Нема причина за брзање околу Брегзит | Свет | DW | 23.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Нема причина за брзање околу Брегзит

Во судбинско прашање, како излез од ЕУ, брзањето е целосно непотребно. Британците треба прво да решат што навистина сакаат, смета Бернд Ригерт.

Временската агенда за Брегзит станува сѐ понепрегледна. Премиерот Борис Џонсон на крајот ќе мора да прифати дека без пролонгирање на рокот за Брегзит нема да успее да го помине својот новопечен договор со ЕУ низ замрсениот лавиринт на британскиот Долен дом на парламентот. Спикерот на парламентот одби ново гласање за  договорот за Брегзит, по што британскиот премиер ги стави под мраз законите за Брегзит и рече дека и натаму е против продолжување на роковите.

Џонсон е зрел

Тврдоглавиот Џонсон  ја врза својата политичка судбина за 31 октомври. Неговото мото во последните 90 дена откако е на премиерската функција гласеше - надвор од ЕУ, со или без договор. Но, излез без договор сега е исклучен, за тоа се погрижи парламентот во Лондон. Џонсон мораше да побара во Брисел продолжување на преговарачката фаза. А во краен случај, ЕУ тоа едногласно ќе го одобри, за да избегне „тврд“ Брегзит, односно раскин на бракот со Британците без никаков договор, во сопствен интерес, зашто камиказен Брегзит „ала Џонсон“  може да води само во катастрофа.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Бернд Ригерт

Втората опција која му стои на располагање на Џонсон, Брегзит со договор до крајот на месецов, станува сѐ поневеројатна поради отпорот во парламентот и комплексноста на процедурата. Од аспект на ЕУ, нема никаква причина за брзање. Датумот за Брегзит, 31 октомври, во април беше поставен своеволно. Притисокот на самопоставената граница Џонсон сега може да го избегне само со нови избори, за што пак нема мнозинство во парламентот. Можно е и да поднесе оставка и така да изнуди избори, ако парламентот во Вестминстер не се усогласи за негов наследник.

Пролонгирањето на фазата на заминување се чини неизбежно

Нови избори меѓутоа нужно значат и пролонгирање на рокот за преговори според членот 50 од Европските договори, во спротивно идната недела се заканува „тврд“ Брегзит. За да ја ублажи драмата околу Брегзит и целосно непотребниот временски притисок околу постапката, ЕУ сега треба брзо и без двоумење да одобри пролонгирање. Најдобро такво, кое би завршило во моментот кога Британците ќе бидат подготвени за тоа. Со тоа на Борис Џонсон и евентуалниот негов наследник ќе им се одземе можноста со самоволни рокови да создаваат временски притисок врз преговарачките партнери и парламентарците.

Сигурно е само тоа - дека уште долго ќе се занимаваме со Брегзит. Но, тука нема причина за замореност од Брегзит! Важно е само Велика Британија да не биде катапултирана од ЕУ без договор. Најдобро би било ако Британците едноставно останат во ЕУ. Значи, следните чекори треба да бидат: пролонгирање, оставка на Борис Џонсон, нови избори и можеби и втор референдум, заради коригирање на историската заблуда на Брегзитот.

DW.COM

Реклама