1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нинисто е нов претседател на Финска

6 февруари 2012

Конзервативниот политичар Саули Нинисто е избран за нов претседател на Финска во вториот круг од изборите со 63 проценти од гласовите.

https://p.dw.com/p/13xhZ
Конзервативецот Саули Нинисто е новиот фински претседателФотографија: AP

Проевропски oриентираниот Саули Нинисто, кој е поранешен министер за финансии и член на владејачката конзервативна Национална коалициска партија, освои 63 проценти од гласовите, додека неговиот противкандидат Пека Хависто од партијата на Зелените освои 37,3 отсто.

Хависто уште синоќа го призна поразот и му ја честиташе победата на Нинисто.

Исклучително студеното време негативно влијаеше на гласањето, излезноста изнесуваше 69 проценти, што е значително пониско од првиот круг од гласањето, кога гласаа 72,8 проценти од гласачите.

Finnland Präsidentschaftskandidaten Pekka Haavisto und Sauli Niinisto
Пека Хависито (лево) му честиташе на Саули Нинисто (десно) уште синоќаФотографија: dapd

Според експертите, гласањето покажува дека Финците сакаат нивната земја да остане во еврозоната, наспроти сомнежите во ефикасноста на спасувачките планови на ЕУ.

Како претседател Нинисто ќе има мали овластувања, освен во областа на вооружените сили и надворешните работи, но потенцијално ќе може да влијае на јавното мислење. Според аналитичарите, еден евроскептичен претседател би можел да изврши притисок на владата да заземе поцврста позиција во однос на спасувачките мерки на ЕУ кон задолжените земји членки.

Инаугурацијата на новиот 12-ти претседател на Финска ќе се одржи на 1 март, кога Нинисто ќе се обрати пред парламентот.

Автор: Жана Ацеска/АМ/дв/миа

Редактор: Б. Георгиевски