Ние сме Европа и таа е веќе голема! | Свет | DW | 18.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ние сме Европа и таа е веќе голема!

Насекаде се зборува за поделби, наводно и Европа е засегната од нив. Јагода Мариниќ се надева дека Европа ќе се концентрира на заедништвото, наместо на разликите.

Не знам од каде им е идејата на Европејците дека сега мора да се ориентираат според Трамп. Во добро или во лошо. Симпатизерите на социјалдемократскиот кандидат за германски канцелар, Мартин Шулц, истакнуваат дури транспаренти со пораката: Да ја направиме Европа повторно голема. Така, не само што ја величаат остро критикуваната кампања на Трамп, туку го сквернават и изборното мото на Обама, кое гласеше: надеж. Со тоа се демонстрира сопствената неинвентивност, небаре човек може да копира сѐ што стигнува од САД.

Не може да ми се префрли антиамериканизам, макар што јас често и радо ги критикувам САД: ефектите на изопачениот капитализам, американскиот временски менаџмент, кој сака искористување на секоја минута, армијата квази нови ѕвезди со испрани мозоци, за кои американскиот сон се сведува на една минута во шоу-емисите за избор на таленти, сето тоа. А сепак, многу за мене важни луѓе, уметници, филозофи, доаѓаат од САД или таму работат, зашто нивната работа таму е соодветно вреднувана. Познавам Американци од САД кои со право би можеле да вперат прст во Романија и чија игнорантност не е толкава за да не можат да ја препознаат Италија на географската карта.

Климави споредби

Нервирачкиот „компаративитис“ со САД, што ги има зафатено германските медиуми, политичарите и интелектуалците, трае со месеци. Одеднаш, досега најнеуспешниот претседател на САД се претвори во најголемата опасност за западната заедница на вредности. Европа во голем дел со неверување врти со главата поради Трамп. За многумина, првенствено за Источноевропејците, Трамп е отелотворена потврда  дека игнорантниот Американец, кој мисли дека го владее светот и ништо друго не го интересира, навистина сѐ уште постои. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле ги користи сите средства за споредби со Американците, зашто ова е изборна година. Тој за социјалдемократот Мартин Шулц, уште мал во споредба со канцеларката Меркел, вели дека е во суштина - сличен на Трамп! Но, не секој маж со нарцисоиден изглед е ист со Трамп. Иако, мора да се каже, Шулц би требало да се огради од Трамп-Обама-Шулц транспарентите на своите симпатизери. На Обама може да му е сеедно за оваа компаративна злоупотреба, тој сега може опуштено да оди на скијање на вода. Но, Европа мора за жал да се воздржува од вакви споредби, зашто ретко некој европски политичар толку опуштено би се лизгал по морето како Барак.

Време е моторот на споредби да биде спуштен на помали брзини. Во изборната 2017 година, во Германија на избор стојат искусни политичари. Исто така искусен политичар стана германски претседател - Франк-Валтер Штајнмајер. Значи, ни трага од Трамп. А ако на германските медиуми им е потребна Фрауке Петри од АфД за да го објаснат успехот на Трамп, тогаш навистина не научиле ништо од споредбите. Како Фрауке Петри да има да каже нешто супстанцијално за САД и како да има и најмал увид во главите на Американците - од својот покраински саксонски парламент, од каде веќе со години испраќа помалку или повеќе исти пораки, може да им зборува нешто за САД само на оние кои никогаш не биле таму или немаат кабловска телевизија. 

Нов рефрен - поделба

Новиот рефрен на големите медиуми се анализите за јазот во општеството. Дали се мисли притоа на оној незаинтересиран дел од општеството кој веќе со години не се ни појавува на гласачките места? Или на милионите доселеници кои немаат право да гласаат на избори? Се мисли ли на деветте милиони Германци кои доброволно и волонтерски се ангажираа за бегалците и сега мора да бидат сведоци како политиката дозволува курсот да и го диктираат гласните „гневни граѓани“?  

Во САД постојат секогаш само две партии со свое поимање на патриотизмот. Во Германија отсекогаш имало само патриоти кои со години се убедувале себеси дека овде нема патриоти. Како што е познато, во Бундестагот одамна има повеќе од две партии и сега се обидува да влезе уште една.

Во изборната 2017 година многумина сакаат да ја споредуваат Германија на сојузно ниво со САД: поделба!

Насекаде слушам за поделба во општеството. Не го разбирам тоа. Она што денес се нарекува расцепување, е всушност крајот на онаква ЦДУ каква што ја познававме, имено, како поделувач. ЦДУ со децении ги делеше речиси дваесетте милиони странци и луѓе со мигрантско потекло од оние без него. Со оглед на демографските проблеми на оваа земја, како и бројноста на доселениците, ЦДУ не може да си ја дозволи старата антидоселеничка политика „а ла Кол“. Одеднаш страите бирачи од десниот раб испаднаа од ЦДУ и се вдомија во редовите на АфД. Околу 80 проценти од германските гласачи сепак не ги привлекува крајниот десен спектар. Тоа во 21 век важи и кога се избира ЦДУ. Дали се во прашање поголеми подели од порано? 

Европа не мора да биде повторно правена голема од страна на еден мегаломан или една мегаломанка. Многумина во Европа го гледаат Трамп и мислат: ние нема вака да се бламираме пред светот. Европа гледа дека американските институции и медиумите се спротивставуваат на еден авторитарен владател. Издржливост и непоколебливост мора да покаже и Европа. Сите гледаат само расцепи, но можеби „Америка на прво место“ ќе се погрижи, како што тоа го велат холандските комичари, Европа да биде втора. А тоа нема да ѝ успее на секоја земја поединечно. Можеби Европа не се наоѓа пред расцеп. Европа ќе мора да си одговори кој е и што е во суштина, наместо да сонува за величина според празните изборни фрази на Трамп. Ние како Европа сме дораснати партнери за преговори. Но, како Германија, Словенија, Шпанија, Романија, Полска.. не баш. 

Ако Европа има барем ронка разум, ќе се концентрира повеќе на заедништвото отколку на разликите. А јас верувам во ваквиот европски разум.

Јагода Мариниќ е германско-хрватска писателка и новинарка. Таа е родена во местото Вајблинген како ќерка на хрватски доселеник во Германија. Во моментов живее во Хајделберг. Неодамна беше објавен нејзиниот последен роман „Made in Germany - Што е германско во Германија?". Во него се соочува со идентитетот на Германија како земја на доселеници.

 

DW.COM

Реклама