Не е постигнат договор: изборите „гаражирани“ | Северна Македонија | DW | 16.01.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Не е постигнат договор: изборите „гаражирани“

СДСМ не прифати избори на 24 април. ВМРО-ДПМНЕ преку широки општествени консултации ќе реши за идните чекори. Преговорите во Работната група продолжуваат.

Без согласност од СДСМ за одржување избори на 24 април, ноќеска завршија маратонските разговори на лидерската четворка со еврокомесарот Јоханес Хан, во резиденцијата на ЕУ во скопската населба Пржино. Зоран Заев по средбата соопшти дека за СДСМ не се прифатливи избори без навремена регулација на медиумите и без навремено прочистување на Избирачкиот список.

„Ако се одржат избори на 24 април, ние на такви избори нема да учествуваме, а ќе продолжиме да се бориме за фер, регуларни и демократски услови за одржување избори. Ќе продолжиме да се бориме за слободна и демократска Македонија“, рече Заев. Повеќе детали и одговори за актуелните прашања, тој најави за денеска.

Заев им се извини на новинарите заради условите, во кои, не по партиска вина, тие мораа на силен дожд да го чекаат исходот од средбата, пред да им биде дадена можност да се засолнат во гаражата на резиденцијата.

Груевски: Заев е неоговорен!

Вината за непостигнувањето договор, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја адресираше директно кај лидерот на СДСМ.

„На средбата не се зборуваше ни за законот за медиуми, ни за методологија за прочистување на избирачкиот список, бидејќи Заев не сакаше да се зборува за тоа. Тој единствено инсистираше сите партии да прифатат дека е добро да се одложат изборите. Без никакви сериозни аргументи. Тој добро знае дека прочистувањето на избирачките списоци е работа што може да се заврши за неколку дена. Ни потроши 12 часа и на партиите и на претставниците на меѓународната заедница, за цело време да бара, да моли, да убедува, да инсистира - да нема избори на 24 април. Нас ни е јасно зошто го бара тоа. Затоа што ќе ги изгуби изборите. Тоа е неодговорно однесување. Со потезите што ги влече сака да ја внесе државата во уште поголема политичка криза. Бидејќи тој е актуелен само во криза. Кога нема криза - не е актуелен“, рече Груевски.

Тој потенцираше дека комесарот Хан им соопштил на партиите дека претседателот на ДИК го известил оти не постојат пречки изборите да се одржат на 24 април.

„Комесарот Хан исто така нѐ информираше дека и ОБСЕ и ОДИХР оцениле дека не постојат никакви пречки изборите да се одржат на 24 април. Само еден човек се обидува да ја продолжи и продлабочи кризатаа“, потенцираше Груевски, и најави дека во наредните денови ќе направи широки општествени консултации за следните чекори што ќе ги преземе.

Kombibild Politiker Mazedonien

Преговорите во Работната група продолжуваат

По ноќешниот епилог, засега единство е извесно дека депонираната условна оставка на Груевски нема да се ефектуира. Тој останува на премиерската функција.

Лидерот на ДУИ, средбата што заврши без договор ја оцени како динамична.

„ДУИ побара да се почитува Договорот од 2 јуни/15 јули и државните интереси да се стават над партиските. Во однос на датумот на изборите, три партии се согласија да се почитува договореното, а една партија не се согласи. За такви прашања треба да има консензус“, оцени Ахмети. Тој не одговори директно на прашањето дали може да се организираат избори без учество на опозицијата.

„Не сакам да имам такво размислување, бидејќи сите заедно треба да дејствуваме“, рече лидерот на ДУИ.

Хан: Македонија е во тешка состојба

Еврокомесарот Хан синоќа не ја криеше загриженоста за состојбите.

„Земјата е во многу тешка состојба. Она што го видовме во 2015 година продолжува и во 2016 година. Сметам дека Владата, политичката елита и парламентот треба да посветат внимание на оваа многу сериозна ситуација од која е засегната и економијата на земјата и нејзината евроатланската перспектива. Денеска разбрав дека не е можно да се постигне договор помеѓу сите политички партии за одржување на избори на 24 април. Очекувам сите партии да се држат до договорот потпишан на 2 јуни/15 јули“, рече евокомесарот.

Тој најави дека институциите на ЕУ ќе помогнат во организирањето и спроведувањето на изборите, без оглед на датумот кога тие ќе се одржат.

„Сакам да го уверам секој граѓанин, дека без разлика каква ќе биде конечната одлука на политичките партии за датумот за избори, ние ќе помогнеме во организацијата и дека ќе ја надгледуваме ситуацијата за време на изборите“, рече еврокомесарот, кој не ја исклучи можноста уште еднаш да ја посети Македонија.

Тој во шест часот утрово замина за Брисел, но овде остана медијаторот Питер Ванхауте, кој најави дека преговорите во работната група ќе продолжат.
„Во следните недели ќе продолжиме да се обидеме да работиме, особено на приоритетните проблеми. Ќе дадеме сѐ од себе за да постигнеме договор“, рече Ванхауте. Одговарајќи на новинарско прашање изјави дека е скептичен за функционалноста на ДИК.