Недела на повторувања | Северна Македонија | DW | 11.06.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Недела на повторувања

По целосното повлекување на аболицијата, три работи се вратија како политичко повторување во инаку (за македонските бизарни политички услови) релативно мирната седмица. Пишува Јасна Котеска.

За почеток една постара анегдота од комунистичките времиња за југословенски политичар кој патува низ Германија. Возот влегува во еден германски град, а политичарот го прашува својот водич: „Во кој град сме?“. Водичот одговара: „Во Баден-Баден“. Политичарот на тоа возвраќа: „Не сум јас идиот, не мора да ми повторуваш двапати!“

Со оваа анегдота во психоанализата најчесто се илустрира феноменот на повторувањето, кој и најточно ја сублимира оваа недела во политичка смисла.

По целосното повлекување на аболицијата, три работи се вратија како политичко повторување во инаку (за македонските бизарни политички услови) релативно мирната седмица. Тие повторувања се: тезата за само еден политички опонент, тезата за „сечените, лепените и монтираните“ материјали и враќањето на спектакуларните апсења од пред година и пол.

Мантрите на лидерот

Имено, пред само две недели, во екот на Шарената Револуција, во мега - интервју, лидерот на ДПМНЕ за првпат јасно соопшти дека има два различни профила на политички непријатели: официјалната парламентарна опозиција и граѓаните. Во тоа интервју, а во недостаток од подобро кохезивно име, граѓаните тој наједноставно ги нарече „секта“. Но, вчера, по излегувањето од судот, откако изјави дека се чувствува невин, од неговата реторика магично исчезнаа граѓаните од Шарената Револуција. Не затоа што е засрамен од аферата со гатачката, па би било ултра иронично за човек, наводно разоткриен како практикант на окултни сесии, своите непријатели да ги оценува како членови на секташки здруженија.

Туку затоа што, едноставно речено, за него времето пред и по аболицијата повторно се слееја во една идентична временска секвенца. А за да покаже дека сѐ останува по старо, во кратката изјава пред судот, тој се врати на вообичаеното автоматизирано повторување на двете главни мантри: изборите и како „се освојува власта“.

Втората теза со освојувањето на власта ја илустрираше уште истиот ден кога замина да ги промовира „лапараскопските апарати од најнов вид“. И така ДПМНЕ упорно не ги остава хирурзите да се занимаваат со операции, сточарите со добитокот, издавачите со книгите, а вчера не беа поштедени ниту љубителите на фудбалот, кога во јавноста беа дистрибуирани брошури со распоредот на натпреварите од Европското првенство во фудбал.

И на секоја страница од брошурата, во манирот на повторувањето што ја одбележа неделата, беше повторено и логото на Унијата на млади сили на ДПМНЕ, небаре Партијата лично го организира Европското фудбалско првенство.

Трансформациите на „Шарената револуција“

Но, наспроти психолошката и пропагандната „реалност“ на ДПМНЕ, во политичката реалност работите изгледаат поинаку.

Веќе беше напишано дека изјавата на Хајндл издадена од германското Министерство за надворешни работи не е точно пренесена во македонските медиуми. Туку според германското Министерство, Ханјдл не зборува за распоредот: избори, па исполнување на условите за избори, па исполнување на барањата од извештајот на Прибе, туку зборува за „итно исполнување на условите за слободни и фер избори“ , а дури потоа за датумот за избори. Тоа во дипломатска смисла значи дека лидерот на ДПМНЕ ќе почека за ноќта на изборите. Затоа што еден од многуте услови за фер и демократски избори е и расчистувањето со евентуалните криминали имплицирани во прислушкуваните разговори, што пак значи непречена работа на СЈО, што е прво на листата на приоритети на странските олеснувачи, како и на Шарената Револуција.

Во историска смисла Шарената Револуција е всушност и сингуларен момент во историјата на Република Македонија. Повеќе од двомесечните протести во дваесет градови во земјава ги прави протестите на Шарената Револуција најдолготрајните протести во историјата на независна Република Македонија. А секако и преседан за културата на демонстрирање во минатото и во комунистичка Македонија.

