Недржавни актери и државни статисти | Северна Македонија | DW | 06.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Недржавни актери и државни статисти

Недржавните актери се еден од факторите кои ги предизвикуваат и преиспитуваат постоечките државни граници, сувереноста и националните интереси. Франкенштајнот на пропагандата го пресврти политичарот во обичен извршител

Коментарот на анонимен висок службеник од администрацијата на Трамп објавен вчера во „Њујорк тајмс” е еден од ретките настани кои дури и во овие бурни времиња на „веќе е сѐ видено” ве приморуваат да се потсетите на описот на политиката како океан без дно во кој изненадувањата се правило, а не реткост. Настрана преседанот на весникот во објавување на писанија од анонимни автори, настрана неговото објавување ден по најавата за новата книга на Боб Вудворд за Трамп полна со скандали, содржината на коментарот во Њујорк тајмс“ е досега најшокантниот и најопасен инсајдерски удар кон Белата куќа „на раб на слом на нервите”. Ниедна администрација, вклучувајќи ја и американската, не може да се извлече без последици по објавувањето наводи според кои „соработниците на Трамп криеле документи од него”, воените генерали „игнорирале наредби за убивање странски лидери” или одбивале повлекување воени сили од Јужна Кореја „за да се спречи Трета светска војна”, па сѐ до размисли за „бркање на Претседателот” од Белата куќа. Ќумур мрачни облаци се надвиснати над Белата куќа на Трамп. А притоа, да се потсетиме дека допрва треба да се објави извештајот на Специјалниот обвинител Роберт Мулер и се преживеат ноемвриските избори. 

Подем на новата политичка реалност

Нема сомнеж дека писмото на „анонимецот” и книгата на Вудворд ќе ги брануваат светските медиуми и политики во неделите пред нас. За разлика од една друга, помалку разгласена информација, која иако потоната во заборав, сепак исто така тера на подзинување. Имено, во деновиве објавеното интервју дадено за Дојче веле и запрашан за српско-косовските разговори за разграничување, Милан Нич од Германското друштво за надворешна политика ќе изјави дека „Берлин е многу незадоволен од улогата на Хан, Могерини и австриското претседателство со која ги охрабрија водачите од Србија и Косово”. Според Нич, наведените актери изјавиле дека „историскиот договор е поважен од деталите”, што сепак „не е позиција на ЕУ, туку е австриска линија”. Наведената, навидум, бенигна информација, секако ни одблиску не може да се спореди со оние од бурниот Вашингтон, но сепак навестувањето дека Берлин – како најмоќна земја членка на ЕУ - е држен во темница за така битен договор кој задира во срцевината на европската безбедност, е доволно убедлива назнака за расклатеноста на западните системи и разнишаната моќ на канцеларката во нејзиниот "lame duck” последен мандат. 

Какви и да се разликите помеѓу овиде два инцидентални примери, споната која ги поврзува не се бравурозните теории на заговори и шпионски трилери, туку нешто сосема друго, многу поприземно а сепак длабочински тревожно. Длабоко во позадината на овие настани вирее подемот на новата политичка реалност диктирана од Non-State Actors (недржавни актери) и нивното влијание врз интра-државните и меѓународните односи. Според науката, Вестфалијанскиот концепт на народ-држава минува низ процес на ерозија на моќта и сувереноста, при што токму недржавните актери се еден од факторите кои ги предизвикуваат и преиспитуваат постоечките државни граници, сувереноста и националните интереси. Неазвисноста, неотчетноста и неграниченоста во делување ги прави современите недржавни актери (НДА)  да бидат сериозен предизвик за статично поставените држави омеѓени со граници, протоколи, договори и институционални лимити. Благодарение на овие предимства, делувањата на НДА се дискретни, далеку од очите на јавноста, неподложни на изборни санкции и со тешки за докажување фактографии за ефектите и последиците на нивните заткулисни влијанија врз јавните политики.

Улогите на Стив Бенон и Џорџ Сорос

Преведено во реалноста на делувањата на НДА и персонифицирано во конкретни ликови, наведените искуства од Вашингтон и Берлин неминовно упатуваат кон улогите на Стив Бенон и Џорџ Сорос, како типични прототипи на недржавни актери растеретени од политичка одговорност или административни и демократски правила на игра кои важат за традиционалните (Вестфалиски) репрезенти на делегирана моќ. Конкретно, станува збор за улогата на Бенон во подемот и победата на Трамп како инструмент и отскочна штица за понатамошна глобална пролиферација на идеологијата на „револуционерниот ленинизам” и "духот на анти-естаблишмент”. Во случајот Џорџ Сорос (поточно, неговиот син Александар), неговата улога во Белградско-Тиранскиот процес на усогласување ставови неминовно ја подгрева дилемата дали познатиот филантроп е повлијателен и поприфатлив „фактор на влијание” дури и од самата канцеларка Меркел и нејзиното задоцнето вклучување во последниот чин на драмата околу границите? Вклучително и влијанието во самата Европска комисија и европска дипломатија.

