Не успеа во Сребреница и во Руанда, дали може да успее во Сирија? | Свет | DW | 25.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Не успеа во Сребреница и во Руанда, дали може да успее во Сирија?

Германската министерка за одбрана предлага „безбедносна зона“ во северна Сирија контролирана од меѓународни сили. Но слични зони и сини шлемови не спречија големи масакри врз цивилите во Сребреница и Руанда во 90-те

Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер во интервју за ДВ предложи таканаречена „безбедносна зона“ на северот на Сирија, каде безбедност би гарантирале меѓународните сили. Нејзиниот изненадувачки предлог стана предмет на контроверзни дискусии во Германија. Додека ни во Берлин нема единствен став, другите играчи на северот на Сирија ги доведуваат работите пред свршен чин.

Во Сочи рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се договорија за запирање на огнот и за заеднички патроли во појасот широк 30 километри, во кој на северот на Сирија влегоа турски војници. Од почетокот на сирискиот конфликт, Турција бара формирање на заштитна зона долж границата со план тука да насели милиони сириски бегалци кои во моментов се во Турција.

Повеќе:

-Германија сака да се ангажира во Сирија, во содејство со Русија

-Што по повлекувањето на САД од Сирија?

-Победниците и губитниците во северна Сирија

Зоните кои се нарекуваат „сигурносни“, „безбедноснии“ или „тампон-зони“ не се нов концепт, но таквиот пристап досега не секогаш беше крунисан со успех.

Тампон-зоните во блискоисточниот конфликт

Стравичните искуства од Втората светска војна доведоа до тоа ОН да предложат мерки за заштита на цивилното население во воените конфликти. Прво Советот за безбедност во 1948 години испрати набљудувачи во зоната на конфликт, по првиот вооружен конфликт помеѓу Израел од една и Палестинците и повеќе арапски држави од друга страна .Формирањето тампон-зони е условено, како и во подоцнежните конфликти, со примирје.

„Првобитниот концепт на испраќање на Сините шлемови не беше спротивставување на инвазијата, туку разделување на завојуваните страни по примирјето и формирање зона на безбедност“, вели за ДВ Кристијан Томушат, професор по меѓународно право.

Сините шлемови беа опремени само со лично вооружување кое служеше за самодбрана. Заштитните зони од 1990-те се применувани и надвор од надлежноста на ОН. САД, Велика Британија и Франција во 1991 година востановија зона на забрана на летови над северен Ирак и го поткрепија тоа со редовни борбени летови во зоната. По завршувањето на Првата заливска војна, оваа мерка требаше да послужи да го заштити курдското и шиитското население од режимот на Садам Хусеин. На почетокот операцијата беше започната без мандат на ОН, дури подоцна започна координација со светската организација. Забраната на летови беше проширена на јужниот дел на Ирак, каде служепе за заштита на шиитското население.

Геноцид во Сребреница

За време на граѓанската војна во Хрватска и во Босна и Херцеговина, мандатот на Советот за безбедност во 1993 година беше доделен на „UN Protection Force“ (Заштитни сили на Обединетите нации) попознати како Унпрофор. Сините шлемови требаше да ги заштитат босанските муслимани од српски напади, како и да распределат хуманитарна помош. Иако многу луѓе најдоа засолниште во безбедносните зони, надежите кои се полагаа во овој концепт се изјаловија. Бидејќи, токму во една ваква зона се случи еден од најголемите масакари по Втората светска војна.

Во јули 1995 година српските трупи под команда на Ратко Младиќ ја освоија Сребереница и таму убија над 7.000 момчиња и мажи. Оттогаш Сребреница е симбол за дебакл на концептот за заштита на луѓе во војна кој го создаде меѓународната заедница. „Геноцид пред очите на ОН“, вели професор Томушат. Мандатот на Унпрофор, се потсетува тој, бил многу строго одреден. Сините шлемови можеа да контролираат само веќе договорено примирје, но не беа овластени воено да се спротистават на оние кои планираат и спроведуваат напади.

Геноцидот во Руанда

Уште поголем ужас се случи во 1994 година во Руанда. Таму беше формирана „безбедносна хуманитарна зона“. Неа ја формираа француско-сенегалските трупи на југозападот на Руанда, врз основа на резолуција на Советот за безбедност, откако ектремистите од редовите на народот Хути започнаа да спроведуваат уништување на народот Тутси.

Се случи кошмар и покрај то што ОН располагаа со информации за „списоци на смртта“, кои ги беше составила владејачката партија на народот Хуту. Од 6 април до средината на јули 1994 година убиени беа повеќе од 800 илјади луѓе. За стотина денови припадниците на мнозинскиот нарот Хуту убија 75 проценти од припадниците на Тутси, како и многу политички противници.

Сините шлемови, околу 2500, беа повлечени од Руанда додека се одвиваа масакрите. Тоа е срамна епизода во историјата на Обединетите нации. 

И покрај ваквите дебакли, многу експерти за меѓународно право, меѓу кои и Кристијан Томушат, веруваат во инструментот на безбедносни зони. Предуслов, според Томушат, е да биде договорен мандат врз чија основа навистина ќе биде возможно да се заштитат цивилното население и бегалците.

„Советот за безбедност е должен да ја чува меѓународната безбедност, но и да ги штити човековите права“, вели Томушат и додава дека ни Повелбата на ОН ниту досегашната пракса не се пречки за доделување на таков мандат. Тој истакнува дека е тоа е можно ако сите учесници постигнат консензус. 

Сепак, таков договор во поглед на Сирија едвај да е реален. Русија би можела да го искористи правото на вето во Советот за безбедност, а НАТО, поради својата членка Турција, би тапкал во место. Европската унија ослабната од Брегзит сѐ уште е надворешнополитички недорасната на такви предизвици.

Реклама