На ЕУ ѝ се гледа крајот, а потоа? | Свет | DW | 18.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

На ЕУ ѝ се гледа крајот, а потоа?

Во моментов се бара најмал заеднички именител, колку за ЕУ да преживее. Во ваква форма таа нема никакви шанси. А што може да проилезе? Колумна на Зоран Јордановски.

ЕУ е во егзистенцијална криза. Околу дијагнозата нема недоразбирања и разлики во нејзините редови. Разлики, и тоа драстични, доаѓаат до израз во поглед на оцените за причините кои доведоа до толку длабоката криза, а уште повеќе во однос на излезните решенија. Во моментов тука е залудно да се бара согласност – ставовите се премногу дивергентни. Без длабока анализа со искрена желба да се откријат причините за кризата, пак, не е ни можно да се најде најмал заеднички именител за иднината.
На прв поглед, по одговорот не треба многу да се трага – сите актуелни дебати во Унијата се под белегот на бегалската криза, со меѓусебно префрлување на вината и одговорноста. И брегзитот (референдумското решение на Британците да ја напуштат) ги растресе темелите на ЕУ, која пред две и пол децении изгледаше како тврдина во која сакаа да си најдат место под сонце европските држави кои во тој момент беа надвор од нејзините ѕидишта. Нејзината привлечна сила во меѓувреме значително опадна.

Несомено е дека обете работи одиграа битна улога за забрзувањето на кризата, беа нејзин катализатор. Но, тие се сепак само непосреден повод. Причините се подлабоки и им претходат и на брегзитот и на бегалската криза. На тоа, почитувани читатели, се задржав веднаш по британскиот референдум во колумната „Непроценлива услуга нa Камерон за Европа“.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App

Зоран Јордановски



Вродени дефекти на ЕУ и слаба „медицина“ за нив

Кон работите што ги набројав таму мора да се додадат и вродените слабости на ЕУ како заедница на премногу разнородни конститутивни субјекти. Во проектот за „обединета Европа од Атлантикот до Урал“ немаше вградено функционални решенија за надминување на разликите. Тие требаше да се бараат во од, при што беа направени премногу грешки во чекори. Предвременото воведување на заедничкото платежно средство еврото, без да биде претходно создаден вистинскиот економски амбиент за него, е една од нив. Наместо воедначување, драматично се продлабочуваат разликите внатре во ЕУ меѓу богати и сиромашни држави (но и богати и сиромашни граѓани во секоја од нив!), меѓу конкурентни и болни економии, меѓу подносливо и неподносливо задолжени земји членки. Политичките лидери од годините на зачетоците на ЕУ (Монтањ-унијата за јаглен и челик) па сѐ до последната деценија на минатиот век и милениум се раководеа од големи идеи, завршно со падот на Берлинскиот ѕид – со него и на комунизмот, со што беше означен крајот на Студената војна. Нивните наследници не успеаја да го надградат проектот со тоа што ќе ги отстрануваат веќе воочените слабости.

Реализацијата на проектот, освен вербално, од идеолошки причини никогаш вистински не ни одела кон тоа тој навистина да се протега до Урал, дури ни во моментите на надминување на блоковската поделеност и крај на социјалистичкиот експеримент. А така Европа би имала многу побитна поврзница со Азија, отколку преку Турција, која со само мал дел географски припаѓа кон континентов. Не гледам дека Турција идеолошки е близу до Европа – декларативно таа навистина сака да членува во ЕУ и припаѓа кон НАТО, но гради политички систем врз принципи кои токму го отфрлаат западниот начин на живот.



Имаат ли европските лидери идеи како понатаму?

Самитот на ЕУ не даде одговор за нејзината иднина. А и како да даде во услови на јасно видлива поделеност според интересите и приоритетите: табор на медитерански презадолжени земји со кризни економии, развиен северозапад, централноевропски земји од поранешниот Источен блок, балтички и скандинавски земји. Во Братислава шефовите на држави или на влади само купија време. Концептот за идниот развој на ЕУ треба да биде изготвен до март. Дотогаш би требало да биде отворена и постапката за излегување на Велика Британија.

Љубопитен сум да видам што ќе смислат европските лидери. Фактот дека на самитот во Братислава тие оживеаја некои стари планови (заеднички европски одбранбени сили, на пример) покажува дека во моментов воопшто немаат никакви нови идеи. Убеден сум – не само поради тоа - дека оваа ЕУ нема да опстане.

Но, тоа не значи и дека ќе биде распуштена. Долгиот период на мир и просперитет во големи делови од континентов зборува за неопходноста од некаква форма на европско заедништво. Сега мора да се дефинираат контурите на идната Европа, нејзините принципи и цврсти механизми за заштита на тие принципи. Дилемата ќе биде меѓу некоја полабава форма на унија со враќање дома на дел од надлежностите што им беа префрлени на европските институции - или Европа со две, можеби дури и со повеќе брзини, можеби и со две различни по вредност евра. Во меѓувреме е променет амбиентот во општествата на ЕУ. Градењето заеднички европски идентитет се „сопна“ на јакнењето на национализмите. Подемот на крајно десничарски и популистички партии, како израз на незадоволство од политиката во целина (националната и во институциите на ЕУ) укажува на нужноста и од нова политика. Етаблираните партии и политичари и нивните рецепти за решавање на проблемите имаат сѐ помала поддршка. Незадоволството на граѓаните од ЕУ каква што е сега, но и во еден подолг временски период, оти тоа не настана преку ноќ, е клучен факт.

Од грешките мора да се учи, ама не очекувајте од денешниве политичари (а и воопшто од политичарите!) да си ги признаат грешките - поради страв од последиците за нивните кариери. Но, нивната улога во историјата е веќе испишана, само што вистински ќе се чита од временска дистанца.

DW.COM

Реклама