На тест и владината коалиција | Северна Македонија | DW | 02.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

На тест и владината коалиција

Заев ја повика ДКСК да ги испита имотите на судиите и обвинителите, ДУИ се консултира со правни експерти, а ВМРО-ДПМНЕ бара законски измени со кои на амнестирани лица ќе им се забрани занимавање со политика.

Расте интересот за тоа како ќе помине барањето на СДСМ до Собранието за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, откако Уставниот поведе постапка за оценување на уставноста на тој член, кој овозможува да се повлече еднаш дадено помилување. Ако Уставниот суд го укине тој член, во иднина шефот на државата не ќе може да повлекува дадено помилување, но ако го поништи - тоа ќе значи слобода за 50-тина обвинети во случаите на СЈО.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, и координаторите на пратеничките групи денеска треба да се договорат дали и кога Законодавно-правната комисија ќе заседава и ќе го разгледа барањето на СДСМ.

Изминатиов викенд помина во обвинувања кој за што се залага. СДСМ го повика Мицкоски да излезе пред јавноста и да ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за автентичното толкување на оспорната одредба. Од опозициската партија изјавија дека принципиелно се против амнестии и аболиции, но го обвинија Заев дека „тој го руинирал правниот систем преку уцени, закани и поткупувања и дека тој треба да ги тргне неговите валкани раце од правосудството". Во тој контекст, лидерот на партијата Христијан Мицкоски вчера соопшти кои се двете нивни партиски барања. Од владејачката ДУИ кусо најавија дека се консултираат со правни експерти. Токму ваквиот воздржан став на ДУИ отвори сомневања дека прашањето може да стане тест и за владината коалиција.

Заев: Ова мора да престане веднаш!

Во зовриена атмосфера на тема „Уставен суд“, премиерот вчера се огласи преку видео обраќање, во кое оцени дека во  изминатите две и пол години се покажало дека судството останало последната тврдина на „заробената држава“, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции. Тој порача дека мора да се прочисти судството од непрофесионалните, неажурните и корумпираните.

„Овие последни упоришта на ‘заробената правда' продолжија да ги контролираат судските процеси во кои беа осомничени токму протагонистите на режимот. Злоупотребувајќи ја одвоеноста на судската од извршната власт, овие т.н. ‘Сваровски' судски центри на моќ застанаа на патот на правдата. Ова мора да престане веднаш! Правосудството мораме да го прочистиме од нечесните судии и обвинители, за да можат чесните и професионалните, непречено да ја обезбедат правдата која ја чекаат граѓаните. Антикорупциската комисија, токму сега врши проверка на парите и имотот на сите членови на Владата, започнувајќи од мене. И тоа е сосема во ред“, рече премиерот.

Повеќе:

-Павле Трајанов: Смрди на амнестија!

-Иванов не може да помилува: законот и изборите му ги врзуваат рацете!

Тој повика истото да биде направено и за имотот на судиите и обвинителите.

„Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, веднаш. Комисијата има таква можност и ја охрабруваме да ја спроведе веднаш. Извршната власт ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за проверка на потеклото на имотите и парите, на обвинителите, судиите, и нивните семејства. Антикорупциската комисија треба да ги утврди и конфликтите на интереси. Секој судија и обвинител треба да ги декларира сите адвокати, правни застапници и обвинители од своето опкружување со кои на било кој начин се поврзани, или биле поврзани, во судските постапки што ги воделе. Ги повикувам Судскиот совет и Советот на обвинители да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарувањето на предметите и целосно да ја проверат професионалноста и ажурноста на работата на судиите. Мораме да обезбедиме правосудство кое одлучува, а не правосудство кое застарува предмети! Мораме да го прочистиме судството од непрофесионалните, неажурните и корумпираните!“, повика Заев.

Но, прашање е дали ДКСК има таква можност. Од Комисијата во неколку наврати досега изјавија дека имаат ограничени кадровски и ресурсни капацитети. Во октомври годинава се пожалија дека се уште чекаат да бидат поврзани со 17 институции за побрзо да ги добиваат информациите што ги бараат. Колку за илустрација за бројката на предмети по кои постапуваат, говори фактот дека за седум месеци добиле 785 претставки за сомнежи за корупција, од кои соодветно одговриле на 169. тикорупциска за седум месеци пристигнале 785 претставки за сомнежи за корупција, а Комисијата досега донела соодветен заклуза 169 предмети

Мицкоски: Аболиција не поддржувам!

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не верува во загриженоста на Заев за провосудството. На вчерашната прес-конференција тој рече дека се работи „за силно вклучен црвен аларм кој кажува дека власта ја краде државата, а правниот систем е целосно девастиран".

„Секоја нова афера и скандал е поголем од претходниот. Нема разрешница ни за скандалот кој самите го објавија за наводното прислушување на обвинители, нема истрага ниту за криминалните иновации, нема истрага ни за градоначалникот кој тепаше вработен во својата канцеларија, за пратеникот кој набавуваше недозволена супстанца. нема истрага за набавката на системот за контрола на летање, ниту за тендерот за хеликоптерите (...) И токму во овие моменти кога силно одѕвонуваат овие прашања, власта на маса ја става темата со Уставниот суд (...)  Заев и СДСМ ја наметнуваат темата за Уставен суд, затоа што прават подготовка на терен за некоја идна аболиција на Заевци и луѓето од власта која треба да се испорача од Пендаровски. Но треба да знаат сите до еден од власта, оние вмешани во Рекет 1, 2 па и во наредните продолженија, аферата „Кеш“, оние во криминалните тендери и афери, и сите оние кои сега или порано се огрешиле кон законот, дека јас аболиција не поддржувам и компромиси со правдата не правам“, порача Мицкоски.

Во однос на темата со Уставниот суд, тој од името на ВМРО-ДПМНЕ постави две барања. Првото е - да се направат законски измени со кој ќе се забрани секое лице кое ќе добие амнестија, да се занимава со политика или да врши јавна дејност во државата. 

„Второто барање е да се отвори дебата, да се консултира правната фела и да се донесат решенија во насока на забрана на аболиција на лица кои се занимавале со политика, бидејќи уште во 2008 година и случајот „Глобал“ се покажа дека правдата кај нас се изигрува преку несовесно давање на амнестија“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека „очекува тоа да биде прифатено и од страна на СДСМ и Заев".

Маските ќе паднат

Консултации со правната фела ќе бара и ДУИ, барајќи одговор дали поранешниот претседател Иванов имал или немал право да ги повлече дадените помилувања за 56 лица. Нивната изјава дека „прават консултации со домашни и меѓународни правни експерти со цел правно разјаснување на таа состојба“, го отвори прашањето дали воопшто има единство меѓу коалициските партнери за тоа прашање. Лидерот на владејачката ЛДП и министер, Горан Милевски, смета дека деновиве точно ќе се разјасни кој за што се залага.

„Неделава маските ќе паднат кај сите, бидејќи конечно ќе видиме кој е оној што се бори за правдата и кои се оние мрачни сили кои сакаат да има привилегирани луѓе за кои законот нема да важи, односно ќе ги штити криминалците", изјави Милевски.

Според него, даколку не помине автентичното толкување за Законот за помилување предложено од СДСМ, ќе се доведе во прашање и владината коалиција.

Премиерот Заев вчера најави дека преку институциите ќе започне контрола на сите лекарски потврди за домашен притвор, или за привремено пуштање од затвор, по кои се случило бегство. Тој ја повика и Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил. Владата предлага сите снимки од судења на случаите кои ќе бидат набљудувани од ЕК да бидат достапни во аудио верзија, и судството да се соочи со јавноста.

 

DW.COM

Реклама