Нејнски: ЕУ мора да биде гарант на договорот меѓу Скопје и Софијa | Северна Македонија | DW | 13.12.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Нејнски: ЕУ мора да биде гарант на договорот меѓу Скопје и Софијa

Спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија е решен со потпишаниот договор за добрососедство. Тој сега треба да се спроведе од двете страни, вели за ДВ поранешната шефица на бугарската дипломатија Надежда Нејнски

Бугарија I Надежда Нејнски

Надежда Нејнски, поранешна министерка за надворешни работи на Р. Бугарија

ДВ: Госпоѓо Нејнски, ќе ве вратам во февруари 1999 година, кога премиерите на Република Бугарија и на Република Македонија - Иван Костов и Љубчо Георгиевски - ја потпишаа Декларацијата за добрососедство. Вие тогаш бевте министер за надворешни работи на Бугарија. Како дојдовте до оваа декларација и кои потешкотии требаше да ги надминете пред да биде потпишана?  

Нашата влада и луѓето кои што тогаш ги носеа одлуките, ги следевме  геополитичките интереси на Европската Унија и НАТО. Бевме исклучително прецизни, но и решени да ја развиеме перспективата на Балканот во однос на двете организации. Нашата политика кон соседите, вклучително и тогашната Република Македонија, вклучуваше сериозна помош за време на војните во поранешна Југославија. 

Кризата во Косово ризикуваше да го дестабилизира Балканот. Бугарија тогаш ја бранеше тезата дека не може да прими бегалци. Целта на Милошевиќ беше да го изнесе конфликтот од територијата на поранешна Југославија и да го дестабилизира целиот Балкан. Во исто време, за нас беше исклучително важно да ја одржиме стабилноста во регионот и конкретно во Македонија. Помогнавме да се подигнат бегалски кампови за да се засолнат оние кои бегаат од конфликтот, но и да се задржат блиску до нивните татковини за да можат да се вратат откако ќе помине конфликтот, што и се случи.  

Нашата помош за владата на Љубчо Георгиевски беше ценета. Ние го заштитивме нашиот национален интерес на начин со којшто беше заштитен и интересот на Република Македонија. Уште тогаш кажавме дека кризата во Македонија е закана за европската безбедност. Имав многу средби со Срѓан Керим, со Јоргос Папандреу, со различни земји во Европската Унија и повикав на посериозни напори од страна на меѓународната заедница. Бугарија беше подготвена за техничка помош и беше во контакт со европските колеги во потрага по решение. 

Тоа беа многу драматични моменти кои создадоа атмосфера на доверба и разбирање меѓу нас. Како резултат на тоа, и декларацијата, која беше потпишана во 1999 година, стана возможна. Најголем пробив во неа беше договорот за јазикот. Во таа Декларација за прв пат се зборува за „македонски јазик, според Уставот на Република Македонија“. 

ДВ: 23 години подоцна, ситуацијата е поинаква. Неколку пати ја споменавте тогашната координација со европските партнери. Зошто сега европските партнери во голема мера не ја разбираат бугарската позиција - затоа што таа не е доволно кохерентна или не е јасно формулирана? 

Убеден сум дека Балканот е дел од геополитичкиот интерес на Европската Унија и НАТО. Европската унија мора да го види својот интерес во успешното спроведување на билатералниот договор меѓу Бугарија и Северна Македонија и да стане гарант за неговото спроведување, наместо секоја од двете земји да се обидува да привлече други земји, новинари итн. Затоа и направив паралела со тоа време. 

Бугарија I Надежда Нејнски

Надежда Нејнски

Бугарија мора да има активна надворешна политика која ќе се фокусира на потребата од спроведување на билатералниот договор. Ова е договор меѓу земја-членка на ЕУ и земја кандидат за членство во ЕУ. Спорот не е меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку меѓу Северна Македонија и Европската Унија. Она што се очекува од двете земји - од Северна Македонија и од Бугарија - е овој договор да се спроведе. Со оглед на тоа што двете страни го потпишаа овој договор, тоа значи дека постигнале некаков договор за спорните прашања. Овој спор е решен во договорот. Бугарија во моментов вели дека Северна Македонија не го спроведува, Северна Македонија вели дека ние не го спроведуваме. ЕУ, која најмногу треба да биде заинтересирана за добрососедски односи, кои се гаранција за мирот и спокојството на Балканот, мора да биде гарант за неговото спроведување. 

ДВ: Бугарија прва ја призна Република Македонија пред 30 години. Сепак, до ден денес остануваат тензиите меѓу политичарите, дипломатите и научниците од двете страни. Што не направи Бугарија, а што не направи Северна Македонија за да ги надмине овие несогласувања? 

Има многу историја на Балканот, но и во остатокот од Европа. Но, причината зошто балканските земји се стремат кон Европската унија не треба да бидат само средствата и парите, туку моделот на политички, социјални и социо-економски односи. Европскиот модел се докажа со текот на времето и им овозможи на земјите кои во минатото водеа крвави војни да постигнат договор и доверба што ќе им овозможи да развијат заеднички програми за доброто и благосостојбата на нивните народи. Верувам дека сите балкански земји, свесно или не, се стремат кон овој модел. И тоа треба да биде водечкиот принцип. 

Овој модел значи развивање на способност за решавање спорови со слушање на аргументите на двете страни. Мора да се надоврземе на она што го постигнавме - договорот што беше потпишан, а 90 проценти од него беше содржан во Декларацијата за добрососедство од 1999 година, е достигнување и за двата народа и за двете држави.

ДВ: За неколку дена Бугарија најверојатно ќе има нова влада. Може ли да се дојде до решение со новата влада? Какви надворешнополитички сигнали даваат Кирил Петков и Асен Василев?  

Оваа влада мора да води активна политика меѓу европските партнери и овде на Балканот. Добро аргументирана позиција ќе им овозможи да развијат односи и со Република Северна Македонија и со остатокот од Балканот. 

ДВ: Бугарија трипати гласаше на парламентарни избори оваа година. Дали сте оптимист дека новата влада и разноликата коалиција што ќе ја формира ќе ја извлечат земјата од политичката криза?  

Предизвиците пред новите владетели ќе бидат многу големи, како поради сложената агенда што им претстои, така и поради сложениот и иновативен начин на кој беше изградена оваа коалиција. Таа е натоварен со многу високи очекувања. Во оваа смисла, за сите нас е важно тие да успеат во оваа амбициозна програма. 

Првите 100 дена ќе ни дадат претстава за тоа дали оваа коалиција, која е нов тип за Бугарија, функционира. Дали различните интереси и предисторијата на нивните взаемни односи ќе бидат подредени на новата агенда и амбицијата за промени. Навистина има многу ветувања, но политичарите постојано се сопнуваа во обидот да ги претворат ветувањата во дело.

Надежда Нејнски е бивша министерка за надворешни работи на Бугарија (1999-2001), претседател на СДС (2002-2005), европратеник (2009-2014) и амбасадор на Република Бугарија во Република Турција (2015-2020).

 

DW.COM