Негативни на Ковид-19, негативни и во кампањата | Северна Македонија | DW | 10.07.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Негативни на Ковид-19, негативни и во кампањата

Кампањата привршува исто како што започна. Во заднина и натаму одекнуваат „бомби“ за дискредитирање на политичкиот противник.

Секој против секого. Во таква атмосфера изминуваат и последните денови од предизборното претставување на партиите и нивните програми, кое привршува исто како што започна: со изразена негативна кампања. Таквиот впечаток го засилува и сивата зона на кампањскиот период, во која секојдневно одекнуваат разни „бомби“ со цел да го дискредитираат политичкиот противник.

Во време на растечка корона - криза, вредно е да се напомене дека сите партиски лидери ја трчаат кампањата како „негативни“ на „Ковид 19, а со истиот епитет „негативни“ ја отсликаа и кампањата што ја водат - некој повеќе, некој помалку.

Заев: Бевме храбри, бидете храбри

Неселективна правда, битка против корупцијата, криминалот, мафијата, непотизмот, се дел од темите кои партиите ги третираат од аголот што ним им одговара. На мета на критики се и надворешно-политичките успеси на земјата, кои лидерот на СДСМ ги смета за најголемиот политички капитал на државата реализирани во неговиот мандат, па вчера уште еднаш побра од граѓаните тие придобивки да бидат зачувани.

„За да можат сите граѓани да бидат заштитени, за да сме сигурни дека нема да бидат поништени историските закони и договори со соседите, единствената опција е граѓаните да гласаат за Коалицијата ‘Можеме'. На другата страна имате луѓе како Гордана Силјановска, кои отворено зборуваат против законот за јазиците, Преспанскиот и договорот со Бугарија. Тие дури зборуваат и за поништување на рамковниот договор и ново уредување на државата. Тоа се нови горчини. Нови конфликти. Нови проблеми. Со тоа нема да можеме да ја донесеме Европа дома", предупреди Заев.

Повеќе:

-Короната со најголеми шанси за „прв премиер“

-Скендербег, НАТО и четвртата индустриска револуција

-Што ќе обновува Мицкоски, а што ќе урива Заев?

Притоа потенцираше дека на изборите важен е секој глас. 

„Гласајќи за другите партии од албанскиот блок кои би влегле во коалиција со Мицкоски, значи минирање на нашите евроатлантски интеграции, и на договорите кои ни го овозможија тоа. Не верувам дека Мицкоски ќе добие таква шанса, да ги поништи сите успеси. Но од моето политичко искуство кажувам - и стотина гласа имаат моќ да  ја одлучат иднината на државата. Ние донесовме одлуки без да мислиме да мислиме на личниот или партиски рејтинг. Донесовме храбри и историски одлуки. Сега е време граѓаните да го направат истото", порача лидерот на СДСМ.

За дома кошмар, за соседите сон

Неговиот политички опонент, Христијан Мицкоски, во обраќање од општината Чаир тие надворешно-политички успеси ги сведе на „најсладок сон за некои од соседите", а ги стави во корелација со застој на внатрешен план.  

„Денешниот говор ќе го започнам со реченица која што ми ја кажа еден мој пријател пред два дена, кој живее надвор, инаку е родум од овде. Вели - ‘Христијан, Зоран Заев за граѓаните во Македонија е вистински кошмар, но затоа е најдобриот и најслаткиот сон за некои соседи'. И тоа е така, драги пријатели. Затоа што кај Заев и ова раководство на СДСМ, граѓаните и самата Македонија се некако на дното на приоритетите. Нему му се поважни многу други работи, поважни му се сите оние лични агенди кои што е одлучен да ги турка на сметка на честа и достоинството на граѓаните во Македонија. Оваа партија единствено гледа за своите лични интереси“, рече Мицкоски.

Притоа, лидерот на партијата која постојано потенцира дека се залага за независно судство и неселективна правда, објасни како ќе го реализира тој приоритет. 

„Јас ви ветувам дека во првите 100 дена секој оној кој што се огрешил пред законот, осрамотил пред граѓаните без разлика дали е политички определен или неопределен на онаа или оваа политичка партија, ќе одговара. Од прв до последен! Доста беа неправди, овој народ е уморен од криминалци, од натрапници во политиката“, порача Мицкоски. 

Никола Димитров, носител на листата на Коалицијата „Можеме“ во Изборната единица 1, вчера од Скопје беше директен кон пораките што стигнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Да не се лажеме. Со ВМРО-ДПМНЕ нема да има пристапни преговори со Европската Унија. И затоа, иднава среда, на 15 -ти јули, што ќе правиме - ќе дигаме раце? Или ќе излеземе и ќе дадеме што помалку простор за овие теговиве што не влечат надолу, за овие луѓе што главата не ја дигнале, па не можат да видат дека земјата не само што се исправи од срамот што ни го оставија, туку си влезе во НАТО и е на еден чекор да почне пристапни преговори со ЕУ“, порача Димитров.

Доста е за ДУИ

Не е помалку жестоко ни во албанскиот блок. Лидерот на ДУИ Али Ахмети, кампањата ја поминува во интензивно пропагирање на идејата за „прв премиер Албанец“, во очекување дека со тоа ќе добие предност над другите партии на Албанците, но и дека ќе ја крене цената на коалицискиот потенцијал.

„Идејата за премиер Албанец не е шега и ќе ја материјализираме, затоа што тоа е легитимно право. Жалам зошто моите колеги Македонци се однесуваат со ваква паника, зошто не излегуваат на дебата, зошто не се соочуваат со Насер Зибери. Со Насер Зибери не се соочуваат заради тоа што им недостига знаењето на Насер Зибери. Зибери на соочување оди на природен начин, не со тендеција. Одовде барам од младите Албанци, од мисионерите Албанци, на 15-ти јули да ми го дадат мечот“, порача Ахмети во Скопје. Тој потенцира дека досега не изгубил ниту една борба, затоа што мечот му го давале војниците, патриотите и мисионерите.

Доста е, 18 години ДУИ беше во власта, вели лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Тој порача дека Албанците не треба да гласаат за ДУИ, бидејќи на таа партија и се потребни промени.

„Честопати нѐ задолжиле за многу  работи, но тие работи кои биле во интерес на граѓаните ги поддржавме. Зошто сега треба нас да не поддржат, а не другата опција, на господинот Ахмети? Затоа што на Албанците им требаат промени. Статус-квото е тоа што ја губи надежта. Јас не ценам дека ДУИ добро менаџирала со гласовите што го добила од Албанците, но и да менаџираше добро, 18 години се многу, а 18 години ДУИ е на власт ", рече Села во изборна дебата на ТВ „21".

Ќе го вратиме Груевски

И додека сите ветуваат враќање на надежта во сите сегменти, еден од кандидатите за пратеници, конкретно ветува - враќање на Никола Груевски.

„Сакаме да им ветиме на граѓаните дека доколку сме дел од законодавната и извршната власт, во рок од 90 дена ќе го вратиме бегалецот Груевски", изјави вчера Јове Кекеновски, носител на листата на коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“ во Изборната единица 2, на средба со граѓаните на Општина Ѓорче Петров.

„Онака како што замина така ќе биде и вратен, а украдените пари ќе им бидат поделени на граѓаните“, вети Кекеновски.

 

 

Реклама