„Бомбашкиот пакет“ ги минирал разговорите за изборниот закон
7 октомври 2015Пробиен е крајниот рок, нема договор за изборниот пакет, а разговорите продолжуваат. Ова е епилогот од вчарашните маратонски преговори во работната група, кои завршија без успех пред 6 часот утрово. Членови на работната група не ги соопштуваат причините за неуспехот, но кусо коментираат дека „ги имало многу“. Олеснувачот Питер Ванхауте пред почетокот на средбата беше оптимист и најави дека очекува договор доцна во ноќта или во раните утрински часови. Меѓународните претставници им претставиле на партиите неколку решенија за отворените прашања, но фокусот целосно бил изместен заради друга тема.
Дефокусирање од темата
Најмногу време се изгубило во дебата за предлог-законот што вчера до Собранието го доставија предлагачите - пратениците Талат Џафери од ДУИ и Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ. Зад насловот „Предлог на закон за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите“, за усвојување по скратена постапка е понуден текст со кој се бара забрана за натамошно (ре)објавување на т.н. опозициски бомби.
„Тој што неовластено поседува, обработува и располага на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации, ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години“, предвидува членот 2. Со предлогот се опфатени медиумите, веб порталите, но и социјалните мрежи. Еден од најспорните членови, според правниците, е оној кој предвидува дека ако „делото доведе до смрт на лице кое е инволвирано во објавените или пренесените аудио снимки или транскрипти од аудио снимки или нивни делови од незаконското следење на комуникациите, или на нему блиско лице, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години“.
Предлогот ја крена на нозе медиумска заедница, но и пошироката јавност.
„Предлог законот несомнено претставува обид за цензура која е неприфатлива за која било земја која сака да се декларира како демократска. Апелираме пратениците да не го изгласаат овој закон и да сторат се што е во нивна можност тој да не помине во собраниските процедури“ реагираше веднаш Синдикатот на новинарите (ССНМ). Се огласи и Медиумската организација на Југоисточна Европа (СЕЕМО), со седиште во Виена.
„Прво, не е прифатливо и е против основните човекови права да се прислушува народот како што е сторено во Македонија во изминатиов период. Ако новинарот од некои извори ги добие прислушуваните материјали и ако детали од прислушувањето се од јавен интерес, тогаш медиумите имаат право да ги објават. Се разбира, секој кој го има овој материјал в раце, мора да ја заштити приватноста на лицата кои се прислушувани, но ако со оваа информација јавноста ќе биде запознаена со нелегални активности на државата, корупција и криминални активности на лица кои извршуваат јавни функции, тогаш јавноста има право тоа да го знае“, изјави Генералниот секретар на СЕЕМО Оливер Вујовиќ.
Домашни правни експерти овој предлог на закон го оценија како „неуставен“, „глупав“ и како „обид за воведување цензура“, а граѓански организации за денеска закажаа протест пред Собранието.
Заштита на „свиркачите“
За ваквиот предлог имало жестока дебата и во Клубот на пратениците.
СДСМ побарала повлекување на предлог-законот, доработка и истовремена заштита на т.н. „свиркачи“ (Whistleblowers) . Пред полноќ протече информација дека било договорено ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да го повлечат на доработка предлогот на закон за забрана на „бомбите“, но претседателот Трајко Вељаноски одбил да го стори тоа, со образложение дека веќе го ставил предлогот во процедура. Потоа, наводно, било договорено предлагачите Џафери и Мукоски сами да го повлечат, но засега е неизвесно дали ќе го сторат тоа. Дел од аналитичарите сметаат дека не е случајно тоа што партиите од власта овој предлог на закон го објавиле токму во пресрет на финалните разговори за изборниот законик. Според нив, целта е да се дефокусира вниманието и да се одлагаат решенијата, за да остане што помалку време за суштински реформи во таа сфера. Партиите, кои меѓусебно се обвинуваат за кочење на политичкиот процес за излез од кризата, по полноќ сепак ги почнале разговорите за изборното законодавство. Неофицијално, биле блиску до договор за неколку решенија: да остане истиот изборен модел, на претстојните вонредни избори да не се бираат пратеници од дијаспората, но иселениците го задржуваат правото да гласаат во татковината, а Избирачкиот список да се пречистува со споредба на податоците од различни институции и со делумна теренска проверка. Во делот на медиумското покривање, било планирано да се забрани медиумите да бидат спонзори на политичките партии во изборната кампања.
Овие информации не ги потврдуваат од работна група, со образложение дека „работите се менуваат од час во час“. На добро или на лошо - засега не е јасно.