(Не)добредојдени во Германија!? | Панорама | DW | 06.11.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

(Не)добредојдени во Германија!?

Околу 20.000 студенти од земјите што не се членки на ЕУ секоја година ги завршуваат студиите во Германија. Иако се апсолутно погодни за пазарот на работна сила, властите им го отежнуваат останувањето.

default

Ригел Арданто штотуку го положи последниот испит на мастер студиите на Универзитетот во Котбус и сега треба уште да го напишe завршниот труд. Но, тој прво му се јавува на адвокатот затоа што има проблеми со германските власти. Службата за странци имено постојано бара од него потврди дека редовно студира.

Информатичарот од Индонезија најрадо би се сконцентрирал сега на завршниот труд на мастер студиите по иновативни технологии, но во библиотеката прво мора да им пишува писмо на надлежните служби. Ригел Арданто познава повеќемина колеги од универзитетот, кои ги мачат слични проблеми. „Имам впечаток дека иако добро студирам тоа не се цени. Нема правда, така да кажам! Овде навистина студирав и тоа сепак не е добродојдено!“

Една година за вработување

Вистинско добредојде не го очекува Ригел Арданто ни по завршувањето на студиите. Како жител на земја, што не е членка на ЕУ, тој ќе добие точно една година за да си најде соодветно вработување во Германија. Ако тоа не му појде од рака, ќе мора да ја напушти земјата. Проблемот е во тоа што работното место мора да биде во професијата што ја студирал и да има соодветно високи приходи.

Ausländische Studenten in Deutschland Universität Aussicht auf bessere Bildungschancen

Колкава треба да му биде платата меѓутоа никој не може да му каже. Студентот од Индонезија сака уште сега да почне да пишува молби за вработување и затоа оди на советување кај стручни лица од универзитетот.

Ригел Арданто се плаши дека нема да си најде соодветно работно место за една година. „Сакав да работам во некоја германска фирма, каде што ќе можам наученото да го применам во пракса. Досегашните искуства покажуваат дека за тоа е потребно подолго време од една година!“

Непостоечки законски одредби

Повеќе време нема да добие, а ни висината на платата што треба да ја заработува не може ни овде никој да му ја каже. За тоа нема законски рамки. Советничката само го храбри дека економската состојба во Германија е поволна и дека се бараат кадри од неговиот профил. „Повратните информации зборуваат дека кога некој прво бил кај нас и сме го упатиле на соодветни соговорници, шансите му се одлични!“

Ако сепак не му појде од рака да си најде соодветно вработување, тогаш Ригел Арданто ќе си ја проба среќата во некоја друга европска земја, бидејќи високо квалификувани кадри не се бараат само во Германија!

Автор: Соња Шок / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски