На училиште и покрај Ковид-19: како ќе функционира тоа? | Информации и анализи за Германија | DW | 03.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

На училиште и покрај Ковид-19: како ќе функционира тоа?

Во некои делови од Германија летниот распуст веќе заврши. Новата школска година би требало „нормално” да почне. Но, „нормално” во училиштата тешко дека ќе биде, покажува примерот од Мекленбург Предна Померанија.

На родителите и на децата кои одат во училиште деновиве ќе им биде занимливо да видат што се случува во Мекленбург Предна Померанија. Во сојузната покраина на Балтичко море денеска (3.8.) повторно почнува училишната година. Летниот распуст во 16-те сојузни покраини во Германија почнува секогаш во различно време во периодот од јуни до септември за да не одат сите во исто време на одмор. Годинава прва на листа е Мекленбург Предна Померанија. Сега таму ќе почне големиот тест.

Во 563 училишта 152.700 ученици од понеделник до петок би требало да имаат „нормална” настава, најмалку четири или пет часа дневно. Повторно се дозволени дури и часови по музичко воспитание и фискултура. Тоа е така бидејќи актуелно има само неколку активни случаи на Ковид-19, се наведува во соопштението на покраинските власти. Во Мекленбург Предна Померанија има најмал број заразени во земјата. Но, и покрај тоа нема да биде сѐ “нормално”.

Да се спречи зараза

Строгите хигиенски правила во училиштата кои важат во цела земја би требало да го спречат ширењето на пандемијата. Забрането е поздравување при кое доаѓа до контакт на кожата. Треба да се избегнува допирање на лицето со рацете. Училниците треба да се проветруваат после секој час. Гелендерите не смее да се допираат, а секако најважно е миењето на рацете! Средства за дезинфекција би требало да се користат само во посебни случаи, не оние на распрскување, туку што се додаваат во водата за чистење. Носењето маски не е задолжително. Наставниот кадар бесплатно може да се тестира за Ковид-19. Ново е и тоа дека доаѓањето и одењето од училиште поинаку ќе бидат организирани. На пример петто и шест одделение ќе формираат некаков вид група која може да брои и до неколку стотина ученици. Меѓу различните групи не смее да има контакт, но внатре во нив нема да важат правилата за растојание. За да се обезбеди тоа наставата ќе почнува во различни времиња.

Секое одделение ќе има свој простор во училишниот двор, во гардеробите и кантината. Планот е доколку дојде до зараза на децата само едно одделение да биде во карантин, а другите да продолжат да одат на училиште. Такво строго двоење на одделенијата препорача и институтот Роберт Кох како највисока здравствена инстанца во земјата. Сега е важно одделенијата да се одржат во целина, вели претседателот на институтот, Лотар Вилер. Така се намалува ризикот од инфекција и полесно може да се утврди ланецот на заразата.

Онлајн настава дел од планот

Онлајн настава или „настава на далечина„ како што ја викаат тамошните служби, во Мекленбуг Предна Померанија најпривин би требало да биде исклучок. „Дополнителна настава на далечина претежно се одвива како онлајн настава и првенствено служи за вежбање, како и за утврдување на градивото,“ се наведува во Уредбата на Министерството за образование. При тоа „степенот на самоорганизирано учење би требало да се зголеми во согласност со развојот на индивидуалното учење, од основно училиште до завршување на гимназија.“ Тоа значи дека за прво и второ одделение, само три од четириесет часа неделно се превидени за онлајн настава. Од седмо до деветто одделение пак, од 101 час неделно, само 26 може да бидат онлајн.

Повеќе:

-Пандемијата и родителите: Кој да не спаси од децата?

-За што ќе заѕвони– за онлајн, офлајн или комбинирана настава?

-Короната останува, но Германија „се отвора“ 

Според Министерството за образование, обемот на настава на далечина ќе биде зголемен онаму каде што нема наставници кои може да предаваат физички во училиштата бидејќи спаѓаат во ризична група. Секако целта на таквото планирање е уште сега да се креира рамка доколку дојде до зголемување на бројот заеазени, вели портпаролот Хенинг Липски. За сето тоа да функционира добро и технички и организациски, доста работи се направени во изминативе недели.

Нов наставен материјал

На училиштата сега им се нуди еден комерцијален систем за управување со учење од Норвешка, кој се базира на клауд технологија. Како што се наведува на интернет страницата, овој производ е веќе дваесет години на пазарот во земјата.

Покрај тоа, овие денови, на градовите и општините би требало да им се поделат десет милиони евра од таканаречениот дигитален пакет на сојузната влада, вели Липски. Со овие пари би требало да се купат лаптоп компјутери кои учениците може и да ги позајмат. Од целата земја во последно време пристигнуваат предупредувања дека многу деца од посиромашни семејства воопшто немаат компјутер преку кој би можеле да се приклучат на онлајн настава.

Кога станува збор за дигитална настава, се поставува прашањето како професорите – кои често не се дигитално потковани – ќе се подготват за онлајн настава? Соопштено е, дека во меѓувреме две илјади наставници во Мекленбург Предна Померанија учествуваа на курс за онлајн настава.

Колку ќе биде опасно?

Доколку дојде до нови случаи на зарази, во Германија не се училиштата тие кои одлучуваат како понатаму, туку локалните здравствени служби. Односно дали едно одделение ќе мора да оди во карантин или пак цело училиште ќе биде затворено. Политичарите се сложни – целосно затворање на училиштата како за време на карантинот би требало да се избегне.

И многу доктори се залагаат за што „понормална“ настава. Бидејќи училиштата ионака се оценети како помалку загрозени. Во покраината Саксонија во текот на мај и јуни тестирани се 2600 ученици и наставници во рамки на една од првите вакви студии. Според Виланд Киш, шеф на Универзитетската клиника во Лајпциг, кај тестираните не е откриен ниту еден случај на актутна инфекција. Помалку од дваесет тестирани имале антитела во крвта, што укажува на тоа дека ја надминале инфекцијата.

Децата не се голем извор на зараза за возрасните, вели Киш. Затоа тој е против затворање на училиштата доколку се појават нови случаи на заразени. Бидејќи нов училишен карантин не би бил добар за развојот на децата и би предизвикал бројни физички и психички проблеми. Киш не е единствен со вакво мислење. Ист став има и Сојузната лекарска комора.

 

 

Реклама