Ни радонот ни животните не предвидуваат земјотрес | Македонија | DW | 13.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ни радонот ни животните не предвидуваат земјотрес

Нема цврсти податоци дека зголеменото присуство на радон треба да биде земено како некаков предвесник на земјотреси, вели Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Ниту животните, ниту зголемена концентрација на гасот радон не може да „предвидат“ потреси на земјата, велат домашни експерти. Радонот како предвидувач на земјотрес беше актуелен по големиот потрес во италијанскиот град Аквила во 2009 година. Тогаш, жител на градот ги повикуваше сограѓаните да ги напуштат домовите предвидувајќи голем земјотрес, врз база на измерена зголемена концентрација на гасот радот, кој избива на површината кога се јавуваат пукнати во земјата и разместување на нејзините слоеви. Тој од локалната власт доби пријава за ширење паника, но Аквила по две недели навистина беше погодена од силен земјотрес. Експертите и тогаш и денес таквата „прогноза“ ја отфрлаат како ненаучна.

„Во Македонија не е мерено и не се мери присуството на гасот радон“,

вели Михаил Гаревски, директор на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).

„Не можеме 'прогнозата' за земојотрес да ја базираме на зголемена концентрација на радон, бидејќи пред да се случи земјотрес некогаш навистина концентрација на радон била зголемена, но има и случаи кога исто така била зголемена, па не се случил никаков земјотрес. Значи, нема правило, и нема цврсти податоци дека зголеменото присуство на радон треба да биде земено како некаков показател“, вели Гаревски.

Тој, повикувајќи се на научните истражувања, потенцира дека ниту животните не може да предвидат потреси. За разлика од човекот, се верува дека животните ги чувствуваат и таканаречените примарни бранови, кои 3 до 4 секунди им претходат на секундарните бранови, односно на ударот. Тогаш стануваат вознемирени, но таа вознемиреност претходи само неколку секунди пред потресот.

Слаби и јаки афтершокови

Доколку земјиштето се смирува, тогаш зошто јачината на секој следен афтершок не е помала од претходните, туку поголема? Ова е прашањето на кои граѓаните деновиве бараат одговор, стравувајќи дека завчерашниот потрес од 5,3 степени по Рихтер можеби и не бил главниот удар.

„Иако збунува, тоа не е изненадувачка појава. На пример, кога се случил скопскиот земјотрес во 1963 година, истиот ден имало стотина послаби афтершокови, но и неколку многу појаки. Тоа е вообичаена појава. Во почетокот може да има неколку афтершокови послаби од најсилниот удар. По 4 до 5 такви послаби потреси од 2,1 или 2,3 степени, се случува да има и по некој со удар од 3,7 или 4 степени, а потоа повторно серија послаби потреси, се до тоталното смирување на земјиштето“, објаснува Гаревски.

Утрово во 8.11 часот во Скопје бил регистриран земјотрес со јачина од 1,5 степени, што според експертите укажува дека состојбата постепено се смирува. Со исклучок на земјотресот од 1963 година, последниов земјотрес во Скопје се смета за најсилен од 1921 година, со најголемо ослободување на енергија и со концентрација на најмногу афтершокови.

Гледај видео 01:22
Now live
01:22 минути

Серија земјотреси предизвикаа паника во Скопје

Стравот посилен од магнитудата

Токму претпоследниот афтершок синоќа во 19 часот и 54 минути ги остави скопјани со уште една непреспиена ноќ. Магнитудата од 4 степени според Рихтеровата скала и стравот од нови потреси, исто како и претходната вечер ги наполнија дворовите, улиците и парковите со вознемирани граѓани. Гарнитурите за седење од терасите се преселија во зеленилото меѓу зградите. Столчиња, клупи, вреќи за спиење, бебешки колички и граѓани во паника - беа дел од синноќешната слика во сите општини. Дел од граѓаните околу полноќ повторно се враќаа во домовите, а други и изминатата ноќ ја поминаа надвор.
„Знам дека не е решение да се седи надвор, но не можеме да се вратиме во станот. Детето од завчера е многу исплашено, плаче, не сака да влезе дома. Ова ќе биде втора ноќ што ќе ја поминеме во нашиот автомобил. Всушност, спие само детото, ние и онака сме будни цела ноќ“, вели младиот татко, кој го паркираше автомобилот на сигурна оддалеченост од висококатниците.

По завчерашниот потрес со јачина од 5,3 степени по Рихтер, кога голем број жители заминаа од главниот град, вчеравечер се случи нов, втор бран.

„Околу 40 отсто од нашите соседи заминаа. Некои во сопствени викендички во Катланово, Охрид, Маврово, други кај роднини. Повеќето кои се на наша возраст завчера побараа лекарска помош, не им беше добро, а по последново тресење веднаш заминаа“, вели пензионер од Кисела Вода.

Движењето на возила на службата за Итна помош и синоќа беше видливо низ Скопје. Од таму велат дека нема повредени во моменти на панично напуштање на домовите како претходниот ден, а најчесто интервенирале кај повозрасни граѓани со хронични проблеми, поради стресот доживеан од новите потреси.

Страв владее кај родителите на деца од училишна возраст. Вчера дел од нив решиле да не ги пуштат децата на настава. Од основните учлишта во градот велат дека состојбата е секаде различна - некаде сите биле присутни на настава, во други имало мал број случаи на отсуство и тоа исклучиво на првачиња, а во некои и поголеми отсуства на ученици од прво до петто одделение.

„Не го праќам детето во училиште се додека не се стабилизира ситуацијата. Оние што биле вчера, се вратиле исплашени од потресот во 14 часот и 19 минути, по кој наставата била прекината. Се надевам дека наставниците ќе имаат разбирање за нашиот родителски страв“, вели мајка на прваче.

Екипи од ИЗИИС вчера посетуваа училишта и градинки за да ја проверат состојбата во нив. Досега само основното училиште „11 Октомври“ во Центар има забрана за користење на две училници, поради опасност за изведување настава, а од градинката „11 Октомври“ во Бутел испратен е апел до крајот на неделата децата да не се носат на престој таму.

Катерина Блажевска

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Поврзана содржина

Реклама