Она што сепак внесува дополнителна доза на забуна е сличноста на ставовите помеѓу линијата на Бенон и онаа на Сорос во односот кон (не)менливоста на границите и глувоста за последиците од таквите нивни „визионерски” потфати на „помирување”. Но таа забуна е вредна за споменување единствено по линија на традиционалната идеолошка поделба на улоги помеѓу либерализмот и конзервативизмот, но секако не и според методите, механизмите и инструментите за нивно промовирање и освојување нови следбеници.

Влијанијата на недржавните актери во домашните превирања

Подемот на популарноста на Бенон кај домашните десничари, епизодата со солистичките екскурзии на двоецот Хан / Могерини во исцртување граници и сомничењата за вклученоста на Сорос во преговорите помеѓу Рама и Вучиќ се екстерни причини за да се запрашаме за влијанијата на недржавните актери во домашните превирања. Вообичаено, првата асоциација која ни доаѓа на ум е нивната поврзаност и потпирање врз домашната НВО армада и нивната доскорешна папочна зависност од странските фондови. Велам досегашна, бидејќи со „доаѓањето на животот” и масовното приклучување на државно-буџетската славина, сосема е нелогично и троа вулгарно да дискредитираните пропагандисти на владините политики се чествуваат со епитет на бивање невладини. Речиси истото може да се каже и за влијанието преку медиумите, како поради константниот тренд на опаѓање на доверба кај публиката и подемот на социјалните мрежи.

Претходни колумни од авторот:

За границите на Балканот и гаранциите на Балтикот

Македонски вахабисти и Албански евангелисти (2)

Твит-твит ја порази тик-так

Следејќи ги тенденциите од другите земји, за очекување е дека обидите за наметнување на влијание од страна на недржавните актери ќе се одвиваат преку протежирање, спонзорирање и наметнување ликови кои како падобрански агенти-на-промена ќе се инсталираат во внатрешните политички токови. За волја на вистината, овдешното општество има искуство со улогата на Сорос во протежирање определени ликови и кланови во постоечките партии (на власт). За очекување е дека и другите НДА ќе се обидат да искористат и употребат слични параметри на дејствување. При што предимство ќе се дава кон ликови без мерлив политички, економски или интелектуален бекграунд, но со силен попули-опортунистички набој, или пак ликови без сопствена „база” во гласачкото тело и со едносмерен и еднократен однос на експлоатација на постоечките партии гладни за „нови дечки” со однапред загарантирана популарност „кај странците”. Формула со досега релативно докажан успешен исход, но и со ризик од антагонизирање на домашните „суверенисти” со сопствени партиски гласачки бројки и клановски мускули.

Подемот на НДА и последиците по државните авторитети е всушност само дел од цела лепеза на фактори на современието измислени и креирани од страна на политичарите за поефективно и полесно менаџирање на состојбите. Епидемијата на тинк-тенкови, институти, НВО-а, фондации, маркетинг агенции, консултантски и лоби групации доживеа таква метастаза на раширеност и влијание врз јавноста со која не само што ја имаат истиснато спонтаноста и човечноста од политиката, туку и се имаат поставено како регулатори и контролори на дијалогот помеѓу политичарите и граѓаните. Постепено истиснувајќи ги политичарите кон улогата на обични менаџери на секојдневието и превземајќи ја целосно улогата на полиси-мејкери и обликувачи на општествениот дух. Со конечен резултат во кој Франкенштајнот на пропагандата го има пресвртено политичарот во обичен извршител а себеси во владетел и креатор на политиката. И со тоа го припреми теренот за продор на НДА во политичките односи, како идеален клиент со многу пари, малку скрупули и нималку желба за изборна популарност.     
Подемот на недржавните актери и нивното влијание сепак не треба само по себе да се толкува во целосно негативни ноти и со тоа се превиди нивната релативно позитивна употребна вредност во полза на државата и општеството. Што посебно се однесува на земји со скромни ресурси и лимитиран одек во меѓународната политика. Впрочем, примерите со САД и Германија се наравоучение дека од нивното влијание немаат спас ни големите сили, така да самата домашна помисла за нивно избегнување е ништо повеќе од разонода на умот. Сепак, нивната фокусираност на втопување во глобални текови е колку примамлива понуда за бегство од опскурноста, толку е подеднакво фатална опасност за губење на сопствената битност, автохтоност и демократска изборна претставителност. Токму затоа, надворешо импонираната епизода со српско-косовските граници и реакциите на тамошните општества е за нас навремено добредојдена поука за наоѓање егзистенцијален баланс помеѓу неминовноста на надворешните вондржавни влијанија и култивирањето на внатрешната политичка самостојност. Звучи лесно за дефинирање, но за нашата клиентелистички диктирана реалност, тоа е - барем засега – ништо повеќе од замислена желба.

 

DW.COM

Реклама