„Неодговорните“ Хрвати и одговорните Македонци | Северна Македонија | DW | 19.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Неодговорните“ Хрвати и одговорните Македонци

Аргументите поради кои Хрватска брза да спроведе избори што поскоро, идентично важат и за Северна Македонија, но на некои домашни лидери таа аргументација не им одговара.

„Никој со сигурност не знае што ќе се случува во текот на есента или зимата. Сметаме дека сега е соодветен момент кога имаме можност да излеземе на избори (...) Подобро е да одиме на избори кога знаеме дека епидемијата е смирена, отколку да бидеме во ситуација кога би имале нов значен бран на епидемија. Tогаш би биле во ситуација да носиме важни одлуки, но не би биле сигурни дека може да организираме избори во услови во кои сите имаат еднакви шанси".

Иако аргументите се идентични, ова не е изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, туку на хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, дадена на денот на распуштањето на хрватскиот парламент (вчера, 18-ти мај), со цел на крајот од јуни или почетокот на јули да се спроведат парламентарни избори во Хрватска.   

Nord-Mazedonien Skopje | Treffen der Parteiführer bei dem Präsidenten Stevo Pendarovski (Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien)

На вчерашната лидерска средба не беше постигнат консензус за датум за избори

Бучковски: Срам да ви е!

Аргументите поради кои Хрватска брза да спроведе избори што поскоро, важат и за Северна Македонија, особено што земјава еднаш веќе ги одложи изборите заради пандемијата на Ковид-19. Земјата пет месеци функционира со техничка влада и четири месеци со распуштен парламент. И покрај тоа, на вчерашната лидерска средба не беше постигнат консензус за датум за избори. Поранешниот македонски премиер, Владо Бучковски, е фрапиран од вакиот исход на лидерската средба, и го посочува токму примерот со Хрватска.

„Во Хрватска, која имаше функционален Парламент (Сабор), вчера имаше распуштање, заради брзи избори на крајот на јуни или почетокот на јули! Се бега од редовниот термин за изборите наесен, заради најавите на нов бран на пандемијата! Гласаа и власта и опозицијата!

Belgien Brüssel Vlado Buckovski (picture-alliance/AP Photo/V. Mayo)

Бучковски е фрапиран од исходот на лидерската средба

Кај нас, без функционален парламент, се’ уште нема договор за избори! Како да се коментира ваква незрела одлука? Се трудам да најдам соодветни зборови, но не успевам! За жал имаме политичар(и) кои повеќе водат грижа за својата политичка кариера, отколку за интересите на државата! Срам да Ви е!“, коментира резигнирано Бучковски.

Владата на Пленковиќ по распишувањето на изборите ќе функционира како техничка, но ќе ги има сите важни економски лостови во свои раце, па и во случај на на финансирање на нови мерки за помош на стопанството, преку проноаѓање додатни заштеди на расходната страна на буџетот. Единствениот услов кој ќе мора да го задоволи, е да не го зголеми дефицитот на државниот буџет, бидејќи во таков случај, за да може да носи уредби со законска сила, ќе мора да биде прогласена вонредна состојба со копотпис на претседателот на државата, Зоран Милановиќ.

Изборите се единствен излез

Во Северна Македонија е многу покомплицирано. Бидејќи парламентот е распуштен, за да може техничката влада да носи уредби со законска сила, претседателот на државата би требало постојано да прогласува нови и нови „тури“ на вонредна состојба. Одржлива ли е таквата состојба во неопределен рок и кон што води? Поранешната уставна судијка, Наташа Габер Дамјановска, посочува дека Уставот не уредува - што во ваква состојба.

Natasa Gaber Damjanovska (Privat)

Габер Дамјановска: Со добра волја може да се најде излез од оваа состојба

„Мислам дека актуелно главниот проблем се состои во тоа што во претходно определените и договорени чекори - распуштање на Собранието и организација на избори со следење на изборниот календар - се случи пандемијата со Ковид-19, па насреде однапред зацртаните рокови и дејствија, од објективни причини се прогласи вонредна состојба чие времетраење се продолжи три пати. Уставот детално не уредува што би се случило во ваква состојба, освен дека ’мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба’. Тоа во конкретниот случај не помага многу, со оглед на тоа што не е јасно дали ова важи само за периодот на ’полн’ легимитет кога Собранието активно работи или тука се вклопува и периодот кога тоа е распуштено", вели Габер. Но, потенцира дека интерпретациите за недоволната нормативна покриеност не би требало да претставуваат основа за креативно промовирање на тесно политички интереси, туку дека треба да надвладее свеста за општото добро.

„Ако се водиме од генералниот интерес на јавноста во моментот, би требало Собранието да биде во состојба да ја оствари својата активна улога, особено во вакви кризни моменти, бидејќи законодавното тело во секој политички систем е она кое поседува највисок легитимитет, затоа што произлегува директно од волјата на народот (е претставнички орган на граѓаните). Верувам дека со добра волја, наоружани со разум и логика, може да се најде излез од оваа состојба, онаква како наликува на едно демократско општество. Бидејќи е очигледно дека со оглед на ситуацијата не е можно актуелното Собрание повторно да се состане, од интерес на целокупното општество е да постои функционално Собрание и власт, со нова на избори потврдена полна легитимност (а преку него и новата власт) за да може ефикасно да се справи со актуелната криза. Затоа е потребно што поскоро да се организираат избори со примена на сите здравствени предострожности кои ги наложува ситуацијата", оценува Габер. 

Ако и во наредните денови не се постигне партиски консензус за изборен датум, тогаш по завршувањето на вонредната состојба (доколку не се прогласи нова), продолжуваат да течат изборните рокови. Ако вонредната состојба дефинитивно заврши на 30-ти мај, согласно со законските рокови, а не според партиските желби, изборите треба да се одржат на 21-ви јуни.

Реклама