Нетанјаху го критикува Кери, Штајнмајер го поддржува | Свет | DW | 29.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нетанјаху го критикува Кери, Штајнмајер го поддржува

По Резолуцијата на ОН против изградбата израелски населби на окупирани територии Израел ги критикува посебно САД. Германскиот министер за надворешни работи го поддржува американскиот колега Џон Кери.

Од аспект на германскиот министер за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмајер, апелот на неговиот американски колега Џон Кери за дводржавно решение во блискоисточниот конфликт е правилно. „Говорот кој го одржа Кери е истовремено предупредување и порака: предупредување дека решението за дводржавност не смее да стане празна флоскула, а порака до двете страни јасно да се декларираат за ваквото решение и да преземат конкретни мерки кои ќе ја потврдат нивната одлука“, изјави Штајнмајер.

Неуморна работа за постигнување мир

Воедно, Штајнмајер го зеде во заштита својот американски колега против нападите од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. „Мојот пријател Џон Кери од стапувањето на функцијата неуморно работи на постигнување мировно решение во конфликтот меѓу Израел и Палестинците“, истакна тој. Кери во својот „френетичен говор, инспириран од длабока убеденост, ги скицираше принципите за мировно решение. Тоа се преговори за решението со постоење две држави, со цел да се постигне мирен соживот на две држави- едната е еврејски и демократски Израел, а втората - демократска Палестина“, потенцира Штајнмајер.

Изјавата на Штајнмајер е воедно и реакција на критиките од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тој најновиот говор на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери посветен на Блискиот Исток го нарече „длабоко разочарување“. Кери ја спореди изградбата на нови населби во Ерусалим со палестинскиот терор, тврди Нетанјаху: „ Ако американската влада со ист ангажман се залагаше против палестинскиот терор колку против изградбата израелски доселенички населби, мирот можеби ќе имаше поголема шанса.“

Нетанјаху: Нам ни се одрекува правото на егзистенција

Суштина на проблемот и натаму останува одбивањето на Палестинците да го признаат Израел како еврејска држава. „Како е можно да се склучи мир со некого кој ја негира нашата егзистенција? Штета што американскиот министер Кери не ја гледа оваа едноставна вистина“, истакна израелскиот премиер.

Палестинскиот претседател Махнуд Абас напротив изрази подготвеност за преговори со Израел, доколку земјата прекине со градењтео населби на окупираните територии. Во моментот кога израелската влада ќе стави крај на градежните активности и ќе се согласи на примена на заеднички одлуки, палестинското раководство стои на располагање за продолжување на преговорите, врз основа на меѓународното право и меѓународните резолуции, потенцира Абас.

Советот за безбедност на ОН минатата недела првпат по 1979. година донесе резолуција против израелското градење населби на окупирани територии. Тоа беше овозможено со одлуката на САД да се воздржи од своето право на ставање вето, така што се воздржа од гласање. Сите останати членови на Советот за безбедност на ОН гласаа за Резолуцијата која бара итно запирање на градбата израелски населби во Западниот Бреги Источен Ерусалим.

 

DW.COM

Реклама