За разлика од повторливоста на политичката власт, Шарената Револуција е и единствениот феномен што неделава не се повтори, бидејќи по целосното повлекување на аболицијата, Шарената Револуција во меѓувреме ја промени формата на дејствување и наместо протести премина во т.н. герила акции со три ултиматуми, сите имплицитно поврзани со барањето кривична и финансиска одговорност за евентуалните дела имплицирани во прислушуваните разговори.

Директориумот С на...

Што не’ враќа кон второто повторување на неделата: тезата за „сечените, лепените и монтирани“ разговори што ДПМНЕ ги користи речиси цела година.

ДПМНЕ едноставно не може да разбере дека не постои политичка партија во светот која може да го преживее мега - скандалот со прислушуваните разговори. Политичката агонија во земјата ќе трае онолку долго колку што ќе трае нивното сфаќање дека Партијата по февруари 2015 никогаш нема да биде иста како пред тоа. Премиерот на Исланд не даде оставка по т.н. Панама документи затоа што е поморален политичар од Груевски. Туку затоа што неговите советници проценија дека токму за него лично најпрофитабилно ќе биде да замине од политиката. Овде дури и не зборуваме за политички морал, туку за обичен политички профит. Старите демократии знаат дека не може политички да се преживее масовен скандал од такви размери. Дури ни на Балканот. Тоа во различни форми на Груевски, во последнава година, му го соопштија и политичарите од соседните земји. Затоа што обемот и карактерот на прислушуваните разговори е непознат дури и за нашиот дел на светот.

Како што веќе пишувавме помеѓу 2006 и 2008 година Груевски и Мијалков успеаја партијата да ја претворат во „личен посед“ на неколку луѓе, а до 2008 овој процес беше речиси целосно завршен.

Историски погледнато, сингуларниот момент што го обележа овој процес е летото 2008 година кога буџетот на УБК се зголеми за 60 пати во однос на претходната година. Во 2007 година буџетот на УБК беше околу 400,000 евра за следната година да се зголеми на енормни 25 милиони евра. Во 2007 година на Република Македонија не ѝ се закануваше никаква посериозна внатрешна или надворешна безбедносна криза што би оправдала толкав ребаланс на буџетот за секторот на Мијалков. Затоа останува дека единствената логична претпоставка за инсталирање на тајните служби се за да служат за она за што тие секогаш и се инсталираат: да се борат против секој што не мисли исто со партијата.

Кога во 1999 беше објавена една од најтајните и најдобро чувани архиви на светот, архивата на Првата главна управа на советското КГБ, заедно со најтајниот дел од таа архива, т.н. Директориум С (списокот на странските шпиони за КГБ) се потврди прастарата идеолошка вистина: тајните служби се инсталираат за да работат против секој што е против партијата на власт. И покрај густата разнообразност на професионалните шпиони од Директориумот С на КГБ (од амбасадори на Костарика до штимачи на пијано за гувернерот во Њујорк), едно од најцрните изненадувања на Директориумот С на КГБ, беше дека иако секторот е формиран за разузнавање во надворешната политика, неговата главна задача во сите децении останала работата на компромитирање на секој што се дрзнал да размислува поинаку од партијата. Тајните служби суштински се монтираат за војна против „своите“.

Полицискиот спектакл на УКИМ

Што не' води и до последното суштинско повторување на неделата - спектакуларните апсења, овој пат во кампусот на УКИМ. Тие се упад во автономијата на УКИМ, без разлика како ги толкуваат ректорот и правниците околу Груевски, а за што веќе се изјаснија и Професорскиот пленум и правниците од УКИМ и од другите универзитети.

Без резерва сите професори повторија дека ги охрабруваат и ги поддржуваат сите истражни постапки за утврдување коруптивни кривични дела во кои нивни колеги се индицирани за финансиска корупција при испити, за сексуално малтретирање или за сексуално уценување на студенти. Затоа што тоа е најмалку што професорите мора да го сторат за одбрана на својот сектор. А студентите најјасно можно да се охрабруваат веднаш да пријавуваат криминални активности од каков било тип.

