Неутрално до балчак | Северна Македонија | DW | 03.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Неутрално до балчак

Институциите во државата немаа храброст да ја пресечат дилемата околу терминот на изборите, бидејќи погрешно мантраа дека партиите треба да се договорат. Пишува Петар Арсовски

Пред некој ден едни добри пријатели ми покажаа едно интересно видео, каде едно момче, на квиз по математика во основно училиште, како одговор на равенката колку е два плус два, пишува дваесет и два. Учителката, се разбира, му објаснува дека тој одговор е неточен, и дека точниот одговор е четири, кога се појавува вистинскиот проблем.  На објаснувањата на учителката, ученикот се буни, тврдејќи дека во слободно и демократско општество, не може едно мислење да е поважно од другото, и дека неговиот одговор има еднакво право да биде точен како и оној на учителката.  На овој негов став се приклучуваат и неговите родители, тврдејќи дека е „средновековен“ метод да се тврди дека постои само еден точен одговор.  Следи јавен скандал, каде ова ескалира дотаму да ја обвинат учителката за дискриминација, нетолерантност, недостаток на неутралност, проблемот стигнува до директорот, советот на родители, просветниот инспекторат и слично, и погодете што: учителката ја отпуштаат од работа зашто не била неутрална.

Гледајќи го видеото се потсетив на тоа како овој феномен на вештачка, изнасилена, неутралност, каде на две спротивставени позиции, од кои едната е очигледно погрешна, ќе им наметнете стандард на еднакво право на глас, и колку често тоа оди на штета на објективноста.  Така, заменувајќи ја меритократијата и објективноста со вештачка урамниловка на позициите, неутралноста станува суштински непријател на вистината. Ваквото едначење на позициите, и замената на факти и вистина, со еднаков пристап во јавноста, е суштински опасна позиција, каде најчестиот резултат е дека победува погласната наместо правилната позиција, што во основа ги храни и демагогијата и популизмот, како најголеми непријатели на денешната демократија.  Дозволете да споделам неколку примери.

Претходни колумни од авторот:

Се’ по список

Лажни дилеми

За непотребните компликации

Експерти од општа пракса

Медиумите се особено податливи на оваа догма на вештачка неутралност, бидејќи тие, под доктрината на плурализмот, се системски тренирани да „ги прикажат двете страни“.  Ова како мантра на модерните редакции, оди на штета на објективноста и фактографијата, и погрешно ги интерпретира новинарските стандарди.  Работа на новинарот е на сите засегнати страни да им обезбеди еднаков пристап до медиумот, а не еднаква позиција во прилогот или текстот.  Овој феномен оди дотаму што често, во емисии, на пример, во обидот да „ги има двете страни“, медиумите вештачки еднакво место им даваат на експерти и на радикални аматери, од кои едните, без никакви факти, и слепи за вистината, доаѓаат во позиција да се расправаат со експерти кои за нив претходно би биле со право недостижни, само заради потребата од „неутралност“ и стравот од „празно столче“.

Така, ваквиот пристап им дава на антиваксерите, анти 5Г групациите, хомеопатите, рамноземјашите и другите „јасновидци и врачеви“, кои реално немаат никаков аргумент, факт, доказ или рационална поткрепа за своите позиции, место на рамноправни партнери за дебата. Пропагирајќи ја таа позиција на замена на факти со „право на мислење“, ние се донесовме во ситуација да треба да се докажуваме дали корона вирусот навистина постои, дали мерките треба да се почитуваат, дали кемтрејлс ни ги „пржат мозоците“, и дали во еволуцијата на видовите, Македонците се појавиле пред амебата.  За последново сме во мртва трка со Србите.  

Ова давање вештачки простор во јавниот дискурс, на групи и поединци на кои таму реално не им е местото, има и една посуптилна, но уште подијаболична, последица.  Овој феномен е оаза за продуцентите и пропагаторите на лажни вести.  Тој им овозможува две суштински работи: (1) лажните вести да добиваат позначајна позиција одошто заслужуваат, бидејќи нели и мислењето дека земјата е рамна е валидно мислење кое „во плурализам заслужува должно внимание“, па така е многу потешко да се одвојат лажните и измислени медиумски спинови и наративи од реално известување и истражувачко новинарство; и (2) им овозможува на центрите за лажни вести, кои најчесто не се вистински медиуми, преку оваа мимикрија, да се прикажат како медиуми и новинари, со што ја добиваат истата заштита од професионалните друштва и законот, како и вистинските новинари кои својата работа ја базираат врз факти - феномен кој овозможува овие центри, кои всушност работат на уништување на новинарската професија, токму од истата да бидат најревносно заштитувани.  Така, доаѓаме до апсурдите на кои бевме сведоци во последните неколку дена – целосна измислица дека „сухои“ демек ги пресретнале НАТО авионите Ф-16 кои ја прелетаа државата, лажна вест во која половина од населението поверува, и за која социјалните медиуми расправаа со денови.

Ваквата лажна урамниловка има и свои последици во политиката, бидејќи им дозволува на радикалите, но и на радикалните, но неосновани позиции, од поголемите партии, вештачко еднакво место на секоја преговарачка маса.  Така, фатени во сопствената стапица на „неутралност“, на пример, чувствувам дека институциите во државата немаа храброст да ја пресечат дилемата околу терминот на изборите, бидејќи погрешно мантраа дека партиите треба да се договорат.  На партиите не им е работа да се договараат за најдобриот термин за изборите, за кој притоа, најповиканите во моментов „немаат мислење“. Не можат институциите (Влада, Парламент, Претседател) да се изземат од одговорноста за уредување на овој датум, доколку партиите не постигнат договор, или почувствуваат дека има намерни саботажи. Логиката „ние не се мешаме, треба консензус“ е всушност логика која на било која партија и дава право на вето на датумот, што може да има катастрофални последици по функционалноста на институциите во оваа криза. Со други зборови, при средбите на државниот врв, ако едната партија тврди дека врне, а другата тврди дека е сончево, не е работа на првите луѓе да седат во затворена канцеларија и да им велат на партиите „договорете се какво е времето“, туку имаат обврска да излезат до прозорец и да видат која е вистината, па потоа така и да постапат.

Реклама