Неславно и заминувањето на Иванов | Северна Македонија | DW | 08.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Неславно и заминувањето на Иванов

По два мандати во кои одржуваше поделби по политичка и етничка линија, претседателот Иванов со некои вчерашни оценки во обраќањето пред папата, и најнеславно си заминува, оценуваат аналитичари

Историската, и одлично организирана посета на папата Франциско на Скопје, заврши со силни пораки на Светиот отец за мир, љубов и заедништво меѓу мозаикот од граѓани со различна вероисповед. Единствената темна дамка на посетата ја остави обраќањето на претседателот во заминување, Ѓорге Иванов, кој дури и оваа прилика ја искористи за да се жали од состојби во кои учествуваше десет години. 

„Вистината е дека Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениските блокади на нашиот европски пат доведоа до политички и морални кризи што го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајни вредности. Крстот и полумесечината, црквата и џамијата се злоупотребуваат како граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии“, рече Иванов.

Премиерот Заев и новоизбраниот претседател Пендровски, кои беа присутни на обраќањето на Иванов, во име на прекрасните пораки од папата решија да не ги коментираат оценките на претседателот. Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, за ДВ само кусо изјави: „Последната корица од десетгодишната книга на Иванов изразена преку денешниот говор, не ве остава да прочитате која било страна од неа, бидејќи е сиже на неговите два мандата - поделби, ексклузија и непочитување“. 

Кој држи „лекции“?

Аналитичарите се изненадени што Иванов не смогнал сила дури ни неколку дена пред завршувањето на мандатот да каже убав збор за својата земја пред папата.

„Свесен дека во последен момент може да добие малку од вниманието на светската јавност, ја злоупотреби приликата и ја демонстрираше својата лична фрустрираност од промените во земјава кои ги поздравува цел свет“, оценува професорот Ѓорги Спасов.

„Иванов, кој молчеше како риба десет години и не зуѕна ни збор за сите криминали и неправди правени од режимот на Груевски, и кој лично во тој период го поттикнуваше и одржуваше политичкиот и етничкиот раздор во земјата, сега му соопштува на папата дека 'македонското општество било длабоко поделено'. Во време кога папата ја посети нашата земја, пред сѐ, заради постигнатите договори со соседите и унапредување на мирот во регионот, Иванов се дрзна да држи лекција дека земјата е ранета заради 'изневерни очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница', фрлајќи ја сета вина врз неа за 'блокади што довеле до политички и морални кризи, го намалиле нашиот духовен имунитет и ги еродирале вистинските вредности'. Целосно неумесно и недостојно за еден претседател, кој ќе остане запаметен по одржувањето на власт со помош на реториката на национализмот и ширењето на омраза“, вели Спасов.

Според него, наместо да демонстрира покајување за сите гревови што ги направи во мандатот и да бара простување, Иванов најбезобразно ги повика сите граѓани да ја  препознаат симболиката на посетата на папата и да се вклучат во духовната обнова на Македонија, пред да било предоцна.

Papst Franziskus in Nord-Mazedonien (Reuters/Vatican Media)

Папата Франциско и претседателот Ѓорге Иванов

„Папата и во оваа прилика ја демонстрираше својата мудрост. Се направи како да не го слуша Иванов, и по искажаните бројни пофалби за земјата и народот рече: 'Ве охрабрувам верно да го следите започнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и плодна интеграција на културите, религиите и народите. Бог да ја чува Северна Македонија, да ја зачува хармонијата и да даде просперитет и радост!' Сигурно во себе си рекол и 'Бог да ве чува од политичари како Ивaнов'“, вели Спасов. 

Крај на тридецениската изолација

Посетата на папата Франциско на Скопје, со голем интерес беше проследена и анализирана од светски медиуми. Весникот „Њујорк Тајмс“ во текст под наслов „Посетата на папата Франциско ја става Северна Македонија на светската мапа“, оценува дека „по решавањето на горчливиот спор за името и членството во НАТО кое се очекува до крајот на годината, Северна Македонија доби уште еден знак дека нејзината речиси тридецениска меѓународна изолација завршува“.

Повеќе: 

„Бог нека ја чува Северна Македонија“

Историска посета на папата во Скопје

Северна Македонија: Колевка на словенската теологија

Можно ли е само претседателот Иванов да не го гледа она што го гледа светската јавност?

За новинарот и аналитичар, Зоран Иванов, неразбирливо е зошто кога очите на светот се свртени кон нас, претседателот имал потреба со нагласена реторика да ги истури сите чувства за неговите домашни политички фрустрации.

„Зошто на ваков начин и пред оваа личност да ја покаже својата политичка депресија и така најнеславно да го заврши својот десетгодишен мандат? Пред да го срочи својот говор, Иванов требаше да знае дека папата знае за неговото политичко самомаргинализирање, за целата негова ксенофобична националистичка агенда, за неговите инаети и отпори кон какви било промени што земјата развојно ќе ја поттурнат нанапред. Навистина штета што не прозборе за 'славното минато' во какво што искушение самиот најави дека се наоѓал. Можеби за миг помислил дека папата не ја знае баш историјата, па и онаа античката, па во Иванов ќе препознеше роднина на Филипа, таткото на Александар. Наместо тоа, тој го вознемири папата со констатација дека доаѓа во време кога македонското општество е длабоко поделено, а државата тешко ранета поради изневерените очекувања од меѓународната заедница. Од онаа истата по која тој потплукнуваше,  не така ретко за време на своето претседателствување“, констатира Зоран Иванов.

Гледај видео 04:24

Папата Франциско одблизу

Притоа потсетува дека од почетокот на мандатот, за состојбите во државата на Иванов секогаш му бил виновен некој друг, и од внатре и од надвор, само тој не. Па затоа и пред поглаварот на Римокатоличката црква не кажал ништо за својата улога во констатираните состојби, и не ги појаснил причините за блокадите и за неговите обиди тие состојби да не бидат отстранети.

„Премолча дека до неодамна во државата владееше режим чиј креатор, поддржувач и одржувач беше и самиот тој. Но и не мораше, зашто на високиот гостин и тоа како му е познато тоа. Дополнително, наместо како на татко на нацијата да повика на помирувања, тој ги употреби крстот и полумесечината во функција на натомошни делби, а црквите и џамиите како тврдини за маркирање на некакви си замислени територии. Притоа игнорирајќи го сопствениот молк, како на пример, за црковно- џамиските настани на скопското Кале. Наспроти тоа, папата на универзитетскиот професор му одржа предавање за позицијата на државата чиј претседател е: мост меѓу Истокот и Западот каде што се среќаваат културни струи, каде што се обединувааат многу посебни карактеристики на овој регион. И за миксот од различните етнички припадности кои и на ова општество му овозможуваат да постигне соживот. Карактеристики кои, нагласи папата, се од голема важност за патот кон што побрза интеграција во европските земји“, вели нашиот соговрник.

„Нашиот претседател повика да ја препознаеме симболиката на посетата на папата. Само повика, но очигледно таа симболика тој самиот не ја препозна“, заклучува Зоран Иванов.

             

                                                                                    

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама