(Не)Оправдан револт на камионџиите! | Економија | DW | 28.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

(Не)Оправдан револт на камионџиите!

Цената на бензините драстично се намали, но револтот максимално се зголеми. Поскапата акциза ги вади на улица транспортерите, кои сепак не се единствени во одговорот на антикризната мерка.

Скопје денеска напладне ќе биде под камионска блокада. Дел од транспортерите, протестно ќе продефилираат низ улиците на главниот град со крајна дестинација пред седиштето на Владата, каде јавно ќе го изразат својот револт од цените на бензините. Можеби иронично, но протестот се случува на ден кога во сила стапуваат нови, драстично пониски цени на горивата. Од синоќа на полноќ, цената на дизелот падна на 42,5 денари, што ретко кога се случувало на македонскиот пазар.

Да се повлече одлуката за акцизата

Револтот на транспортерите е сепак насочен кон одлуката за поскапување на акцизата, која од минатата недела е зголемена за три денари за литар. Дел од транспортерите реагираат дека во услови на криза и намален обем на работа оваа дополнителна давачка им создава дополнителни трошоци и загуби во работењето:

„Тоа што излегуваме на улица нема да значи застој и блокади на сообраќајот. Протетстот е со утврдени правила. Сите ќе бидат во своите камиони со заштитни маски и ракавици и нема да излегуваат од нив. Нашето клучно барање е да се повлече последната одлука за зголемување на акцизата. Не можеме ние како мали и микро претпријатија да го трпиме главниот удар од кризата. Прво бевме ставени во првата група на мерки како најзагрозени и сега на крај излегува дека ние треба акцизата да ја плаќаме во овие три месеци од кризата. Ние, на кои горивото им е основно средство за работа, да го носиме главниот товар и тоа во услови кога транспортот е драстично намален. Се повикува на солидарност, ако е така зошто само ние да го носиме товарот“, реагира Билјана Муратовска, претседател на Макамтранс кој е организатор на протестот.

Symbolbild Benzinpreise

Револт на транспортерите од цените на бензините

АМЕРИТ против протест

Стратегијата на Макамтранс сепак не наидува на поддршка и кај сите транспортери во државата. Асоцијацијата АМЕРИТ, која застапува товарни и патнички оператори, не го поддржа протестот бидејќи сметаат дека тоа нема да помогне за излез од кризата. Ова, според АМЕРИТ, бил став на дури 80% од транспортните фирми кои што ги контактирале:

„Контактиравме над 1000 транспортни фирми и бевме изненадени дека најголемиот дел, околу 80 проценти, иако погодени од состојбата, нема да поддржат протест, бидејќи сметаат дека нема да се постигне посакуваниот ефект. Сепак, ова повлекува барање за подетално образложение на ефектите од оваа мерка во јавноста, на транспарентен начин, но и гаранции за намената на собраните средства и нивна распределба онаму каде што е потребно, не изоставувајќи го товарниот транспортот, но и патничкиот превоз, кој бележи 100% пад од почетокот на пандемијата.“

Повеќе:

Коронавирусот и стопанството: Џабе мерки, ако транспортот на стоки запре

Зошто „збудале“ цената на нафтата?

Од АМЕРИТ апелираат на одговорност, но и поголема поддршка од Владата во делот на мерките за помош на секторот:

„Очекуваме Владата да донесе нов сет на мерки, со кои би се ставил мораториум на кредитите на транспортните фирми додека трае вонредната состојба, да се укинат субвенциите за авионскиот превоз и железничкиот превоз, и конечно да се реши проблемот со дивите превозници, а со тоа и ќе се зголемат средствата во буџетот.“

Гледај видео 01:24

Возењето камион е машка работа? Во никој случај!

Прогресивно оданочување на стопанството

Дополнителни мерки за помош бараат и од Макамтранс, од каде сепак инсистираат и на конкретно решение со кое сите во стопанството би го поделиле товарот од кризата:

„Затоа и предложивме мерка како во 2001, сите подеднакво да носиме. Како еден вид воен данок кој тогаш беше 2%, но ние сега го делиме на три дела. Воведување прогресивен данок на доход за сите стопански и нестопански дејности. На пример, 0,5 проценти данок на доход за сите правни субјекти кои лани имале добивка од 100.000 до 10.000.000 денари, еден процент данок на доход за тие со добивка од 10.000.001 до 200.000.000 денари и два процента данок на доход за сите кои оствариле добивка за 2019 година над 200.000.001 денари", објаснува Муратовска.  

Владата апелира на солидарност

Од Владата не гледаат оправданост за револтот. Наротив, повикуваат на солидарност и уверуваат дека на овој начин товарот од кризата ќе паднел подеднакво на сите. Според ресорниот министер, со парите од антикризната мерка ќе се помогне на здравствениот систем: 

„Во оваа криза сите мора нешто да дадеме, па затоа треба да бидеме солидарни. Дваесет денари е цената помала од претходните месеци. Тврдам дека во Република Северна Македонија апсолутно цената е помеѓу првите три-четири држави во Европа каде е најниска“, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Транспортерите сепак се жалат дека падот на цените на бензините воопшто не го чувствуваат во услови кога драстично е опадната работата што дополнително влијаело на загубите и зголемувањето на трошоците:

„Да, падна цената на нафтата, но паднаа и превозите. Еве сега дел од транспортерите излегоа за извозот на зелка, но не можат да се вратат, нема тури, цело стопанство стои. Најчесто камионите од извоз се враќаат празни. Ако Стопанска комора излегува и кажува дека над 50% е паднато производството, од каде и што ќе носиме? Ние не правиме залиха, туку во моментот дејствуваме, а сме мали како претпријатија. Освен едно или две, сите се мали. Затоа бараме да се повлече акцизата. Зашто никој не зборува дека во другите земји има акциза, но таа во дел се враќа кај превозниците и за патници и за стока. Тоа ние го бараме уште од 2017 година но никако да се усвои“, реагира Муратовска.

Symbolbild LKW auf einer Autobahn

Најчесто камионите од извоз се враќаат празни, вели Муратовска

Над 1400 компании за транспорт и логистика

Транспортниот сектор, заедно со угостителството и туризмот се меѓу најзасегнатите од кризата. Токму затоа тие беа во фокусот и на првичниот пакет мерки од Владата со кој добија можност за поддршка во делот на платите и придонесите на ниво од 14.500 денари по вработен. Сепак, фирмите од оваа дејност бараат и дополнителни мерки, пред с’ во делот на кредитите и каматите, но и повратот на данокот на додадена вредност.

Транспортниот бизнис е е ден од позначајните на македонскиот пазар. Според податоците пред кризата, оваа дејност брои над 1400 компании кои вработуваат околу 22.500 луѓе. Најголем дел од нив се во товарниот патен транспорт, од кој егзистираат околу 9.000 вработени. Последната анализа на „Таргет груп" од крајот на декември лани, покажа дека дури 73% од компаниите во овој сектор спаѓаат во групата мали фирми, а 70% од компаниите во својата сопственичка структура имаат најмалку по еден странски газда.