Никола Димитров: Граѓаните на Македонија идната година ќе имаат состанок со историјата | Северна Македонија | DW | 19.12.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Никола Димитров: Граѓаните на Македонија идната година ќе имаат состанок со историјата

Идната година, на денот на изборите, треба да си го тргнеме срамот, и да го ставиме таму каде што му е местото, вели поранешниот македонски амбасадор Никола Димитров.

Предвремените избори не се цел сама по себе, ниту пак можат да бидат решение за кризата со големо К, без претходно исполнување на вистинските цели на Договорот од Пржино, укажува поранешниот македонски амбасадор во САД и Холандија и преговарач за името, Никола Димитров. Во интервју за Дојче веле тој ги сподели неговите ставови за ризиците што ги носи делумното исполнување на Договорот, како и за одговорноста на сите македонски граѓани да партиципираат во градењето стабилна држава, со систем еднаков за сите.

ДВ: Договорот од Пржино по вторпат за кус период е соочен со опасноста да заврши како фарса. Дали неговите гаранти ја потценија лукративната креативност на власта за реставрирање на сите девијантни политики кои доведоа до кризата, мотивирајќи ја дополнително и со фиксирање на датумот за избори, или има некаков „систем“ во сето ова?

Никола Димитров: Дозволете ми да потсетам со колку длабока институционална криза се соочува Македонија, позајмувајќи од извештајот на Прибе: „Овие снимки според квалитетот, опсегот и бројноста генерално потврдуваат дека се направени во просториите на домашната разузнавачка служба. Содржината на многу од снимките индицира ... директна вмешаност на високи владини и партиски функционери во нелегални активности вклучувајќи изборни измами, корупција, злоупотреба на власт и овластување, конфликт на интереси, уцени, изнудување (притисок врз вработени во јавниот сектор да гласаат за одредена партија со закана за нивно отпуштање), тешки прекршувања на процедурите за јавни набавки со цел добивање на недозволен профит...“.

Затоа, предвремените избори не се цел сама по себе, ниту пак можат да бидат решение за кризата со големо К, без претходно исполнување на вистинските цели на Договорот од Пржино - создавање услови за утврдување на одговорност за наводните сериозни злоупотреби на моќта и демонтирање на системската предност на владејачката партија, за воопшто да може да стане збор за кредибилни избори. Договорот предвидува специјално обвинителство, бидејќи за редовното има индиции дека е под директно политичко влијание, односно не може да му се верува. Специјалното обвинителство некако застана на нозе, меѓутоа ги нема сите алатки за да биде функционално. За да има „избори“ граѓаните треба да можат да изберат. Тоа подразбира сериозен рез во темната понижувачка технологија на власта на која упатува содржината на снимените разговори. За некој да може да избере треба да има достап до информации (читај слобода на медиуми), треба да не се плаши за своето работно место, треба да не се плаши од инспекции и казни, треба сериозно пречистување на избирачкиот список, треба партиските штабови да се избркаат од државните институции.

Можно ли е комесарот Хан да преземе ризик и да прокнижи некаков успех на Договорот, без оглед што неговата „реализација“ останува повеќе на декларативно ниво, а практиката е целосно спротивна на неговите цели - департизација, владење на правото и функционални институции?

Власта нема доброволно, без сериозен притисок, да се откаже од својата системска предност, бидејќи се плаши од одговорност; се плаши од фер избори и политички натпревар во услови на слободни медиуми. Секоја криза создава и шанса. Во македонскиот случај, шансата на Хан е да ја искористи очигледноста на лошото владеење и тактики, за да и помогне на Македонија конечно да го ресетира политичкиот систем. Брисел има шанса да застане цврсто зад вредностите што ги декларира за да има реален ефект, и тоа токму во земјата каде поради спорот со името, кредибилитетот на проширувањето е најмногу под удар. Многу политичари сакаат брзи решенија и успеси. Но под килимот кај нас, а и воопшто на Балканот, веќе нема место. Комисијата треба цврсто да застане зад медијаторот Ванхауте, да не биде срамежлива и дневно да притиска, за облакот на срамот да не дојде и до Брисел ако целиот процес се претвори во фарса, што наместо одговорност и департизација, ќе донесе легитимирање на збогувањето со демократијата во Македонија. Тоа ќе биде многу штетна порака и за другите држави во регионот, каде проблемите не се многу помали. „Прокнижувањето“ мал успех ќе има директни последици кон дестабилизација и нови кризи, бидејќи стабилноста ја носат стабилни институции, а не цврстите тупаници на лидерот.

