Нема осум заштитени сведоци од ВМРО-ДПМНЕ, но дали има поинакви? | Македонија | DW | 05.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нема осум заштитени сведоци од ВМРО-ДПМНЕ, но дали има поинакви?

Прашањето е дали „реформаторот“ Петар Богојевски го употребил точниот термин кога спомна „заштитени сведоци“ од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Законот познава и други категории на сведоци

„Не е точно дека осум лица од најблиското опкружување на Груевски или од раководството на ВМРО-ДПМНЕ се заштитени сведоци на СЈО“, тврдат за ДВ релевантни извори упатени во работата на ова обвинителство. Ваквото тврдење доаѓа по изјавата на Петар Богојевски, еден од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, кој во вечерашното гостување на ТВ „Телма“, рече дека осум функционери на ВМРО-ДПМНЕ, луѓе од највисокото партиско раководство, односно од најблиското опкружување на партискиот лидер Никола Груевски, се заштитени сведоци на СЈО. Тој нагласи дека нема информации дали лидерот Груевски и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков го знаат тоа, но порача дека тие повеќе треба да се плашат од потезите на луѓето од нивното опкружување, отколку од „реформаторите“.

Нема сомнеж

Освен ставот дека не постои „партиска осумка на заштитени сведоци“, изворите на ДВ не сакаат да коментираат дали има други категории сведоци од раководството на ВМРО-ДПМНЕ во истрагите што ги води СЈО.

Каква е атмосферата во ВМРО-ДПМНЕ  по ова прашање? Генерално, најголемиот дел од функционерите од органите на партијата одбиваат да коментираат и за ова, и за други актуелни прашања. Мал дел кои се отворени за разговор, веруваат дека никој од врвот на партијата не прифатил и не би прифатил да биде заштитен сведок на СЈО. Сепак, не исклучуваат дека „во крајна линија можно е и да има некое негативно изненадување“, но тоа го сведуваат само на „евентуален исклучок, некој што од разни причини би бил психички скршен“.

На прашањето дали веќе постои извесен сомнеж за тоа, одговорот е дециден: „Засега не постои никаков сомнеж. Факт е дека ова е тежок период за партијата, факт е дека се појавуваат разни шпекулации со цел да поттикнат нервоза, да ја разнишаат довербата меѓу нас и да внесат 'црв на сомнеж', со цел да не изместат од рамнотежа и да не дефокусираат од задачите. Но за среќа тие шпекулации многу брзо се демантирани. Всушност, таквите шпекулации повеќе ги збиваат партиските редови“, вели нашиот соговорник.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje (DW/P. Stojanovski
DW/P. Stojanovski)

СЈО бара промена на Законот за заштита на сведоци

Заштитен сведок или соработник на правдата?

Клучното прашање е - дали Богојевски во изјавата го употребил точниот термин кога спомна „заштитени сведоци“, бидејќи законот познава и други категории.  „Соработник на правдата“ е лице за кое се води кривична постапка или е дел од криминална активност, но за да ги презентира информациите треба да се заштити, и за тоа ќе му се намали казната или ќе се ослободи од кривична одговорност. Како сведоци може да се јават и жртви на некое кривично дело, но бидејќи сведочењето може да ги загрози, и ним им се прикрива идентитетот и на тој начин се штитат. Но, доколку во моментов има лица кои припаѓаат на категоријата „заштитен сведок“, за тоа сигурно би знаел поголем круг на луѓе, бидејќи постојното законско решение предвидува предлогот за вклучување на одредено лице во Програмата за заштита на сведоци да го поднесе Јавниот обвинител на Република Македонија, врз основа на писмено барање добиено од надлежен јавен обвинител, од судијата кој постапува по предметот или од МВР (член 15). Потоа одлучува Советот, а за евентуално продолжување на вклученоста во Програмата повторно одлучува Советот на предлог на Јавниот обвинител на Република Македонија или на раководителот на одделението.

Неопходни законски измени

Токму поради фактот дека во сегашната ситуација премногу луѓе се инволвирани во процесот за давање својство на заштитен сведок, СЈО уште лани побара измени и дополнување на Законот за заштита на сведоци (донесен во 2005 година), а за кои минатата недела беше најавено дека конечно ќе влезат во собраниска процедура. Преку дополнување на членот 15 од Законот, СЈО бара и ова обвинителство да може рамноправно и самостојно да предлага вклучување лица во Програмата за заштита на сведоци. Според предложените измени, СЈО бара писмена согласност од лицето за кое се решава дали ќе влезе во Програмата; СЈО бара автономија да одлучува дали е потребно да се продолжат мерките од Програмата, дури по исклучок и кога таа ќе заврши, ако се констатираат опасности по сведокот; СЈО бара овие измени, но и мерките за заштита - тајност на идентитет, физичка заштита и промена на живеалиште, да се применуваат како итни.

Во изминатиот период од СЈО неколку пати апелираа да се усвојат измените на Законот, бидејќи сегашните решенија не даваат доволни гаранции за оние лица што би дале придонес кон истрагата, а некои случаи како „Нешковски“ „Монструм“ или „Сопот“ не може да се водат ако не се заштитат сведоците.

 

DW.COM

Реклама