Непогрешливиот инстинкт | Македонија | DW | 11.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Непогрешливиот инстинкт

Она што ВМРО-ДПМНЕ изгледа дека одбива да го разбере, е дека кога се работи за спроведувањето на договорот за името, не постои сценарио во кое тие имаат добитна опција. Колумна на Петар Арсовски.

Во текот на поновата македонска историја, ВМРО-ДПМНЕ, на повеќе наврати, во клучните моменти кога се прекршувал патот кој општеството и државата ќе го фатат, се наоѓале пред клучни одлуки. Тие во сите такви одлучувачки катарзи, имале можност на избор, на стратешка одлука за генералниот правец на нивната идеологија и политички наратив. Соочувајќи се со одлука пред таквите крстопати, ако го имаме предвид нивното политичко наследство, релативно е едноставен заклучокот дека тие, како тактика, но и политичка матрица, секогаш имале непогрешлив и доста конзистентен партиски инстинкт – кој бил без исклучок погрешен.

Без малку секогаш, изборот се сведувал на тоа дека партијата се соочувала со шизма помеѓу ретроградниот, националистички и ксенофобичен наратив, најчесто поврзан со криминоген лајтмотив, и цикличниот, револутивен квантен пробив на енергија кон глобализацијата, модерните цивилизациски вредности и либералниот напредок. Без исклучок, ВМРО-ДПМНЕ досега упорно се држеле до погрешниот правец, по цена на сопствено самоуништување. Така, повеќепати, како последица на упорното и слепо држење до тој погрешен инстинкт, останувале оставени без приклучок со реалноста, распарчени, демолирани како партија, со целото раководство во аут, партијата политички лепрозна и во егзистенцијална криза, со долг и мачен период на рехабилитација. Така беше во 1990-тите кога не успеаја да го трансформираат националниот во државотворен наратив. Така беше 2002-ра, кога тогашното раководство не успеа да го воочи моментот кога треба да се качи на возот на национално помирување и етнички соживот, така беше и во 2013-та, кога тогашното партиско раководство не го препозна моментот кога плимата се прекрши и условната толеранција за нивниот тоталитарен стил заврши. И тогаш, веќе по трет пат, упорно ја одбиваа реалноста, држејќи се за своите политики, надежни инсталации, илузии за силни надворешни сојузници, и упорен конфронтативен, недемократски метод. 

Сами против сите

Соодветно на тоа, оваа партија упорно, циклично, но и релативно неизбежно, доаѓа во ситуација „сами против сите”, во која единствено тие самите внатре, не гледаат и не препознаваат дека се суштинско малцинство, и дома и во светот, и дека од таа ситуација им е практично гарантиран статусот на политички лузери. Имам впечаток дека и оваа последна катарза на општеството ќе го затекне ВМРО-ДПМНЕ во слична ситуација. Повторно се плашам дека нема да научат од сопствените грешки, и дека во последнава критична одлука за иднината на државата и општеството, сепак, и покрај големите напори на целата домашна и меѓународна заедница, ќе го послушаат сопствениот, погрешен, политички инстинкт, и пак ќе завршат девастирани, и политички изолирани, упатени да се глодаат самите себе додека останатиот дел од општеството оди напред и ги гледа со неверица. Ваквата проценка ја темелам на неколку фактори.

Прво, мислам дека имаа погрешна проценка уште на почетокот на овој процес, која беше во насока дека проблемот со името не може да се реши, односно дека ќе остане нерешлив. Оваа проценка ја темелеа на сопствените искуства, кои не беа целосно неточни – точно е дека тие немаше никогаш да добијат ваква понуда ниту шанса. Оттаму, создадоа политичка стратегија, и така впрочем ја устроија и партијата, насочена кон ловење на националните гласови на противниците на решението. Тоа е нивната прва стапица – сега се фатени надвор од нормалниот дискурс по ова прашање, врзани во погрешната пазарна ниша, која меѓу другото, постојано ќе се намалува, како што се заборава болката, а се користат предностите од договорот.

Други колумни од авторот:

Датумска драма

Северна, ти калеша неверна

Второ, мислам дека се сѐ уште под притисок дека мораат да испорачаат некаков политички дил со кој би се рехабилитирале политички, членовите на партијата кои се во моментов под правна закана, имајќи предвид дека сѐ уште голем дел од инсталациите, и финансиски, и политички, се врзани за оваа структура. Така, сегашното раководство е фатено во втората стапица – амнестија за референдум – што за нив е катастрофална политичка позиција, зашто прави супститут на принцип со гол прагматизам. Така, оваа позиција за останатите гласачи, па и политички чинители изгледа како ВМРО-ДПМНЕ да не е всушност загрижен да ја спаси Македонија, туку само да ги спаси сопствените криминогени членови. Оваа оска е во таа смисла неодбранлива, однапред изгубена, битка.

Третата стапица за нив е да се заглават на полето на меѓународна политика. Ова е поле на кое власта во моментов стои најдобро, и држејќи се упорно за темата за договорот за името, ВМРО-ДПМНЕ не може да ќари. Сепак, кредибилитетот и довербата, кај домашната, но и меѓународната јавност, на ова поле, е во полза на СДСМ. Што подолго ВМРО-ДПМНЕ ја држи оваа тема актуелна, тоа повеќе ќе губи.

Сѐ уште има шанса за вистински избор

На крајот, она што ВМРО-ДПМНЕ изгледа дека одбива да го разбере, е дека кога се работи за спроведувањето на договорот за името, не постои сценарио во кое тие имаат добитна опција. Сите расплети, стратегии, тактики и варијации, завршуваат со спроведен договор. Преголем е механизмот, пресилни се интересите и вниманието на светската јавност, за овој проект да може да заврши како било поинаку освен онака како што е во моментов зацртан. Притоа, уште пострашно, опозицијата упорно одбива да разбере дека тие се, едноставно, малцинство. Во општеството, фактички е поголема поддршката за договорот, одошто против него, и никаква политичка тактика не може да го смени тој факт. Оттаму, ВМРО-ДПМНЕ може да го забави, да го саботира, да се обиде да го комплицира, но никако не може да го спречи договорот. Тој ќе се ратификува и спроведе, со или без нив. Значи судбината на договорот е вон нивна контрола. Тие единствено во моментов сѐ уште ја контролираат својата позиција во однос на овој процес.  Тие можат да го поддржат, и да се обидат да се ребрендираат брзо, да го баталат лузерскиот наратив и да се борат на поле на економија и социјала, каде имаат подобра шанса за побрзо да се вратат на власт, или можат упорно да се држат за ретроградниот националистички изолационизам, фатени во живата кал да ги бранат сопствените претходни криминалци, до крајот. Тој за нив најверојатно ќе резултира со пропадната и обвинета партиска елита, распарчена партија, уништена генерација политичари, а државата оставена без силна опозиција, што е сериозен проблем за нас како граѓани.

Изборот е нивен, а тие сѐ уште имаат шанса да го направат вистинскиот, наспроти нивното досегашно портфолио. Можност за избор сѐ уште имаат, прашање е дали имаат и храброст.

DW.COM