Нема вонредна состојба во Франција, владата ќе разговара со „Жолтите елеци“ | Свет | DW | 03.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Нема вонредна состојба во Франција, владата ќе разговара со „Жолтите елеци“

По најголемите безредија што во Франција се случиле во последните неколку децении, француската влада има намера да најде заеднички јазик со демонстрантите и не воведува вонредна состојба.

Францускиот претседател Емануел Макрон од министерот за внатрешни работи побарал подготовка на безбедносните сили за нови протести, соопшти Елисејската палата. Сепак, премиерот Едуард Филип треба да започне разговори со претставници на протестното движење. Од кругови на Макрон се вели дека не се дискутирало за воведување вонредна состојба. Портпарол на француската влада претходно соопшти дека се разгледуваат сите опции за спречување на натамошни судири и безредија.

Повеќе: „Жолтите елеци“ не мируваат

Во Париз во текот на викендот беа уапсени повеќе од 400 луѓе, а повредени беа 133. Макрон, веднаш по враќањето од самитот на Г20 во Буенос Аирес, побрза кон Триумфалната капија во Париз, која беше оштетена од страна на демонстрантите и испишана со антикапиталистички пароли и барања за оставка на Макрон. Претседателот разговараше со полицајци и пожарникари.

Полицијата во текот на викендот употреби солзавец, заслепувачки гранати и водени топови за да ги растера насилните демонстранти. Властите тврдат дека меѓу демонстрантите има насилнички групи од екстремната левица и екстремната десница.

Маскирани лица во саботата со метални шипки и секири бенееја на улиците на Париз, беа запалени автомобили и објекти, а беа и ограбувани продавници. Во главниот град на Франција протестираа околу 10.000 луѓе. Протести имаше и во Нант и Марсеј. На улична блокада на југозапад на земјата, поставена од страна на „Жолтите елеци“, според полицијата, загинал еден возач на автомобил. Тоа е трета жртва од почетокот на протестите.

Протестите се насочени против реформската политика на економски либералниот претседател на Франција, односно против зголемувањето на цените на бензинот и животните трошоци.

Повеќе: Емануел Макрон на големи маки

Во Франција се протестира од средината на ноември - се блокираат улици, трговски центри и фабрики. Притоа, симбол на отпорот станаа жолтите елеци, какви што возачите се должни да носат во својот автомобил.

DW.COM

Реклама