Нема компромис | Свет | DW | 26.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Нема компромис

Одговорноста за ужасот на нацистичко минато мора без исклучок да ја сносат сите кои денес живеат во Германија, смета главната уредничка на ДВ, Инес Пол. Бидејќи, тоа нема никаква врска со индивидуална одговорност.

Долго време помина додека Германија сфати дека е земја на доселеници. Многумина сѐ уште не сакаат да го прифатат фактот дека се работи за културолошко збогатување, кога луѓе од целиот свет доаѓаат во Германија и сакаат тука да работат и живеат. Во услови на демографски промени, граѓаните на најголемата економија во Европа нема да можат да го задржат својот животен стандард без работната сила и квалификуваните луѓе од странство.

Да не се остане заглавен во страшното минато

Денес, 74 години по ослободувањето на затворените во логорот Аушвиц (27 јануари), е добро да се размисли за тоа што всушност значи да се дојде во Германија, да се живее во земјата или да се бара германско државјанство.

Ines Pohl Kommentarbild App (DW/P. Böll)

Инес Пол

Тоа е добар ден да се стане свесен за тоа зошто со определбата да се биде доселеничка земја се поврзани сосема јасни и непроменливи причини и да се биде свесен дека има работи кои се подразбираат сами по себе и кои никогаш веќе не смеат да бидат ставено под прашање, ниту пак за нив да се прават компромиси. Германија сноси одговорност за убиството на најмалку шест милиони Евреи, за смртта и страдањата на повеќе милиони други луѓе на европскиот континент и пошироко. Таквата историја на Германија никогаш не проаѓа, не може да биде заборавена и мора да живее преку денови како денешниот. Но, погледот назад не смее да остане заглавен во страшното минато, туку треба да биде насочен кон иднината и постојано треба да се прашуваме што мора да направиме ние денес за да ја сносиме таа посебна одговорност?

Токму поради тоа што последните преживеани, но и последните сторители полека умираат, ние другите мора да најдеме начини да им ја пренесеме таа одговорност на младите, на идните гласачи, на оние кои во иднина ќе одлучуваат за политичката судбина. Колку подалеку е нацистичкото минато, толку потешко е да се одржи живо неговото значење за денешницата, што е разбирливо.

Над сите партиски граници

Затоа е важно и исправно да се информира во училиштата, да се организираат екскурзии во некои од логорите, но и да се посетуваат местата каде се воделе битките во Верден. Важно е и добро демократските и политички сили да се здружат за консеквентно да се води битката против омразата спрема Евреите и антисемитизмот.

Исто толку важно е на оние луѓе чии предци не живееле тука во најтемната фаза од германската историја, или кои сега се доселуваат, да им се објасни дека сите кои денес живеат во Германија мора да се подготвени да преземат таква одговорност. Зашто таа нема ништо со индивидуална одговорност, туку со она што е само по себе разбирливо во земјата, и тоа денес мора да му биде јасно секому.

DW.COM

Реклама