Нема пари за превенција од ХИВ/СИДА во Македонија | Северна Македонија | DW | 06.10.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Нема пари за превенција од ХИВ/СИДА во Македонија

Лицата со ХИВ и ризичните групи во Македонија наскоро може да останат без терапија и превенција.

„Како лице што живее со ХИВ во Македонија веќе шест години, јас лично имам поддршка од релативно широк круг пријатели. Но за жал, тоа не е чест случај". Вака ја почнува својата приказна младиот човек со кој разговаравме и кој од разбирливи причини нѐ замоли да остане анонимен.

Тој раскажува дека со текот на времето запознал и други пријатели кои имаат ХИВ, преку групите за поддршка на здружението „Заедно посилни", кои го имаат споделено својот ХИВ-статус едвај со еден близок пријател. Многу често немаат кажано за себе ниту на семејството, а понекогаш немаат споделено со никого.

Вели дека стравот е често оправдан, бидејќи во земјата сѐ уште има многу силни предрасуди и стереотипи за луѓето со ХИВ, иако во последно време кај помладите предрасудите се помали.

„Луѓето најчесто се дискриминирани од страна на лекарите и сестрите, затоа што кај нас ниту тие не се доволно информирани за ХИВ. Приватно, лично сум доживеал да бидам одбиен од партнер откако сум го споделил ХИВ-статусот и тоа најмалку два пати. Сум доживеал информацијата за мојот ХИВ-статус да биде споделена со трети лица без моја согласност. На лекар сум бил одбиен за здравствена интервенција, сум имал искуство на навредлив однос, неумесно распрашување и повторно споделување на информацијата за мојата здравствена состојба со трети лица, на пример со пациентите што чекаат заедно со мене во чекалница", додава тој.

Според него, една од работите што како на лице со ХИВ му паѓа најтешко е моментот кога ќе дознае дека некој негов пријател или познаник станал ХИВ-позитивен. „Тоа ми се има случено неколку пати. Ова покажува дека е потребно уште многу работа и многу вложување за да стигнат вистинските информации, услугите за превенција и за рано откривање на ХИВ до оние што се изложени на најголем ризик", вели тој.

Лицето кое разговараше со нас е само едно од многуте кои во моментот во Македонија се во опасност, доколку државата не ги обезбеди потребните средства кои засега ги нема во буџетот за 2017-та година.

Mazedonien Skopje - Proteste der NGO's vor dem Parlament

Протести на граѓанските организации во Скопје

Протест против негрижата на власта

Повеќе граѓански организации и активисти денеска пред Собранието излегоа на протест против неодговорното однесување на Владата и министерствата за финансии и здравство, кои сѐ уште не ги предвиделе потребните средства во буџетот за третман и превенција на ХИВ.

Наместо да се обезбедат најмалку 65 милиони денари од буџетот, Владата за 2017-та година во буџетот одвоила само 27 милиони денари, што е далеку од доволно за терапија која е потребна за една година.

Андреј Сених од организацијата „Заедно посилни", која е дел од платформата што го организираше протестот, вели дека од скратениот буџет од 27 милиони денари за следната година, најмалку 7 милиони се веќе потрошени. Најмалку 16 милиони пак, мора да се предвидат за обезбедување терапија барем за половина година, за да се покрие евентуален јаз до некоја следна набавка во 2018-та година.

„Резултатот од овие пресметки во рамки на скратен буџет е јасен - нема да останат средства за превенција. Како граѓански активисти кои работат на програмите за превенција, грижа и поддршка, за нас превенцијата е еднакво важна како и лекувањето. Преку неа спречуваме нови лица да се инфицираат со вирусот и придонесуваме за рано откривање. Раното откривање значи долг и квалитетен живот за пациентите, но и самото е превенција, бидејќи терапијата го спречува пренесувањето на вирусот по сексуален пат. Превенцијата и лекувањето за ХИВ се испреплетени и се надополнуваат на повеќе начини", додава тој.

Според експертите, доколку се одржи досегашното финансирање за ХИВ, може да се спречат 860 нови случаи на ХИВ до 2030-та година и дури 290 смртни случаи. Досега земјата добивала финансиска помош од Глобалниот фонд за ХИВ и туберколоза, но бидејќи се работи за земја со ниска стапка на ХИВ-инфекција, Македонија треба сама да ги обезбеди средствата потребни за овие граѓани.

Mazedonien Skopje - Proteste der NGO's vor dem Parlament

Превенцијата е исто толку важна како и лекувањето, велат активистите

По граѓанскиот протест, реагираа и од Министерството за здравство. Велат дека тие во континуитет ги обезбедуваат потребните лекови за лицата со ХИВ, и веќе е завршена набавката на лекови и за претстојната 2017 година.

„Набавката ја спроведе Универзитетската клиника за инфективни болести, согласно потребите на пациентите и се очекува потребните количества лекови за 2017 година да пристигнат до крајот на тековната година. Овие количества на лекови за следната година ќе бидат исплатени од финансиски средства од Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА во Македонија за 2016-та година. Тоа значи дека средствата од Програмата за 2017 година ќе бидат целосно наменети за превентивни активности предвидени во Програмата", велат од Министерството.