На масата на ДКСК: Јаглен, градска куќа и рекламите на Арсовска | Северна Македонија | DW | 08.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

На масата на ДКСК: Јаглен, градска куќа и рекламите на Арсовска

Јавни огласи среде кампања и сомнежи за случаи за незаконито финансирање на изборна кампања, го полнат досието за нерегуларности. На потег се антикорупционерите.

Сомневања и претставки за кршење на Изборниот законик во време на кампањата, интензивно влегуваат под лупата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Не станува збор само за партиски и активности на кандидатите, туку и за постапки кои не се дозволени од распишувањето до завршувањето на изборите. Во таков обрач се најде и „формулата“ за избегнување на енергетска криза поради енормниот раст на цената на електричната енергија, откако Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски најави меѓународен тендер за набавка на јаглен за работа на еден блок во  РЕК Битола.

„Со нашиот план за ископ на јаглен и производство на електрична енергија, имаме стабилно производство и ги задоволуваме потребите на универзалниот снабдувач за домаќинствата, ЕВН Хоум, по цена значително пониска од пазарната, за да не се почуствува ценовен шок кај граѓаните. Но, за стабилен електро-енергетски систем потребно е да се произведе дополнително количество електрична енергија, и за истото е потребен засилен ископ на јаглен во РЕК Битола, како и набавка на јаглен на меѓународен јавен повик. АД ЕСМ, планира дополнително производство од декември 2021 до април 2022 година, за што во текот на утрешниот ден (6.10. -н.з.) ќе биде објавен меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на еден блок во РЕК Битола и за продолжување на работењето на РЕК Осломеј“, рече Ковачевски.

Анализа на документацијата

Без оглед на неговото тврдење дека со таа произведена енергија ќе се зацврсти електро-енергетскиот систем, а дополнителните количини/ вишоци ќе се продаваат на слободниот пазар со што ќе се оствари приход за компанијата и за државата, Изборниот законик не дозволува можност за вакви набавки, без разлика на интервентноста во моментот. Поради тоа,  ДКСК повторно укажа на обврската за доследно почитување на забраните од Изборниот законик, член 8-а, и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, според кои, од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборниот процес, со средства од буџетот, од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал не може да се започне со изградба на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година. Истото се однесува и за огласот на Град Скопје за купување градска куќа во која би се сместиле градоначалникот и администрацијата, со услови таа да биде во строгиот центар на градот, а проценетата вредност за набавка на објектот да не биде поголема од 11 милиони евра со вклучен ДДВ.

Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung

ДКСК разгледува повеќе случаи

„Во врска со изнесените информации во јавноста за најавите дека АД ЕСМ ќе објави меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на еден блок во РЕК Битола и за продолжување на работењето на РЕК Осломеј, како и распишувањето на тендер во тек на изборна кампања од страна на Град Скопје за градска куќа, односно нови административни простории на Град Скопје, Државната комисијата ќе постапи и ќе ги разгледа двата случаи од аспект на корупција и судир на интереси обезбедувајќи информации и потребна документација, односно дали наведените набавки се предвидени и со Годишните планови за јавни набавки за 2021 година. Односно, дали нивната реализација е планирана во овој период и дали за истите се предвидени и обезбедени средства“, соопшти ДКСК.

За огласот реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи дека до денес јавноста не добила одговор на прашањето што се случи со 12,7 милиони евра добиени од продажбата на веќе изградената градска куќа, којашто Град Скопје претходно ја продаде. Партиски функционери обвинија дека тие средства требало да бидат на наменска сметка и да се чуваат за таа намена. Но, според нивни сознанија, тие биле потрошени и ги немало на наменската сметка, што е кривично дело со кое треба да се занимаваат надлежните институции.

Од ДКСК најавија дека по анализа на документацијата, ќе ги изнесат наодите во јавноста. А со оглед на фактот дека со Изборниот законик се дефинирани забраните за овој период, но и санкциите за нивно непочитување, од ДКСК укажуваат и дека е неопходно делување и на други надлежни институции, согласно со Изборниот законик.

Оттаму посочија и дека ги следат однесувањата на јавните функционери за време на изборниот процес од аспект на злоупотреба на службената положба и јавните добра за изборни цели.

Апасиев: „Мува не ги лази“

Но, дали нерегуларности може да има само кај јавните функционери, и дали ДКСК и други надлежни институции темелно ја следат кампањата? За конкретен случај јавно реагираше лидерот на Левица, Димитар Апасиев, уште пред десетина дена.

„Данела Арсовска, официјално, е независен кандидат за градоначалник на Скопје, со различен број на гласачкото ливче од ДПМНЕ. Правно гледано, немаат ни склучено договор за коалиција. Тоа значи дека, по закон, и следува само 3% од буџетот за платено политичко рекламирање (околу 15.000 ЕУР) и само 30 секунди на секој час емитувана програма - како и за сите останати “независни кандидати“. Арно ама, она лагано си ги користи 45% од првиот привилегиран пакет на парите кои им следуваат на ДПМНЕ и ААА (цирка, околу милион ЕУР за реклами)!? ДИК, АВМУ и Антикорупциска, ко по обичај, мува не ги лази за овие нерегуларности“, реагираше Апaсиев на Фејсбук.

Toj потенцираше дека во случајот има и кривична одговорност за нелегално трошење буџетски пари за друг правен субјект, со друг даночен број - а не за оној кому му следува.

„Ама, договорот Заев и Мицко не признава закони!“, напиша лидерот на Левица.

Партијата пред два дена до ДКСК и официјално поднесе приговор за поведување постапка за утврдување на законитоста на финансирањето на изборната кампања на независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.

„Се сомневаме дека пријавената ги користи буџетските средства и рекламниот простор кои што согласно со Изборниот законик и припаѓаат на коалицијата ‘Обнова на Македонија’, иако и двата субјекта де јуре и де факто немаат склучено званичен писмен договор за коалиција, а доказ за тоа е дека Данела Арсовска настапува под реден број 82, а коалицијата ‘Обнова на македонија’ под реден број 7 на гласачкото ливче“, рече на прес-конференција портпаролот на изборната кампања на Левица, Амар Мециновиќ.