Не го спомнувајте името на ДУИ, за век и веков, амин! | Македонија | DW | 30.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Не го спомнувајте името на ДУИ, за век и веков, амин!

Во зрело демократско општество, новинарите би напуштиле прес-конференција на која јавноста ја „дисциплинира“ со закани, не кој било, туку лично вицепремиерот за европски прашања и македонски преговарач со ЕУ.

Насловот е инспириран од скандалозната изјава на еден поранешен претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), кој побара од новинарите повеќе да не го прашуваат за имотниот лист на Никола Груевски. Тој си замина од функцијата, но духот на таквото поведение продолжи да живее.

Скандалозната „штафета“ ја презеде - каков аспурд - вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој од јули минатата година е именуван и за шеф на делегацијата и главен преговарач на Македонија со ЕУ. Кога ќе започнат преговорите и ќе се отвори поглавјето 23, меѓу првите теми ќе биде и „слободата на изразување“. Во досието за Македонија што ќе стои на преговарачката маса во Брисел, ќе биде нотиран и фактот дека главниот македонски преговарач во јануари 2019 година им се заканил со тужби на сите (партии и медиуми) што го ставиле ДУИ во контекст на обелоденетиот случај со злоупотреби во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Дури и во илустрирани прирачници од типот „ЕУ за почетници“ наменети за едуцирање на школска популација, првата лекција гласи: Секоја власт мора да биде подготвена да одговара на прашања на јавноста и да има повисок праг на толренција за критика, бидејќи нејзе ѝ е доверено трошењето на парите на даночните обврзници, со што ја носи и одговорноста за начинот на кој го прави тоа.

Османи вчера се обиде целосно да ја релативизира одговорноста на проблемот во ПИОМ, тврдејќи дека изјавата на министерката Царовска „е несреќна“, дека парите не се злупотребени, односно не завршиле во ничиј приватен џеб.

Што демантира Османи? Никој и не тврдеше дека парите завршиле во нечиј приватен џеб. Проблемот е што не завршиле на сметките на 12.000 осигуреници во вториот пензиски столб. Тоа значи дека надлежните не си ја завршиле одговорно работата. И ако новинарите објават дека од годината кога почнал проблемот до денес на директорска функција во ПИОМ се смениле тројца директори кадри на ДУИ, тоа не е „фејк њуз“, туку факт. Нив никој не ги обвини дека ги ставиле парите во џеб. Но, по сила на функцијата, тие имаат објективна одговорност за ваквиот пропуст, заедно со други надлежни ресорски поврзани за ова прашање, вклучувајќи ги и првите луѓе на ресорот труд и социјална политика во истиот период.

Minister der neuen mazedonischen Regierung (DW/Petr Stojanovski)

Бујар Османи им се закани со тужби на сите (партии и медиуми) што го ставиле ДУИ во контекст на обелоденетиот случај со злоупотреби во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување

Не значи дека има „злоупотреба“ само ако парите завршиле во нечиј џеб. Злоупотреба, пропуст и грешка, е и ако заради икс причини, парите не завршиле на вистинската адреса. Како ќе ги убедите 12.000 осигуреници дека сѐ е во ред? Дури и парите да биле насочени за хумантирани цели, сигурно немаше надлежните да ги прогласиме за светци, бидејќи тоа е ненаменско насочување на наменски определени средства.  

За разлика од ароганцијата и заканите на Османи, многу подобар впечаток остави актуелниот директор на Фондот за ПИОМ, кој објасни дека за случајот се знае подолго време, и дека првиот аларм бил даден во 2016 година. Оттогаш практично трае склопувањето на коцките во мозаикот за овие, како што тој ги нарече „системски пропусти“. Но, и покрај обидот да се колективизира вината преку фразата „системски пропусти“, факт е дека раководителите и институциите во системот имаат име и презиме. Ако проблемот почнал во 2009 година, а првиот аларм стигнал седум години подоцна, тоа значи дека „системските пропусти“ биле резултат на повеќегодишно кадровско слепило, неодговорност и непосветеност на надлежни лица во надлежни институции.

И наместо условувања за извинувања во рок од 24 часа, и закани со тужби доколку некој го спомнал името на ДУИ во овој контекст, од еден вицепремиер и преговарач со ЕУ се очекуваше јавно обврзување дека во име на транспарентноста и одговорноста очекуваат Обвинителството да го истражи овој случај. Но вчерашните закани се доживеани и како индиректна порака до Обвинителството дека за ДУИ овој случај е затворен.

Во зрело демократско општество, присутните новинари во знак на протест веднаш би напуштиле прес-конференција, на која, на таков начин се „дисциплинира“ интересот на јавноста. Би најавиле медиумски бојкот на изјавите на вицепремиерот, доколку прво тој не се извини за заканите со тужби, бидејќи на таков начин ги инхибира медиумите за каков било интерес околу оваа тема. Да не зборувам со каква брзина би фрчеле соопштенија од новинарските здруженија. Кај нас - ништо од тоа. Неколку наслови од типот „овој во клинч со оној“ или „кој ја зборува вистината за ПИОМ?“ За заканите кон медиумите кои се главен трансмитер на јавноста - ништо. Ќе премолчиме едно, ќе си премолчиме друго, а потоа со „задоцнет ум“ загрижени ќе прашуваме - зошто Македонија е на дното на разни меѓународни листи?

Заради нас.   

DW.COM

Реклама