„Не добив рак за џабе“ | Панорама | DW | 09.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

„Не добив рак за џабе“

Дијагноза: рак. Откако го надминала шокот, Патриција ја открила силата на својата психа. Тешката болест сепак позитивно се одразила на нејзиниот живот. Ви звучи чудно? Приказната на Патриција не е единствен случај.

„Решете си ги личните работи“, и’ рекол лекарот. Само три месеци претходно на 32-годишната наставничка во основно училиште Патриција и’ биле извадени сите метастазирани лимфни жлезди од пазувите. Онкологот на контролата повторно нашол клетки на канцер во ткивото од лузната од операцијата. Прогнозата за младата мајка била прилично лоша.

Според Светската здравствена организација, во 2018 година околу 9,6 милиони луѓе во светот починале од рак. Особено во посиромашните земји болеста често има смртоносен исход.

Патриција ја преживеала болеста. Кога ќе се наврати на тоа врем,е има впечаток дека самата се втурнала во несреќата со својот начин на живот. Де факто, според Светската здравствена организација, 30-50 проценти од сите заболувања со рак би можеле да бидат избегнати. Ризик број еден е тутунот. Потоа следуваат алкохол и прекумерна телесна тежина, инфекции, загадена околина и изложеност на зрачење.

Krebs Krebszelle Illustration Lungenkrebs (Imago/Science Photo Library)

Психичката состојба од научна гледна точка не мора да има нужна врска со ракот, но таа е многу важна за тоа каков тек ќе земе болеста

Може ли душата да предизвика рак?

Патриција наведува уште една причина: психата. „Со мојот став спрема животот донекаде и самата си ја предизвикав таквата судбина“, вели таа. Таа самата себеси не си придавала голема вредност, била песимист и плашлива. „Секогаш мислев дека некогаш ќе ми се случи нешто лошо."

Дали рак може да биде предвидување што самото се исполнува? Дали повредена психа може да биде плодна почва за заболување со канцер?

„Тоа и од научен аспект е екстремно интересно прашање“, вели професорот Кристијан Албус, кој го води Одделението за психосоматски болести и психотерапија на Универзитетската клиника во Келн.

Прашањето дали и во која мера психата предизвикува рак, во психосоматските научни истражувања е жешка тема. „Во поединечни слуачи има индиции за тоа. Но, таквата хипотеза не може да биде научно потврдена“, вели Албус.

Студии со поголеми групи покажале дека луѓе кои заболеле од рак немале нужно понегативен став во однос на животот во споредба со луѓе кои не заболеле. Но, кога се работи за ставот кон болеста, од големо значење е дали пациентот смета дека самиот е виновен за тоа што му се случило. „Некои луѓе имаат голема грижа на совест, бидејќи мислат дека не морале да се разболат ако имале поинаков став кон животот", вели Албус.

Infografik vermeidbare Krebsfälle

Случаи на заболувања од рак кои може да се избегнат (процентуално): најгоре рак на бели дробови, потоа рак на дебело црево, рак на бубрези, рак на хранопроводник, леукемија

На почеток само шок

Патриција, пак, дошла до друг заклучок: „Ако јас имам врска со тоа дека имам рак, тогаш можам и да го искоренам сама." Таа тешката болест ја сфатила како шанса да си ги преиспита ставовите кон животот и да се промени. Додека дошла до таа точка и’ биле потребни години. Години во кои младата мајка живеела во шок. Се чувствувала неспособна да живее, постојано била во паника од можната претстојна смрт. Одбивала хемотерапија или зрачење. „Мислев дека бездруго ќе умрам.“ Зошто тогаш малтретирање со терапии со такви последици? Сепак и’ е важно да нагласи дека не ги одбива принципиелно таквите методи на лечење. „Не знам дали денеска повторно така би одлучила."

Пораснала со претпоставката дека психотерапии се исклучиво за луди, па така долго време за младата мајка не било опција да побара помош. Бременоста со второто дете ја ослободила од шокот. Патриција започнала терапија и почнала да ги истражува причините за тоа што отсекогаш била многу плашлива. Научила да зборува за траумите, како на пример за првото мртвородено дете и грижата на совест што ја имала. Така, малку по малку, почнала да стекнува чувство на самодоверба и вредност.

Повеќе:

Со тест на крвта до рано откривање на осум видови рак

Психата е одлучувачка за процесот на лекување

Психичката состојба од научна гледна точка не мора да има нужна врска со ракот, но таа е многу важна за тоа каков тек ќе земе болеста, вели психоонкологот Албус. „Има статистички значајна поврзаност меѓу долгогодишната депресија и веројатноста болеста да земе негативен тек."

Гледај видео 00:42

Македонија во врвот по болни од рак на бели дробови

Сепак, тука се поставува прашањето - кој е прв, кокошката или јајцето? „Дали луѓето со лош исход се подепресивни или депресиите се причина за полош исход?" Тоа уште не е до крај истражено, вели Албус.

И покрај екстремно лошите прогнози, Патриција и натаму е жива. И се чувствува добро. Истражувањата кои редовно се спроведуваат покажуваат дека е здрава. „И така, во мене израсна сигурноста дека ракот веќе нема да се појави, заради тоа што јас му ја одзедов плодната почва.“

„Да ги прифатм условите и да ги променам. Или да умрам"

Патриција веќе не работи само како учителка, таа има и своја компанија: „Семејна банда“. Таму на семејства, деца и младинци во тешки животни услови им нуди советување и поддршка. Од помош и’ се сопствените искуства кои ги собрала додека била болна и се лекувала, вели Патриција: „Без ракот не би била таму каде што сум денес.“

Гледај видео 02:03

Фуадовите перики за децата болни од рак

Ракот за неа бил повик за будење, катализатор на патот кон подобар живот. Дали е ова поединечен случај? Во никој случај! „Тоа често се случува", вели Албус. Многу луѓе низ конфронтацијата со тешка болест го ставаат под прашање нивниот дотогашен животен концепт. „Дали имам вистински приоритети? Што ми е вистински важно?" Тие прашања се во фокусот на пациентите.

За да дојде до одговори не мора секој пациент да оди на психотерапија. Минимум половина од пациентите се справуваат со болеста со помош на сопствениот круг пријатели, вели Албус. Оној кому е потребна професионална помош, може да ја добие кај психоонколог.

Патриција се колне дека помошта од добар психотерапевт е важна. Таа претпоставува дека причина за нејзината болест е лошиот став кон животот и затоа за неа е логично лекувањето да почне токму од таа точка. „Сосема сум сигурна дека секоја тешка болест со себе носи порака. Мојата задача беше да ги прифатам условите и да ги променам. Или да умрам."

Реклама