„Неверојатниот Хулк“ и Брегзит | Свет | DW | 16.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Неверојатниот Хулк“ и Брегзит

За време на неговата прва посета на ЕУ, Борис Џонсон се среќава со претседателот на Комисијата, Жан-Клод Јункер. Дали британскиот премиер носи конкретни предлози за решение за проблемот бекстоп со Северна Ирска?

Местото на состанокот се третира како најголема државна тајна. Познато е само дека ќе има ручек, и дека Борис Џонсон ќе се сретне со претседателот на Европската комисија и со шефот на преговарачкиот тим, Мишел Барние. И дека по неговиот избор прво оди во Луксембург, а не во Брисел. Официјалното објаснување за ова гласи дека Жан-Клод Јункер потоа мора да патува во Стразбур во Европскиот парламент. Неофицијално, Џонсон најверојатно сака сосем да избегне да оди во Брисел, како што тоа го правеше Тереза Меј, за таму да бара отстапки. При тоа и Луксембург се води како официјално седиште на ЕУ инстутуции, како што е Европскиот суд на правдата - особено омразен кај Британците.

Дали Борис Џонсон е неверојатниот Хулк?

Викендов британскиот премиер држеше детска политичка лекција. Тој се спореди со научно-фантастичниот филмски лик - неверојатниот Хулк, кој секогаш станува непобедливо силен кога е соочен со отпор. Ова може да биде пример за мегаломанија, но и на особено апсурдна форма на британскиот хумор.

Повеќе:

-Камерон: Втор референдум за Брегзит е можен

-Парламентот не смее да падне

-Што е следно во Брегзит-драмата?

Како и да е, не е ЕУ таа која пружа отпор Британците да понудат нови предлози за истапување. Тоа му се внатрепартиските противници и фактот дека тој нема мнозинство во Парламентот, така што не може да биде сигурен на крајот кој би гласал за еден преработен договор со ЕУ.

Што се однесува до неговиот личен кредибилитет, во последниве два дена Џонсон мораше да преживее длабоки удари од неговиот претходник Дејвид Камерон. Во неговите неодамна објавени мемоари тој го обвини за предавство и лага: неговиот поранешен пријател Борис Џонсон во 2016 година воопшто не верувал во Брегзит и реши само да ја „ промовира својата политичка кариера“.

Решението за Северна Ирска

Последните сигнали од лондонските кулоари тврдат дека договорот на Тереза Меј во голема мера е прифатлив за владата, освен делот за Бекстоп. Ова е посебна регулатива за границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска. Само пред една недела Џонсон зборуваше за тоа дека можно решение за овој проблем е посебен аранжман за Северна Ирска. Тоа значи дека ЕУ може повторно да си го извади од фиока првичниот предлог. Дали северноирската ДУП ќе даде поддршка со оглед на фактот дека досега жестокот се бореше против неа, е малку веројатно. Џонсон веројатно ќе се откаже од нивните десет гласа, бидејќи секако нема мнозинство. Решението предвидува, Северна Ирска да остане дел од царинската унија и од заедничкиот пазар, а фиктивната граница да поминува низ Ирското море. Со тоа нема да има потреба од контроли и гранични пунктови меѓу двата дела. Тереза Меј тогаш категорично објаснуваше дека ниту еден британски премиер не би се согласил така да се оддели толкав дел од Велика Британија.

Конкурентот Велика Британија?

Се чини Борис Џонсон е порелаксиран по ова прашање. Во меѓувреме предложи регулативата за земјоделските и прехрамбени производи во Северна Ирска да се задржи според ЕУ стандардите за контролите да бидат излишни. „Северните Ирци се Британци," појасни тој, „но северноирските крави се Ирски." Овие производи се само 30% од прекуграничната трговија, а останатот дел владата во Лондон сака некако да ги прикрие. Програмата „Доверлив трговец“, посебни баркодови на производ за домашни продукти и слични идеи се дел од таканаречените „алтернативни решенија“, кои Лондон ги турка веќе подолго време. Но, тие и нудат малку сигурност на ЕУ за заштита на заедничкиот пазар. Кој ќе биде надлежен да ги следи ваквите постапки? Особено со оглед на фактот што британската страна во меѓувреме најави дека сака во иднина да се оддалечи од европските стандарди и од „рамноправната игра“, кои гарантираа исти основни услови за претприемачите. Ова го комплицира идниот можен договор за слободна трговија по Брегзит. Германската канцеларка Ангела Меркел мината недела отворено кажа дека Велика Британија може да стане конкурент, кој ќе планира натпревар со сите средства.

Тајмингот речиси невозможен

Џонсон сака во текот на неделава да посети и други европски градови, се вели од Лондон. Но, неговите дипломатски напори, како последните посети на Берлин и Париз, ќе останат и понатаму бескорисни доколку неговите преговарачи не достават конкретни предлози. Премиерот пак сака да го избегне тоа за да не го растргнат неговите сопартијци уште пред претстојната партиска конвенција на Ториевците. Нешто поконкретно може да се очекува дури по 3 октомври. Оттогаш до самитот остануваат само две недели. Во ова време мора да се склучи договор и да им се испрати на 27-те земји членки. Наспроти тврдењата на Борис Џонсон, дека на самитот нема да се разговара за поединости, туку само ќе се крене рака за или против конечен договор.

Ризичен потег

Специјален самит на крајот на идниот месец тешко дека ќе ги подобри работите. Нема да има доволно време за договорот да се помине во парламентот. Наводо тој ќе успее да го реализира тоа во преостанатите десет дена од октомври. Во секој случај потребна му е подршка од редица опозициски пратеници, бидејќи е нејасно како ќе гласаат неговите „Спартанци“, ултра-брегзитерите, умерените бунтовници и северноирската ДУП.

Сето ова е многу ризичен потег на кој не може да му се предвиди исходот. Исто така е нејасно и дали Борис Џонсон сериозно преговара или само ради реда, за да може на крајот вината да им ја префрли на ЕУ. Во интервју за Дејли Мејл во неделата, премиерот изјави дека и покрај законот за истапување без договор, тој нема да побара пролонгирање на рокот. Тоа значи дека сака да се случи целосен инстутуционален крах и земјата на 31 октомври да „испадне“ од ЕУ. Ирскиот премиер Лео Варадкер викендов повторно предупреди дека ставовите на двете страни се сѐ уште многу оддалечени. Се чини дека тоа е единствениот реален опис на ситуацијата во моментов.

DW.COM

Реклама