Нема конфликти туку несогласувања | Свет | DW | 16.05.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нема конфликти туку несогласувања

ЕУ и САД направија напор да постигнат приближување на ставовите со Русија околу спорните теми, и постигнаа половичен успех.

Кондолиза Рајс и Франк Валтер Штајнмаер беа во исто време во Русија

Кондолиза Рајс и Франк Валтер Штајнмаер беа во исто време во Русија

Најважните проблеми не се решени, но важно е тоа што постои подготвеност за решавање. Вака отприлика може да се сумира резултатот од посетата на германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер на Москва, на два дена пред самитот на ЕУ и Русија, кому му се закануваше пропаѓање. Штајнмаер, како претседавач со унијата, разговараше со рускиот претседател, Владимир Путин, по што изјави дека дошол да бара можности за решавање на проблемите во очи самитот во Самара. Според него, ЕУ е заинтересирана да се решат разликите кои постојат и да не се дозволи да се родат големи политички конфликти. Рускиот претседател Путин, изјави дека е многу важно тоа што ЕУ и Русија сакаат да го решаваат проблемите. Путин рече дека меѓу Брисел и Москва нема конфликти, но има несогласувања за тоа како да се решат одделни проблеми.

Еден од проблемите е блокадата од страна на Полска на потпишувањето на новиот договор меѓу Русија и ЕУ поради воведувањето ембарго за увоз на полско месо во Русија. На Полска подоцна и се приклучија и Естонија и Литванија. Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана, изјави дека се надева оти договорот за соработка ќе биде потпишан, додека претставникот на Кремљ задолжен за соработка со ЕУ, Сергеј Јастржембски, изјави дека новиот договор тешко дека ќе биде предмет на преговорите на самитот.

Шефот на германската дипломатија, Штајнмаер, и покрај тоа што не е постигнат пробив во однос на главните проблеми во односите со Москва, сепак е убеден дека...”... беше добро решение да се дојде овде. Мислам дека сега подготовките пред самитот ни се појасни и убеден сум дека ќе имаме добар самит.”

Невообичаено позитивна беше оценката на раководството во Москва по разговорите со американската министерка за надворешни работи, Кондолиза Рајс. Вицепремиерот, Сергеј Иванов, изјави: ”Понекогаш имаме дијаметрално спротивставени позиции за некои прашања, но сепак има ефективна соработка.

Едно од прашањата каде позиците се дијаметрално спротивни е планираниот американски антиракетен штит во Источна Европа, за што Рајс и Путин договориле редовни министерски средби и советувања. Рајс нагласи дека САД нема да дозволат Русија да стави вето врз амеирканските планови за анти-ракетниот штит и рече: ”Русија и САД не гледаат исто на плановите за противракетна одбрана. Ја цениме можноста да разговараме со Русија и да разговараме за акутните закани. ”

Освен анти-ракетниот штит, ставовите се различни и по прашањето на Косово. Рајс во Москва изјави дека е многу важно да се признае дека Косово веќе никогаш нема да биде составен дел на Србија, зашто тоа не е можно. Таа избегна да одговори на прашањето дали САД еднострано ќе го признаат независно Косово доколку Русија вложи вето во Советот за безбедност и подвлече дека треба да се работи уште за да се земат предвид сите стравувања и интересите на сите. Според Рајс, новата резолуција за Косово во Советот за безбедност ќе биде предложена набргу, односно за неколку недели. Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, пак, по разговорите со Рајс, констатираше дека се дошло до појасно разбирање на ставовите на едната и другата страна за Косово, но дека приближување на позициите нема. САД го поддржуваат планот на Ахтисари, а Русија се залага за продолжување на преговорите, констатираше Лавров.

Реклама