди целосна и навремена отчетност и транспарентност кон граѓаните и медиумите. Овој сектор ќе ги организира севкупните комуникации на премиерот и на владата, и во исто време ќе ја унапредува и засилува транспрентноста на министерствата и на државните институции. Во рамки на Секторот за комуникации се создаваат шест одделенија, во кои, во периодот којшто следува ќе се ангажираат 40-тина лица, на различни позициии, во улога на раководители, советници, соработници, помошници или технички лица“, објаснува Бошњаковски.

Заклучно со 24-ти јули, во Владата биле вработени 26 лица, бројка во која влегуваат и оние со авторски договор. Се работи за специјални советници во кабинетите на министрите без ресор, на Генералниот секретар и на други именувани функционери.

„Овие вработувања се од времен карактер, односно престануваат во истиот момент кога истекува или завршува мандатот на ресорниот функционер“, потенцираат од Владата.

Во тек е профилирањето на шесте одделенија во Секторот за комуникации и односи, а според Бошњаковски, нововработените ги чекаат обемни задачи. Ангажманите вклучуваат: координација на комуникациски активности поврзани со итните реформски приоритети и европските интеграции, истражувања и анализи, комуникација со национални, локални и странски медиуми, организација на јавните комуникации на премиерот, унапредување на комуникацијата меѓу Владата и Собранието, поддршка на министерствата за унапредување на нивната транспарентност, информирање на граѓаните преку новите медиуми, дигитална транспарентност, дигитални услуги за граѓаните, овозможување отворени и достапни податоци, фото и видео продукција, организација на настани. Тој Сектор треба да овозможи двонасочна комуникација и отвореност и достапност до податоците со кои располагааат институциите.

Соросоиди го оптоваруваат буџетот

Во опозицијата не се осврнуваат на ваквите образоженија. Потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, обвини дека Владата на СДСМ започнала со брутална партизација преку вработување на партиски војници.

„Сменети се многу успешни директори на театри само затоа што немаат членска на СДСМ и не размислуваат како Зоран Заев и Роберт Алаѓозовски. Од друга страна масовно се вработуваат неквалификувани кадри на Сорос кои со години одработуваа за политичките интереси на СДСМ“, реагира Арсовски.

На прес-конференција тој наброја дел од имињата на вработени во Владата (Зоран Бојаровски, Бојан Маричиќ, Дане Талески, Марјан Забрчанец, Петрит Сарачини, Бранимир Јовановиќ, Влатко Васиљ, Дарко Лешоски), нарекувајќи ги „профитери, одработувачи и сеачи на магла, кои ја лажеле јавноста дека бранат интереси на граѓаните, а се покажало дека ги бранеле само интересите на СДСМ“. Пратеникот  на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски пресмета колку новите советници ќе бидат годишен товар за буџетот.

„Четриесет нови партиски советници од СДСМ, ЛДП, и 'независниот сектор на Сорос', во овој момент му тежат на буџетот со 384.000 евра годишно. Тие средства можат да му бидат дадени на Универзитетот 'Св. Кирил и Методиј' во Скопје. Тие средства наместо да одат за Верушевски, за ќерката на Тито Петковски, за Бубо Каров и Марјан Забрчанец и за партиски активисти од 'Шарената револуција' можеле да му бидат дадени на Универзитетот ‘Св. Климент Охридски’ во Битола или да бидат поделени на основите улишта во Кичево, Охрид, Дебрца, Струга и да биде покриен трошокот“, порача Милошоски.

Тајни советнички договори?

„Допрва ќе се види кој и колку го оптоварувал буџетот, и каде се можеле тие средства попродуктивно да се потрошат“, велат за ДВ извори кои имале увид во „советнички договори“ на претходната власт. Според нив, за разлика од сегашните транспарентни вработувања, „новинари и аналитичари биле ангажирани како советници во некои кабинети, за огромни суми и во еден целосно нетраспарентен процес, бидејќи јавноста не била информирана за тие ангажмани“. Истите извори, не соопштуваат кога тие информации ќе бидат објавени, со образложение дека податоците за расходите за тие услуги се уште се утврдуваат. Според нив, лицемерно е да се крева врева за 26 нови вработувања во Владата, од страна на партија која ја преполнила државната и јавна администрација со илјадници вработувања, и кога дел од тие вработени се уште седат дома, а земаат плата. Како пример за тоа го посочуваат огласот за вработување од 2013 година на 1.600 граѓани во јавното претпријатие „Македонски шуми“. Тој имаше за цел да им помогне на социјално загрозените и еднородителските семејства кои бараат работа подолго од 10 години. И по четири години, дел од „вработените“ не се распоредени на конкретни работни места. Истото се однесува и за 900 вработени во Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, кои седат дома, земаат плата и чекаат да бидат распоредени во други институции. Од ВМРО-ДПМНЕ се недостапни за коментар на овие состојби и за наводните нетранспарентни советнички ангажмани.  

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама