1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На лидерската маса ставен цел „пакет“ решенија

Катерина Блажевска
3 јули 2015

Не се разговара парцијално, туку за „цел пакет“ решенија. Или ќе се договори целиот 'пакет' или нема договор, велат извори упатени во преговорите.

https://p.dw.com/p/1Fs2y

Лидерите на четирите најголеми партии денеска на нова средба во Клубот на пратениците повторно ќе ги соочат предлозите за излез од политичката криза. Поминаа „неколкуте дена“ што лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги побараа на последната лидерска средба одржана на 29 јуни, заради потреба од дополнителни консултации и разговори. Причина за ваквото барање, според партиски извори, беше утврденото „прво мало поместување“ од претходните непопустливи позиции, па во надеж дека тоа може да води кон позитивен исход од преговорите, побараа и добија време за нови „интензивни меѓупартиски средби“. Разговорите беа фокусирани на организацијата на владата што ќе ги подготвува изборите.

Разговори на различни нивоа - меѓу лидерите, меѓу преговарачките тимови и на лидерите со амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје, се реализираа во изминатите неколку дена, а особено вчера. Според партиски извори, Груевски-Заев имале две тет-а-тет средби, од кои втората се одржала ноќеска по полноќ, по свечениот прием во амбасадата на САД по повод 4-ти јули, Денот на независноста, на кој присуствуваа и двајцата лидери.

Се разговара за цел „пакет“

Според извори упатени во преговорите, иако има одреден напредок, се‘ уште е неизвесно дали денеска може да се постигне финален договор.

„Има многу прашања за кои се‘ уште се разговара. Важно е најпрво да се доближат ставовите за еден начелен договор, а деталите може да се договараат дополнително во текот на месецот“, велат тие.

Според истите извори, не се разговара парцијално, туку за „цел пакет“ решенија: „Или ќе се договори целиот 'пакет' или нема договор. За жал, досега се‘ уште не е постигнат договор за 'пакетот'“.

Во политичките кулоари, пак, се вртат разни шпекулации околу содржината на политичките преговори. Најдоминантни се тврдењата дека СДСМ бара да раководи со МВР, а им било понудено да имаат т.н. министерски контролори со врзан потпис во уште три министерствата. Според истите шпекулации, се договарало преку законско решение да се утврди и временскиот рок во кој премиерот ќе мора „да се повлече“ од функцијата, но не како исклучок, туку како правило кое ќе важи за сите наредни избори.

Сеапк, сите се во очекување дека неизвесноста ќе биде прекината со посетата на американскиот помошник државен секретар, Викторија Нуланд, која во рамките на турнејата во регионот на 13 јули ќе допатува и во Скопје. Денеска во Македонија е американскиот конгресмен, Елиот Енџел, кој исто така ќе има средби со партиските лидери.

Надвор од рововите

На денешната лидерска средба во улога на набљудувачи повторно ќе присуствуваат амбасадорите на ЕУ и на САД, Аиво Орав и Џес Бејли, кои деновиве имаа интензивни средби со првите луѓе на партиите со цел да се приближат спротивставените ставови.

Апел за изнаоѓање решение за излез од политичката криза, стигна и од претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

Gorge Ivanov
Иванов: Македонските лидери мора да ги урнат менталните ѕидовиФотографија: MIA

„Македонските лидери мора да ги урнат менталните ѕидови и да ги затрупаат менталните ровови. Граѓаните со вознемиреност гледаат како со секоја наредна политичка криза менталните ѕидови се надградуваат, а политичките ровови се продлабочуваат. А од високите ѕидови и од длабоките ровови сè потешко е да се види лицето на политичкиот противник. Во вакви сложени услови, лидерите на политичките партии мора што поскоро, преку дијалог, да дојдат до решение со кое ќе се надмине оваа политичка криза“, рече Иванов, нагласувајќи дека за само шест години Македонија се соочила со три политички кризи, секоја подлабока од претходната.

Неопходноста од решение ја потенцираше и шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, кој е во преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето дали Брисел го вклучил црвеното светло како знак дека истекува рокот за постигнување на договор и за спас на препораката за преговори, Попоски одговори: „Не е потребно црвено светло, за да знаеме дека политички дијалог кој би водел до решение е во наш интерес, многу повеќе отколку на кој било фактор надвор, вклучително и на Брисел. Потребно ни е решение на политичката криза заради Македонија, за да не мора македонските граѓани и македонската економија да плаќаат цех кој е непотребен и во интерес на сите е да го избегнеме“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Апасиев, лидер на Левица

Колку многу агенти

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница