(Не)возможната мисија на Моравјецки | Свет | DW | 13.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

(Не)возможната мисија на Моравјецки

Светски човек, економски ориентиран, не многу близок до народот - новиот полски премиер Матеуш Моравјецки е контраст на својата претходничка. Но фактот што тој сега го презема кормилото не мора да ветува добро.

Матеуш Моравјецки важи за најголем политички талент во владејачката партија во Полска - ПиС. Истовремено, тој е нејзина најголема загатка. 49-годишникот кој беше избран за нов премиер на Полска во понеделникот, уште во студентските денови бил на вистинската страна. Се ангажирал во антикомунистичкото милје и поради тоа бил шиканиран, затворан и тепан. Тоа денес му дава веродостојност во очите на идеолошките хардлајнери во национал-конзервативниот камп. Моравјецки и шефот на ПиС, Јарослав Качински, се идеолошки блиски. Новиот премиер, во времето кога беше на чело на Управниот одбор на една банка, дури испраќаше и СМС-пораки до вработените за да ги потсети на една историска борба против Русите или на роденденот на националниот херој, Маршал Пилсудски.

Тој е млад и важи за модерен, но историјата за него, исто како и за Качински, е еден од носечките столбови на полската национална држава. Двајцата критикуваат што Полска недоволно го има обработено своето комунистичко минато и што по 1989 година е главно под раководна палка на „естаблишментот“. Но, току тоа е интересно, зашто Маровјецки, како поранешен банкар, за многумина е претставник на естаблишментот.

Загадочна промена на улоги

За разлика од типичните ПиС-избирачи, тој зборува странски јазици и има милиони на својата сметка - факт кој полските медиуми постојано го нагласуваат. Новиот полски премиер може да преговара на англиски, германски и руски, студирал историја и економија, апсолвирал студиски престои и пракси во САД и Германија. Неколку години беше член на полскиот Економски совет, каде беше донесен од поранешниот премиер и смртен непријател на ПиС, Доналд Туск. Член на ПиС стана дури во 2016 година.

Сето тоа го прави Моравјецки светски човек, но не и близок до полскиот народ, за разлика од неговата претходничка Беата Шидло, која важи за „селска мајка“. Како традиционалните избирачи на ПиС, кои живеат главно во провинција, ќе реагираат на премиерот во модерни костуми шиени по мерка, е нејасно. Можеби смената на врвот ќе донесе загуба на гласови.

Можеби и затоа сепак нема да се случи првично најавената „голема владина реконструкција“. И покрај тоа што се очекуваше, нема да има смена на други министри. Моравјецки и Шидло само си ги променија улогите - сега тој е премиер, а таа е негова заменичка. Зошто тогаш целиот театар, кога партијата и онака има доверба на 47% од избирачите, се прашуваат многумина.

Polen Beata Szydlo Mateusz Morawiecki (Imago/Zuma)

Беата Шидло и Матеуш Маровјецки си ги заменија местата

Нема знаци на доверба

Наспроти ваквите рејтинг-резултати од соништата, Полска има повеќе проблеми за решавање. Надворешнополитички ѝ се заканува изолација. Варшава мора да стравува од еден Дамоклов меч на ЕУ: поради повреда на правната држава на Полска ѝ се заканува членот 7 од Лисабонскиот договор (кој како максимална санкција предвидува одземање на правото на глас на една земја членка на ЕУ, како и кратење на европски пари. Тоа што Варшава сега му го предава раководењето на Маровјецки, покажува дека и таму се сфаќа сериозноста на ситуацијата, иако за тоа никој не зборува отворено. Избегнувањето на ризиците очигледно за Шидло беше невозможна мисија. Сега Моравјецки треба да ги среди работите.

Само ако успее во тоа ПиС ќе може и натаму да ја реформира државата според свој вкус и да го смирува народот со великодушни подароци. За такво нешто ѝ се потребни парите од Европа, сега повеќе од кога и да е досега. Потребни се и нови инвеститори. Во спротивно, касите брзо ќе се испразнат.

Каква е во моментов состојбата со финансиите е исто така загатка. Познато е дека на буџетот му недостигаат околу 8 милијарди евра. Па сепак, и натаму се ветуваат социјални програми за помош на сениорите и младите семејства. Ако Моравјецки може добро да смета, веројатно веќе наскоро ќе мора да се коригира. Но, ваквите лоши вести нема да ги соопшти во народот омилената Беата Шидло. Тоа што Моравјецки на почетокот не може да менува министри, а неговата претходничка останува на заменичкото место како надзорник, ниту е знак на доверба ниту на сила. Надареното момче од Варшава е навикнато на друго.

DW.COM

Реклама