Но, она што стои настрана од наводните злоупотреби се прашањата што веќе беа покренати во јавноста од правниците: зошто при постоење индиции за корупција и закани се чекало цели две години? Како е можно собирањето докази што траело долги две години да заврши токму истиот ден кога Шарената Револуција најави радикализирање на протестите и вечерта го обои плоштадот во Скопје со црвена боја, со паролата „Бојата се мие, крвта не“? И токму истиот ден кога индицираните сторители, а без пресумпција на невиност, се приведувале во повеќечасовен полициски спектакл, потоа со употреба на единици за специјални интервенции, во полно наоружување и со маскирани полицајци?

Додека овие прашања ги оставаме за правниците, за нас ги задржуваме прашањата од доменот на т.н. теории на идеологиите, со кои се занимава теориската психоанализа.

„Нормализирање на спектаклот“

Спектаклите, имено, па и спектаклите во апсењата нужно бараат режирање. Тие служат за да се доместифицира „новиот свет“. (Во друга форма за истото служат и помалите форми на „спектакл“, какви што се повторувањата на „квизовите“ на знаење на крајот од секоја учебна година, во она што денес се нарекува „екстерно тестирање“, и е другата опачина на Баден-Баден психологијата).

Но, проблемот со режирањето на спектаклите е дека тие секогаш содржат еден бизарен, но упорен феномен. Без разлика колку и да се „припитомува“ новата идеологија, режисерот е свесен дека постои една ненадминлива тензија помеѓу начинот на кој тој ја манипулира и ја режира сцената и оној проклет остаток кој секогаш „пасивно“ ќе избива надвор од спектаклот како нарација што не може да се режира!

Затоа треба да се режира уште повеќе. Што инаку беше најавено и во мега - интервјуто со поранешниот премиер, преку реченицата за „доместифицирање“: „Демократија има и тоа многу, но ние ќе работиме да има уште повеќе демократија“. Што во превод може да се чита и вака: „Спектакуларни апсења има и тоа многу, но ние ќе работиме да ги има уште повеќе“. Најинтересен во таа смисла е еден момент од овонеделните спектакуларни апсења, кога во јавноста се прошири веста дека еден од наводно приведените бил можеби близок пријател на партијата на власт или на некои луѓе во неа. И кој, додуша, навистина со индигнација во камера одмавна со раката на идејата за каков било проблем со скандалот. Што во разни форми го видовме последниве години и во културата, а сега само го гледаме во секторот образование.

Но, сето ова води до друг апсурд, колку е поголем спектаклот, толку станува поголема потребата за „нормализирање на спектаклот“, во потреба спектаклот да се претвори во дел од очекуваното, секојдневното, нормалното. Нешто слично, впрочем, на сталинизмот во 1930-тите кога веќе никој не бил безбеден и секој можел во секој момент да биде поткажан, приведен и уапсен. Или во нашата верзија да биде прогласен за секташ, хулиган или предавник.

Затоа што кога распаѓањето на границата помеѓу вината и невиноста достигнува кулминација (за што дополнително придонесе несреќната аболиција на Иванов), тогаш не преостанува ништо друго освен човек да се адаптира на фактот дека апсолутниот ексцес се претворил во администриран хаос.

Од богатата литература на оваа тема, за крај, еден комичен детал од советските процеси од 1930-тите година. Кога во 1936 година тогашниот јавен обвинител на СССР објавил листа на имиња што треба да се апсат, на списокот се нашле и имиња на видни членови на Партијата. Но, тој список набрзо станал нешто како бизарна почесна листа! Секој кадар од Партијата кој нема да се видел на листата, лично се чувствувал вознемирен. Молотов, кој тогаш бил во добри односи со Сталин, се шокирал кога видел дека неговото име го нема на листата. Дали е тоа предупредување од Сталин дека Молотов треба повеќе да се труди? Дали токму фактот дека го нема на листата за приведување, значи дека токму тој бездруго прв ќе биде уапсен? Ако веќе мора да биде уапсен, дали е премногу ако за возврат бара само малку мир и однапред да знае дали го планираат за жртвено јагне или не, и.т.н.?

Со други зборови, на прашањето на политичарот во кој град се наоѓа, ние ќе треба бездруго да одговориме само со едно Баден. Не е тој идиот, па да му се повторува. Нешто слично како што впрочем деновиве прави Шарената Револуција.

Јасна Котеска е теоретичарка и универзитетска професорка.

DW.COM

Реклама