Mazedonisch-griechisch Verhandlungen Namenstreit in Ohrid

Никола Димитров (лево) заедно со грчкиот преговарач во спорот за името Адамантиос Василакис и медијаторот Метју Нимиц во Охрид, 2007 година

Но, сегашниот степен на (не)исполнетост на обврските од Договорот, не дава никакви гаранции дека се создадени или дека ќе се создадат предуслови во април да имаме фер и регуларни избори. Како да се запре слободниот пад на државата во уште поголема криза, која евидентно ќе се случи ако во ваква ситуација изборите добијат шанса пред реформите?

Најкрупните чекори што водат кон фер избори во моментот се пречистувањето на избирачкиот список и реформите во медиумите. Работата со списокот требаше да започне одамна. Уште чекаме на договор околу медиумите. Јавните пари се постојано предмет на партиска кампања, каде денешните гласачи се залажуваат со нивните и со парите на нивните деца и внуци. Јас не гледам како да останеме на датумот за избори во април, ако сакаме фер избори. Можеби Комисијата треба повторно да го ангажира тимот на Прибе за да направат проценки до каде сме и дали воопшто нешто е сменето кон подобро. Во секој случај, датумот на договорот за медиумите и процесот на прочистувањето на избирачкиот список се елементите што треба да го диктираат датумот за изборите. Како што велите, прво реформите, после изборите.

Преку агресивен политички маркетинг секојдневно се форсира тачеровската логика „нема алтернатива“ и тоа преку активности кои се во целосна спротивност со духот на „Пржино“. Ако гарантите на Договорот замижуваат пред тоа, ако медиумите се замолчени, ако на критичкото мислење му се лепат етикети и ако граѓанството се пасивизира поради разочараност од таквите состојби, тогаш останува ли општеството без својот spiritus agens за демократски промени?

Како нација, сите граѓани на Македонија заедно, идната година имаме состанок со историјата. Нашата генерација има привилегија и одговорност да изгради држава, да ја пренесе преку линијата на стабилност, да воспостави систем еднаков за сите, и да обезбеди услови за подобар живот. Задачата не е лесна, и не бевме секогаш пречекувани со раширени раце, а и патот не е без дупки и пречки. Меѓутоа, ако секој од нас се запраша каква Македонија сака да им остави на своите деца, што ќе им раскажува на своите внуци за сопствената улога во ова тешко искушение, и направи се што може, тогаш лесно ќе ја победиме оваа агонија. Бидејќи народот не е парола зад која се крие лидерот; народот е работодавец на лидерот.

Кога вработениот лидер греши, треба да се казни, за срамот да си го земе тој и неговите, а не целиот народ. Ние идната година, на денот на изборите, треба да си го тргнеме срамот, и да го ставиме таму каде му е местото. Притоа, ако Брисел и не е толку загрижен за реалната ситуација во Македонија, загрижени се граѓаните. Ако Хан нема волја да притиска, треба да притискаат граѓаните. Паралелно, за да бидеме успешни, ќе треба да извлечеме и една голема поука: да ги заборавиме суетите, да ги оставиме за момент разликите на страна, и да се обединиме околу каузата. Така ќе пораснеме како нација.

ДВ: Во еден период бевте преговарач во спорот за името и ги знаете аспектите на она што значи поволен период за разговори меѓу двете страни, во кој секако не спаѓа предизборен или период на длабока политичка криза. Од тој аспект, што значи средбата Попоски-Коѕијас: манифестирање конструктивност, обезбедување некаков поен во празното досие „добрососедски односи“ или нешто друго?

Јас се надевам дека никој не помислува да флертува со решавањето на прашањето на името кога е во тесно, во слаба меѓународна позиција, за да добие поени надвор. Понекогаш се чини дека името е лек за се. Ако има проблеми дома, го браниме името. Ако има проблеми надвор, ќе го решаваме името. Позицијата на Македонија ќе биде далеку посилна тогаш кога ќе имаме вистински реформска влада, која нема да гради антички споменици, туку ќе гради пријателства.

Ние не знаеме што се зборувало зад затворени врати во Атина. Разбравме дека меѓу Македонија и Грција по тоа прашање има цела планина. Ако таа изјава реално ја отсликува средбата, тогаш тоа го знаевме и претходно. Можеби изјавата е за домашна употреба, за да се амортизира збрката со „Гардијан“, а внатре се зборувало со поинаков тон. Како и да е, оваа влада има јасен мандат да подготви рамноправен терен за избори и тука политичкиот легитимитет завршува. Ако има пак такви меѓународни фактори кои навистина сакаат да и помогнат на Македонија кога е на вакво дереџе дома, тогаш треба да повикаат Грција да се врати на линијата на меѓународното право - Времената спогодба и Пресудата на МСП - и да го тргнат прашањето на името од патот кон НАТО и кон Европа. Се друго ниту е одржливо, ниту е реално, ниту е од помош. Се друго повторно води кон пустата желба за брзи и лесни решенија, слично како и фиксацијата со датумот за изборите.