Ниска искористеност на обновливите енергетски извори во Македонија | Северна Македонија | DW | 14.06.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ниска искористеност на обновливите енергетски извори во Македонија

Енергијата произведена од реките, сонцето, подземните геотермални води, ветрот и од другите обновливи извори учествува само со 17,2 проценти во структурата на македонската енергетика.

Македонското Министерство за економија избра 606 граѓани, кои ќе добијат субвенции најмногу до 300 евра по домаќинство за купување и поставување соларни системи. Две илјади граѓани доставија барања за тоа. За субвенционирањето се наменети 98 илјади евра. Интересот за ваквиот вид обновлива енергија во оваа држава е во пораст. Во досегашниот период „соларни субвенции“ добиле 2.415 семејства во Македонија. Едно семејство, кое што има вграден соларен термален колектор, годишно може да заштеди 2.400 киловатчасови електрична енергија, или околу 211 евра.

Македонија втора во светот според сончевината – меѓу последните според искористувањето

Македонија има 280 сончеви денови годишно и таа е втора земја во светот, по Калифорнија, со најквалитетен така наречен „пик на сончева енергија“, што достигнува од 1.380 до 1.520 киловатчасови сончево зрачење на еден квадратен метар. Меѓутоа, енергијата произведена од сонцето учествува само со 0,04 проценти, или со 7,4 гигаватчасови во вкупната потрошувачка на енергија во земјата. Иако Македонија се „капе“ во изобилство на сончева енергија, сепак, таа е многу далеку, на пример, од Австрија и Германија, кои имаат 30 отсто помало сончево зрачење од Македонија, но, се водечки во Европа според искористувањето на сонцето. Еден од водечките македонски експерти за обновливи извори на енергија академикот Глигор Каневче коментира за ДВ: „Македонија чини напори да го зголеми процентот на искористеноста на сончевата енергија засега особено за произведување топла вода во домаќинствата, хотелите и другите објекти. Технологијата за користење на сончевата енергија за производство на струја е сѐ уште премногу скапа за масовно користење. Таа ќе биде економски исплатлива дури по 2025 година.“

Сепак, и во Македонија станува сѐ поактуелно сонцето како обновлив извор на енергија и расте бројот на сончевите централи: веќе произведуваат струја 16 помали централи до 50 киловати и 9 поголеми централи со инсталирана моќност до 1 мегават. Во постапка лани беа уште 49 сончеви електрани до 50 киловати и 12 со моќност до 1 мегават.

Solarzelle in Perth

Производство на струја од сончева енергија е сѐ уште премногу скапо за масовно користење

Колку се реални можностите за градење енергетски објекти, засновани врз ползувањето на разните видови обновливи извори? Министерството за економија укажува: „Обновливите извори на енергија во 2013 година учествуваа со 17,2 проценти во вкупната потрошувачка на енергија на државата. Во изминатиот период со механизмите за поддршка, како што се повластените тарифи, се изградија значителен број на електрани на обновливи извори: сончеви електрани, мали хидроелектрани, ветерни електрани и термоелектроцентрали на биогас.“

Како еден од главните автори на споменатата енергетска стратегија, Каневче подвлекува: „Обврска ни беше да разработиме учество на обновливите извори од 21 проценти во вкупната енергетика до 2020 година. Но, со измена на претпоставката за учеството на биомасата во енергетскиот биланс сега е поставена нова цел: до 28 проценти учество на споменатите извори. Правиме анализи како да се оствари тоа.“

Акумулацијата и електраната „Луково Поле“ ќе се градат – клисурата Пројфел нема да се допира

Македонија има на располагање уште еден голем алтернативен енергетски ресурс: потенцијалот на реките. Меѓутоа, тој е искористен само со нешто повеќе од 26 отсто. Владимир Мијаковски, експерт за обновливи енергетски извори од Битолскиот државен универзитет, истакнува: „Хидроенергетскиот потенцијал се користи, пред сѐ, со изградените големи хидроелектрани. Во моментов инсталираната моќност на малите хидроелектрани (до 10 MW) изнесува околу 6 отсто од вкупната инсталирана моќност на сите хидроелектрани. Според ’Стратегијата за искористувањето на обновливите извори на енергија до 2020 година’ се очекува тој процент да биде поголем.“

