Ни воените злосторници не сакаат да го бранат Радован Караџиќ | Свет | DW | 06.04.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ни воените злосторници не сакаат да го бранат Радован Караџиќ

Радослав Крстиќ, бивш командант на Дринскиот корпус на РС, е обвинет поради тоа што двапати одбил да сведочи во полза на одбраната на Караџиќ. „Барањето на Караџиќ е нечовечки акт на насилство“, смета тој.

Судењето по обвинението против Крстиќ ќе биде закажано најдоцна за 45 дена. Радослав Крстиќ, бивш командант на Дринскиот корпус на војската на Република Српска, кој во април 2004 година е осуден на 35 години затвор поради помагање и поддршка на геноцидот во Сребреница, двапати одби да сведочи, по налог на Советот и под закана со казна, во одбрана на Радован Караџиќ, поранешниот претседател и врховен командант на оружените сили на РС, обвинет за геноцид и други злосторства извршени во војната во БиХ.

Крстиќ првпат во октомври минатата година го одби барањето на Караџиќ да биде сведок на одбраната, поради што судскиот совет му испрати т.н. обврзувачки налог. Кога според овој налог на 7, февруари оваа година се појави во судницата на Трибуналот, Крстиќ пред процедурата на полагање заклетва дека ќе ја зборува вистината, му се обрати на Судскиот совет.

Барањето на Караџиќ, за Крстиќ е нечовечки акт на насилство

„Колку и да е неговото барање (на Караџиќ, н.з.) втемелено од правен аспект, за мене е тоа нечовечко и претставува акт на насилство“, изјави тој, додавајќи: „Тој (Караџиќ) едноставно има своја цел која сака да ја оствари по секоја цена, газејќи преку мене, иако моето здравје е сериозно нарушено. Јас го предупредив на ова господин Караџиќ, но тоа нему не му значи ништо“.

Крстиќ тврди дека страда од „пострауматски синдром“ и дека и „самата помисла на сведочење му е тежок стрес“. Судиите побараа Крстиќ да биде подложен на детални лекарски прегледи заради утврдување на евентуалната штетност на сведочењето врз неговото физичко и психичко здравје.

Radislav Krstic Angeklagter Völkermord

Радослав Крстиќ: Не можам да поднесам Караџиќ да гази преку мене

Крстиќ го одби задолжителниот судски налог

Наодот на лекарите беше - сведочењето не би го загрозило здравјето на Крстиќ, па тој на 25 март повторно беше доведен на клупата за сведоци. Но, тој и тогаш одби учество во одбраната на Караџиќ, ризикувајќи да биде осуден на седум години затвор и парична казна до сто илјади евра. Тоа се максимални казни за тужба поради непочитување на судот, кој Крстиќ го товари за одбивање на „задолжителен судски налог за сведочење во предметот Радован Караџиќ“.

Покрај Радослав Крстиќ, уште четворица генерали на Војската на Република Српска одбија доброволно сведочење во одбраната на нивниот екс-врховен командант. Тоа се Миленко Живановиќ, кој беше командант на Дринскиот корпус пред Крстиќ, потоа Здравко Толимир, помошникот на Ратко Младиќ за разузнавачки работи и Љубиша Беара, некогашен началник на безбедноста во Главниот штаб на Војската на РС, двајцата осудени на доживотен затвор поради учество со геноцидот во Сребреница, како и Радивоје Милетиќ, началник за оперативни дејности во Главниот штаб, осуден на 17 години затвор со истото обвинение. За сите нив Караџиќ, кој се брани самиот, бараше издавање задолжителни налози за сведочење, но судиите не се изјаснија се‘уште по овие барања.