Ни изборните победници не се над законите | Свет | DW | 06.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ни изборните победници не се над законите

Романската социјалдемократска влада ја повлече итно донесената одлука за декриминализација на корупцијата, но демонстрантите сега сакаат нешто повеќе, смета Роберт Шварц.

Со повлекувањето на одлуката за промени во кривичниот закон, донесена по итна постапка од владата, премиерот Сорин Гриндеану сакаше да ги намали тензиите во државата. Стотици илјади луѓе речиси една недела протестираат против спорниот владин декрет. Луѓето останаа на улиците и по суспендирањето на декретот, зашто загубата на довербата во владејачките социјалдемократи доби драматични размери. Додека луѓето досега излегуваа на протести поради итните мерки со кои корупцијата би била неказнива под одредени околности, сега бараат оставка на владата. Во Романија и досега имало протести, но толку масовни немало уште од падот на комунизмот пред 27 години.

Владата во служба на шефот на партијата

Многу од луѓето, кои речиси една недела излегуваат на улици, млади и стари, семејства со деца, не веруваа во толку ненадејно попуштање на владата. Ливиу Драгнеа, лидерот на романските Социјалдемократи, е меѓу првите кои би имал корист од итните владини мерки за промена на регулативата во поглед на корупцијата, и кој им диктираше на своите марионети во владата да ги донесат. На тој начин би бил прекинат процесот против него, кој е во тек, поради злоупотреба на службената положба.

Граѓаните немаат доверба во владините намери и продолжуваат со протести. Романскиот претседател Клаус Јоханис, кој поднесе жалба до Уставниот суд, суспензијата ја нарече прв чекор, но мора да следат и други. Зашто, тука е и предлог-законот за помилување, од кој корист би имале политичарите осудени поради корупција. Драгнеа е посебно заинтересиран и за овој закон, зашто е осуден условно на две години поради манипулации на избори, што значи не се најде во затвор, но не можеше да стане премиер по изборната победа на неговите Социјалдемократи.

Schwartz Robert Kommentarbild App

Роберт Шварц

Европа молчи, но не и Романците

Уште самото тоа што некоја политичка партија, без оглед на сите загуби, ги прилагодува државните закони за да бидат по волја на партискиот шеф, е единствена пракса во целата ЕУ. За волја на вистината, стигнуваат некои критики од Брисел и некои членки, но нема јасно дистанцирање на европските и германските Социјалдемократи од нивните колеги во Романија. Во секој случај, тоа е лош знак за погрешно толкувана партиска солидарност.

Романското граѓанско општество, пак, созреа оваа зима. Мирниот, доследен и јасен протест против корупцијата и самоволието, заслужува почит. Граѓаните веќе не сакаат да се задоволат со ронки и празни ветувања. Борбата против руинираниот политички систем уште не е завршена со победа, но протестите низ цела земја се порака - на политичарите нема веќе да им се гледа низ прсти. Политичките партии и во Романија мора да се навикнуваат на тоа дека и ако извојуваат уверлива изборна победа, не значи дека се над законите. 

 

DW.COM

Реклама