Schweiz Deutschland Wasserkraftwerk in Rheinfelden

Македонија го има на располагање и потенцијалот на реките

ДВ праша: Колку се користат водните потенцијали преку градење мали хидроелектрани? Во писмениот одговор на Министерството за економија се посочува: „Досега се потпишани 66 договори со 23 домашни и странски интересенти за доделување концесија за вода за производство на струја од мали хидроцентрали. Целосно се изградени 20 мали хидроелектрични централи. Во изградба се уште 14. За останатите 32 мали централи претстои одобрение за градење. Се очекува најдоцна до крајот на 2015 година сите 66 такви централи да бидат изградени.“

Како се реализира проектот за изградба на уште 100 мали хидроелектрични централи? Одговорот на Министерството за животна средина гласи: „Објавивме уште околу 80 локации за мали хидроелектрани. Така се подобрува искористливоста на хидроенергетскиот потенцијал. Се зголемува и искористеноста на обновливите извори на енергија.“

Градбите на одредени електроенергетски објекти не поминуваат баш секогаш „мазно“, без одредени реакции на несогласувања, а токму таков е случајот и со протестите на локалното население во врска со навестениот проект за електраната и акумулацијата „Луково Поле“. Дали Владата останува на својата намера за енергетскиот објект кај „Луково Поле“, по протестите? Од Министерството за животна средина истакнуваат: „Со одлука на Владата, заради заштита на животната средина зафатот ’Пројфел’ е изоставен од проектот и нема да се реализира. Пејзажот на клисурата Пројфел на Длабока река ќе остане непроменет. Проектот ќе донесе економска корист и нема да ја деградира животната средина.“

Околу еколошките дилеми поврзани со (не)оправданоста на „Луково Поле“ и тврдењата дека тоа се гради во недозволена зона, во национален парк, академикот Каневче вели: „'Луково Поле’ е објект којшто делумно зафаќа периферија на националниот парк, затоа што поголемиот дел ќе биде во делот што му припаѓаше порано на Косово и тоа не е дел од националниот парк. При проектирањето строго е водено сметка да не се наруши животната средина. Браната на оваа локација ќе го облагороди сиот тој простор. Мора да се гледаат и придобивките за животната средина.“

„Планирања во енергетиката само со почитување на стгрогите еколошки норми“

Како влијае изградбата на малите електроцентрали врз животната средина и колку еколошките дилеми се земаат предвид при концепирањето на политиката во доменот на обновливите извори? Професорот Мијаковски тврди: „Влијанието на малите протечни (без акумулација) хидроелектрани врз животната средина е многу мало. Поголем проблем за животната средина претставуваат големите хидроелектрани со акумулациони езера. Економските импликации од употребата на обновливи извори на енергија имаат поголемо влијание од еколошките дилеми.“

„Еколошкото министерство“ е категорично: „Согласно со законот за животна средина, секоја инвестиција од областа на енергетиката подлежи на строги критериуми: се доставува писмо за намера, со кое се објаснува изведбата на одреден проект. Согласно со повеќето критериуми, министерството издава одобрение, со кое на инвеститорот му се налага да ги употреби најдобрите достапни техники за заштита на животната средина.“

Каневче се надоврзува: „Енергијата и животната средина се две целини нераскинливи една од друга. Не може ништо да се планира во енергетиката, ако не се почитуваат и најстрогите еколошки норми. Зачувувањето на средината е еден од приоритетите во сите размислувања и развојните планови поврзани со обновливите енергетски извори.“

Во последнава деценија Македонија просечно троши по 150 милиони евра годишно за увоз на електрична енергија. Побарувачката на електрична енергија во земјата до 2016 секоја година ќе расте, а домашното производство нема да може да ја задоволи. Станува се поголема и важноста на обновливите енергетски извори за оваа држава.

Реклама