Нобелова награда за мир за новинарската храброст на Мариа Реса и Дмитри Муратов | Свет | DW | 08.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Нобелова награда за мир за новинарската храброст на Мариа Реса и Дмитри Муратов

Годинешната Нобелова награда за мир им припадна на новинарите Мариа Реса од Филипините и Дмитри Муратов од Русија, за нивните придонеси во слободата на мислењето, соопшти Нобеловиот комитет во Осло.

Слободата на мислењето е предуслов за демократијата и за траен мир, изјави Берит Реис-Андерсен, претседателот на Нобеловиот комитет при денешното објавување на добитниците на Нобеловата награда за мир во Осло. Новинарите Мариа Реса и Дмитри Муратов со својата новинарска храброст и посветеност дадоа придонес во областа на слободата на мислењето.

Мариа Реса е соосновач и главен уредник на инвестигативниот портал „Раплер“. 58-годишната новинарка порано работела како репортер и дописник на американската телевизија СиЕнЕн за Југоисточна Азија, а на Филипините во повеќе наврати била конфронтирана со тужби. Во 2020 година таа била осудена поради клевета, казна која организацијата за човекови права Хјуман рајст воч ја окарактеризира за напад врз слободата на печатот. И самата Реса смета дека судската постапка била политички мотивирана.

Консеквентни заложби за правата на новинарите"

59-годишниот Дмитри Муратов како уредник раководи со рускиот весник „Новаја газета“. И покрај убиствата и заканите со смрт, тој не отстапува од независноста на својот весник и „консекветно се залага за правата на новинарите“, истакна Реис-Андерсен. Убиени се шест соработници на редакцијата на весникот, кој е критички настроен кон  Кремљ, или починале под неразјаснети околности. Меѓу нив спаѓа и  Ана Политковскаја,  која беше застрелана во 2006 година пред нејзиниот дом во Москва.

Реса и Муратов се одликувани како претставници на сите новинари кои се залагаат за слободата на мислењето и на печатот „во целиот свет, во услови во кои демократските услови и слободата на печатот се во сѐ полоша ситуација“, изјави претседателот на Нобеловиот комитет. 

Нобеловата награда за мир е дотирана со 985.000 евра и се смета за најважно политичко признание. Лани таа беше доделена на Светската програма за храна на ОН за напорите во борбата против гладот во светот. 

Нобеловата награда за мир е единствена од Нобеловите признанија која не се објавува во Стокхолм, туку во Осло. Одлуката кој ја добива не ја носат шведски институции, туку петчлен комитет, избран од норвешкиот парламент. Негова задача е да ги одликува оние со најголем придонес во зближувањето на народите и оние кои пронесуваат за намалување на тензии и се залагаат за мир и слобода.

Годинава имаше 329 кандидати, од кои 234 личности и 95 организации, а имињата на номинираните се држат во тајност 50 години. Нобеловата награда за мир ја доделува фондација на Алфред Нобел, а заедно со другите признанија се врачува традиционално на 10 декември, денот на смртта на индустријалецот.