Не е прашањето кога во ЕУ, туку како? | Свет | DW | 05.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Не е прашањето кога во ЕУ, туку како?

„Нова фаза“ во дијалогот- така ги опишаа неформалните разговори во Брисел и Александар Вучиќ и Хашим Тачи. Дали таквото, досега невидено, единство во изјавите по состанокот, може да ги забрза евроинтеграциите?

По петмесечна пауза во дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, во момент кога сите се прашуваа дали разговорите во Брисел воопшто ќе продолжат, претседателите Александар Вучиќ и Хашим Тачи за првпат по еден состанок излегоа со идентична порака. Според зборовите на двајцата, дијалогот на Србите и Албанците влегува во „нова фаза“. За Вучиќ тоа подразбира „сериозни и похрабри разговори за идните односи на Белград и Приштина“, а за Тачи- разговори кои треба да водат кон „нормализација и помирување во корист на двата народа“.
„'Сериозно и конкретно' звучи добро, но вообичаено, мораме да видиме дела“, вели за ДВ, Корина Стратулат, експерт за Балканот во Центарот за европска политика.

Дијалогот на Белград и Приштина за нормализација на односите со посредство на ЕУ официјално започна на 8 март 2011 година. Форматите на дијалогот со текот на годините се менуваа, а се менуваа и владите кои преговараа, но поголемиот дел од Бриселскиот договор постигнат во 2013 година, никогаш не заживеа во пракса.
Во Центарот за европска политика во Брисел предупредуваат дека договорите меѓу Србите и Албанците ќе останат тешко применливи доколку се задржи досегашниот принцип на нетранспарентност кој на политичарите од двете страни им дозволува од Брисел да заминат дома и на граѓаните на различен начин да им го претставуваат тоа што било договорено. Во Брисел додаваат дека ни Србите, ниту Албанците не треба од ЕУ да очекуваат таа да им даде „одговор“ или „конечна пресуда“ за идните односи меѓу Србија и Косово.

Serbien | Aleksandar Vucic (imago/Pixsell)

Александар Вучиќ


„Колку и да сака ЕУ да остане неутрална во тој процес, нејзините намери секако ќе се филтрираат од агол на националните политики во Србија и на Косово, како фаворизирачки за едната или другата страна. Но, во моментов не постои алтернативен начин за двете страни да разговараат на ова ниво и за тие прашања“, вели Стратулат.

Кога и како до членство во ЕУ?

Иако последниот состанок во Брисел имаше неформален карактер со цел да покаже дека дијалогот е жив и има иднина, тој донесе и едно многу формално барање. Имено, српскиот претседател Вучиќ побара од ЕУ да го забрза процесот на интеграција на Србија и да каже „кога точно Србија ќе влезе во ЕУ“?
„ЕУ секогаш имала јасен став дека Србија има европска иднина“, вели за ДВ, известувачот на Европскиот парламент за Србија, германскиот пратеник Дејвид Мекалистер. „Реформите кои ги презеде Србија веќе доведоа до отворање на десет поглавја во пристапните преговори, но донесоа и инвестиции значајни за стопанството и за вработување. Брзината на пристапните преговори на Србија ќе зависи од напредокот во примената на реформите“, вели Мекалистер.

CDU Bundesparteitag in Berlin (David McAllister) (Reuters)

Дејвид Мекалистер


Во бриселскиот Центар за европска политика велат дека до забрзување на ЕУ-патот на Србија ќе дојде доколку има „убедливи резултати“ или „настани“ кои би можеле да ги убедат земјите членки да го забрзаат тој процес.
Српскиот претседател најави дека за евроинтегративниот процес на земјата месецов ќе разговара и со претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск. Прашање е дали Туск ќе може поконкретно да одговори на прашањето на Вучиќ. И дипломатите и аналитичарите во Брисел се согласуваат дека таквите прогнози не се можни.
„Временската рамка за влез во ЕУ денеска е дури и помалку јасна- не само за Србија, туку и за целиот Западен Балкан“, вели Стратулат. „Во моментов повеќе внимание се посветува на натамошното поврзување, отколку на термините за влез во Унијата. Затоа, кога говориме за проширување, прашањето 'кога' е важно, но прашањето 'на кој начин' е одлучувачко“, вели аналитичарката Стратулат.

 

Реклама